Скопје,28.10.2018 год.- Соборен храм на св. Климент Охридски

На денешен ден (28.10.2018 год.) во  нашата света, соборна и апостолска  Цркви се прославува:

  • Преподобниот маченик Лукијан, презвитер антиохиски
  • св. 40 Битолски препод.мч-ници,  преп. Ефтимиј Нови

 

 

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 16:19-31

19.     Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше.
20.     Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова;
21.     и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови.
22.     Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа.
23.     И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазара во крилото негово,
24.     и, откако извика, рече: »Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!«
25.     Но Авраам рече: »Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш.
26.     Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.«
27.     А тој пак рече: »Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа,
28.     зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!«
29.     Авраам му рече: »Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!«
30.     А тој рече: »Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.«
31.     Авраам му рече: »Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.«“

 

 Денес, на 15-ти април  2018 година, во Соборниот храм на св. Климент Охридски, презвитер Зоран Пецовски  отслужи Божествена Литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.Во текот на Литургијата отецот произнесе празнична беседа

 

 

 

 

 

 

 

„Пред сè, да обратиме внимание на фактот дека во оваа парабола Спасителот го потенцирал името на сиромвиот, кој се викал Лазар, додека, пак, богатиот е безимен, односно, неговото име никаде во параболата не се спомнува. Тоа има длабоко значење. Секој човек има име, кое е дадено од Бога. Тоа име во себе ја содржи целта на човечкото постоење и неговиот повик во себе да го востанови Божјиот образ преку добродетелите. Човекот може да го реализира Божјиот план, кој уште од почетокот е заклучен во неговото име, или, пак, да не го реализира. Ако човекот умеел да го реализира, ако умеел да израсне во полната мера на Христовиот раст, тогаш, по неговата смрт, Господ ќе го сретне, ќе го познае, ќе го повика по име, зашто на Страшниот Суд Он ќе ги познае сите оние, кои Му биле верни. Ако, пак, човекот не успеал да го реализира својот потенцијал, ако не го оправдал своето назначување на земјава, ако не израснал до онаа мера, до која бил должен да израсне, ако не живеел според Божјите заповеди, тогаш, во идниот живот тој ќе премине како безимен. На таквите луѓе Господ им говори дека не ги познава. Токму затоа, во параболата за богатиот и сиромавиот Лазар, едниот е повикан по име, а другиот не, од причини што едниот го исполнил своето назначување, а другиот не. Можеби ќе се запрашаме: Зарем назначувањето на Лазар се состоело во тоа што тој бил беден и бескорисно лежел пред вратите на богатиот? Апсолутно, не! Неговото назначување се состоело во постојано благодарење на Бога за сè и постојано трпење на страдањата преку смирение. Бедотијата и отфрленоста од повисокиот и побогатиот социјален слој за него биле крст, кој безропотно го носел до крајот на животот. И кога претешкиот и престрадалнички живот завршиле, Господ го признал за свој верен слуга, кој го исполнил своето животно назначување.“

 

 

 

 Преминпортал (к.т.)