preobrazenie2018 1

Објавено: 19 Август 2018

„Благи Боже, Кој со Својата светлина ја освети сета вселена, се преобрази на Гора висока, откривајќи им ја на Твоите ученици силата Твоја, бидејќи светот го избави од престапот. Затоа Ти викаме: Милосрден Господи, спаси ги душите наши“ (Литиска стихира на Вечерна на Свето Преображение на Господ Исус Христос).

 preobrazenie2018 2

На 19.08.2018 година, денот кога го прославуваме празникот Свето Преображение на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, според вековната црковна традиција, беше осветен новиот лозов плод, од кој ќе биде произведено новото вино, а кое, на чудесен начин, како и самиот настан на светото Преображение, на светата Литургија ќе стане света Крв Христова. На самиот крај, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.


preobrazenie2018 5
 
preobrazenie2018 10

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Православна црква прославува еден од Господовите празници, односно, го прославуваме Преображението на Господа Исуса Христа. Црковниот богослужбен празничен круг е направен така што, од Раѓањето на Господа Исуса Христа, па сè до Голгота, сите празници се надополнуваат еден со друг, а сè со цел, да ја откријат смислата на човековиот живот. Целиот богослужбен круг е историја на преобразување на човековата душа, победа над гревот и победа над смртта. За да го разбереме сето тоа, треба да го разгледаме и Неговиот, Христовиот живот.


Господ Исус Христос, откако се помолил, се искачил на планината Тавор со тројцата Свои најблиски ученици. Он не ги зема сите ученици, бидејќи меѓу нив е и Јуда. Господ не сакал тој да ја види Неговата слава предвреме. Христос ги зема само избраните ученици, и тоа, Петар како прв по верата, Јован девственик по чистотата и прв по љубовта, Јаков, неговиот брат, прв по трпението и во венецот маченички. Другите ученици сè уште не биле подготвени да ја поднесат славата Господова.


Пред Преображението, Господ почнал повеќепати и поотворено да им зборува на учениците дека е Месијата и дека е со нив. Им зборувал и за Неговата блиска смрт. Со тоа сакал да ги подготви за претстојните искушенија и крстните страдања на Богочовекот. Ги наоружува со силата на верата и им го јавува Неговото Божествено достоинство.


Господ Исус Христос се искачил на високата планина Тавор, каде што се помолил на Бога Отецот. Неговата молитва била невообичаена. „И кога се молеше, видот на лицето Негово се измени" (Лк 9, 29). „Лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина" (Мт 17, 2). Молитвата била толку силна што ја покрила сокриеноста во човековата природа. Полнотата Исусова го проникнало целото Тело и засветлило во лицето, не мешајќи се, туку, тоа ја осветлило и облеката. Како што ни сведочат евангелистите, Господ се преобразил пред учениците. Тие, пак, не можеле да ја гледаат светлината и убавината на Богочовекот. Паднале на земјата со лицето надолу. Но, виделе и друга убавина Божја. Покрај Божјото Преображение во слава, виделе и двајца пророци. Ги виделе Илија и Мојсеј. Првиот бил издигнат на небото без да вкуси смрт и во последниот ден ќе дојде да проповеда дека се приближува царството небесно во полнота. Господ повторно ќе дојде. Но, ќе дојде во слава, а не во страдања. Во таа слава на секого ќе му даде според заслугите (Рим 2, 6). Мојсеј, пак, се упокоил, затоа што и праведниците примаат смрт.


Кога прекинало ова прекрасно видение, учениците повторно Го виделе Господа, онака, како што бил и претходно. Им укажал дека се приближува времето на Неговото страдања и затоа тие не треба од ништо да се соблазнуваат и да не се посомневаат во нивните срца, дека Он е вистинскиот Месија, вистински Човек и вистински Бог.


Господ покажал дека целокупната човекова природа се преобразува. Дури и облеката се направила побела од снег, а тие се очистиле од сето недостојно во луѓето. Се очистиле од сето она што ни попречува да влеземе во царството Божјо. Затоа овој празник е обновување за душата.


Сите имаме можност и можеме да се обновиме во тајната на крштението, во тајната на покајанието, а особено во тајната на причестувањето. Човекот, со своите солзи, со својата длабока вера, трпение, кротост и љубов, да го преобрази својот животен пат. Дури и овде, во нашето време, во нашиот животен пат, можеме да го вкусиме преобразувањето на човекот. Имаме можност да се сретнеме со такви луѓе, со луѓе кои навистина Му служат на Бога, им се восхитуваме на светоста и на нивното разбирање на сите човечки потреби и велиме: „Боже, овој навистина е човек кој свети и блеска". Сè е возможно, но потребно е да ги оставиме грешните патишта. За да го видиме своето срце, на почетокот должни сме да го очистиме своето тело и својата душа. Човекот прво треба да го измие садот, а потоа може да види што има во него. Така е и со нас луѓето. Ако од нас ги отфрлиме страстите и пороците, и ако застанеме на патот кој води кон Христа, тогаш ќе согледаме што се случува во нашата душа, и со ужас и трепет ќе повикаме кон Семилостивиот Бог, како што правеле древните свети отци, кои денес ни се јавуваат како светли примери.


Прославувајќи го денеска светлото Христово Преображение, и ние, со тројцата апостоли, да ја засведочиме Неговата слава на Преображението. Со молитва да отфрлиме од нас сè што е земно и грешно, и да го засакаме возвишеното и благородното. Така преобразени, очистени и осветени, постојано да го славиме името на Севишниот, сега и во сета вечност. Амин!

 preobrazenie2018 6

preobrazenie2018 8

preobrazenie2018 9

 preobrazenie2018 11

preobrazenie2018 12

preobrazenie2018 13

preobrazenie2018 15

 preobrazenie2018 16

Преображение Господово
19. 08. 2018 год.
Црква „Св. вмч. Георгиј" – Струга

Дебарско- кичевска епархија