prepjoakim2018 1

prepjoakim2018 2

 prepjoakim2018 3

Објавено: 29 Август 2018

„Преблажени отче Јоакиме, сјаејќи како ангел со јасниот живот, уште од младоста си станал сад пречесен, издигнувајќи се повисоко од човечкиот живот, богомудри, постојано овенчувајќи ја душата со добродетели“ (песна од канонот на Утрена на преподобен Јоаким Осоговски).

prepjoakim2018 4

На 29.08.2018 година, на празникот на Неракотворниот образ на Господ Исус Христос и на денот кога го празнуваме споменот на преподобниот Јоаким Осоговски, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администартор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески, Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост. 

prepjoakim2018 5

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Во XI век, Македонската земја беше благословена од страна на Семилостивиот Бог со блесокот на ново светило на нашите простори. Тоа е светиот Јоаким Осоговски, чијшто спомен, нашата света Црква, денеска го чествува. Овој светилник силно го осветлува патот на многу генерации и на многу народи кои, со искрена вера и молитва, му се обраќаат. Чудесен и голем светител Бог издигна од нашиот народ. Тој, со неговите молитви ги осветлува и просветлува христијанските души веќе илјада години, на патот кон Христа и кон царството Божјо.

Какви сè непријатности го снаоѓале нашиот народ на нашата земја! Светлите и радосните мигови се должеле на силата којашто доаѓала од духот на овој голем Божји угодник. Кога на земјава надвиснувале мрак и тежина, св. Јоаким бил светилник кој во мракот свети, бидејќи духот на светителот го озарува Господовиот Дух, кој, преку сите времиња, свети и темнината не може да го опфати.

Осоговската планина духовно процветала како прекрасна градина со најубавиот крин, а тоа бил самиот светител. Патеки на нови бујни води на Божјата благодат се разлеале со небесна убавина и најсилно била отелотворена во самиот Божји угодник, односно во светиот Јоаким Осоговски. Повеќе од X века, нашиот народ, особено во северо – источниот дел на Македонија, ги вперува духовните очи кон оваа свештена планина. Планина, којашто постојано свети со пламенот на Божјиот Дух, за да се открие пред срцето на благочестивиот народ, под полнотата на величествениот образ на Божјиот угодник.

Со смиреност и побожност, се поклонуваме пред неговиот лик и пред неговото дело. Да принесеме молитви и пофалба на св. Јоаким, а со тоа, ќе се оддалечиме од нашите секојдневни животни обврски и грижи, приклучувајќи се кон мноштвото поклоници коишто одат по патиштата на верата, надежта, богољубието. И ние, денеска, собрани во овој манастир, да го слушнеме шумот од чекорите на поклониците кои, со смирено срце и вера, одат кон светата Осоговска обител. Да се присоединиме кон нив и да Го величаме Бога кој ни испратил таков голем молитвеник.

Голема е нашата потреба од поткрепа од Божјите угодници. Голема е нашата потреба од поткрепата на св. Јоаким, како чеда на светата Црква. Затоа, треба да го молиме да биде наш застапник пред Бога и Духот Божји да се всели во нас. Ако Светиот Дух Божји се всели во нас, ќе бидеме силни, како што нè учи Евангелското четиво. Оние што примаат сила од Бога, преку верата и почитта кон Божјите угодници и им оддаваат слава и благодарност, тие ќе ги надминат сите маки и тешкотии во животот кои стојат на патот на доброто, љубовта и спасението.

Но, што ни е потребно? Потребно е нашата вера да не ослабува, да не опаѓа доброто во нас и да не го заборавиме милосрдието, човекољубието и љубовта. Потребно е духовно да се доближиме до Христа и да имаме отворено срце за Неговиот Дух, па кога сето тоа ќе го имаме, ќе можеме и ние да се приближиме кон Бога. Покрај тоа, потребно е да придонесуваме, на тој духовен план, и за нашиот народ, за нашето општество. Да ги закрепнуваме, како на духовен, така и на материјален план, но, секогаш со Бога и со молитва да можеме, како заедница, да Го славиме Бога. Од Него, пак, да ги примиме богатите дарови а по застапништвото на Божјите угодници, а особено на св. Јоаким Осоговски, кон кого со искрена молитва прибегнуваме.

Да го прославуваме св. Јоаким и да му принесуваме усрдни молитви од длабочините на нашите срце. Да бидеме убедени дека Бог е Оној Кој држи сè во Својата рака. Да ја пружи Својата рака над нашиот народ и да ни биде покровител, заштитник и дарител на секое добро. Па така, да искажеме благодарност на Бога, Кој нè огреа со Својата светлина преку големиот угодник кој засветли над нашата земја, светиот Јоаким Осоговски. Нека е слава и благодарност на Севишниот, сега и во сета вечност. Амин!


prepjoakim2018 6
 
prepjoakim2018 8

prepjoakim2018 9

prepjoakim2018 10


Св. Јоаким Осоговски
29.08.2018 год.
Манастир „Св. Климент и Пантелејмон" – Плаошник, Охрид