2 декември 2018/4 јануари 2019 лето Господово

 

Денес се раѓа од Дева Оној Кој во рака го држи сето создание; во пелени, како овоземен, се повива Оној Кој е недопирлив по природа; во јасли легнува Оној Кој во почетокот со збор ги утврди небесата; од дојки се храни со млеко Оној Кој во пустината им пушти на луѓето манна; Мудреците ги повикува Младоженецот на Црквата; нивните дарови ги прима Синот на Дева. Се поклонуваме на Твоето раѓање, Христе; се поклонуваме на Твоето раѓање, Христе; се поклонуваме на Твоето раѓање, Христе, покажи ни ги и Твоите Божествени богојавленија!

Со своето премудро тајноводство, Црквата Христова, преку нејзината богата химнографија и богослужбена традиција, веќе длабоко нѐ воведе во големата тајна на празникот на Рождеството Христово. Така, денес, според востановениот литургиски типик, во Претечевиот храм на Бигорската Обител беше отслужено последованието на т.н. царски (или велики) часови, коишто, всушност, го одразуваат навечерието на Рождеството.

Се нарекуваат царски, затоа што во древното Источно Римско царство се извршувале во присуство на царот и завршувале со многолетствие за него, како и за патријархот. Главната особеност на царските часови се состои од пеењето на дванаесетте празнични тропари, со читање на Давидови псалми, старозаветни пророштва, апостолски и евангелски зачала, чијашто содржина ја претставува смислата и значењето на празникот. Претскажувачкото ехо на Стариот Завет наоѓа свој одзвук во апостолските четива и во прекрасните стихови на тропарите. Извадоците од Евангелијата, пак, веќе јасно го раскажуваат збиднувањето на големото таинство на воплотувањето на Словото Божјо.

Особено раскошен по содржина е деветтиот час, кога канонархот велегласно и хармонично ја рецитира трогателната стихира: Денес се раѓа од Дева… Исто така, според древната пракса, нашиот канонарх во продолжение ги изговори многулетствијата, најнапред за претстојателот на првопрестолната и Мајка Црква во Константинопол и Вселенска патријаршија, Неговата Сесветост, г. г. Вартоломеј, па потоа со ред и на останатите претстојатели на помесните православни Цркви, вклучително и на новопризнатата Православна црква во Украина, г. Епифаниј, што претставува голема радост, бидејќи во православната екумена најпосле се исцели една долгогодишна рана. Овој свечен чин заврши со многолетствие во чест на нашиот Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, Неговото Блаженство г. г. Стефан, потоа на нашиот многупочитуван архипастир на богочуваната Дебарско-кичевска епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј и најпосле за нашиот старец и игумен, Архимандрит Партениј.

Царските часови се навистина едно благодатно богослужбено доживување на една особена празнична атмосфера, во која временото бледнее, речиси исчезнува и му отстапува место на вечното. Дверите на Рождеството Христово сега стојат пред нас отворени…

Да ги отвориме и ние нашите срца, за новородениот Цар на срцата човечки да се всели во нив! Им посакуваме добар и радосен Божик на сите!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 Извор: Бигорски манастир