ilinden2018 1

Објавено: 02 Август 2018

„Ние те познавме како ангел на земјата, божествени пророче, и како човек Божји на небесата, како што и Самиот Господ рече: Бидејќи си жесток човек, Илија, и не можеш да го трпиш Израилот кој греши, качи се ти при Мене, а Јас ќе слезам долу“ (песна од канонот на Утрена на св. пророк Илија).


ilinden2018 2
 

Централната прослава во нашата Епархија, на големиот православен и национален македонски празник св. пророк Илија - Илинден, како и празнувањето на светите пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, и оваа година се одржа во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево. Празнувањата започнаа ден порано, на 01 август, со Празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Ефросиниј, свештеникот Александар Матески и ѓаконот Христијан Костоски.
ilinden2018 3
 
ilinden2018 4


Утредента, на 02 август, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Спасе Стефановски, Стојан Јанковски и Никола Христоски, протоерејот Сашо Додевски, еромонахот Ефросиниј, свештеникот Александар Матески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, беше отслужен и Парастос за сите порано упокоени православни браќа и сестри, кои својот живот го положиле за слободата на Татковината и Црквата. За време на Литургијата, како знак на благодарност за нивната животна посветеност и пожртвуваност за Македонската православна црква, Митрополитот Тимотеј им подари по еден прекрасен граден крст на протоереј-ставрофорите Спасе Стефановски и Стојан Јанковски. На самиот крај, беше прочитано и Илинденското послание, со кое Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепискпопија, им го честита големиот празник на сите верни чеда. Истото ви го пренесуваме во целост.   

† СТЕФАН

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО

И ДО СИТЕ ЧЕДА НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА!

Сé има свое време,
и секоја работа под небото
- има свое време.[1]

Возљубенипразникољупци,

Секое време е проникнато од Божјата промисла и на човечкиот род секогаш богомудро му се нуди вечното спасение. И во овие времиња, преполни со соблазни и искушенија, со војни и судири, со присилни преселби и селидби, ние, христијаните, сме повикани овде на земјата да ја шириме пораката од небото, пораката за љубовта и правдата, за мирот и вистината. Какви неволи и тешкотии да нѐ снајдат, не треба да очајуваме, ниту да се обесхрабруваме или да се плашиме, туку трпеливо да поднесуваме, со силна вера и со непоколеблива надеж во Божјата помош и правда. Искушенија и страданија, Бог честопати ни допушта за да нѐ испита и зацврсти во верата. Затоа, сиот наш живот треба да го поминуваме, раководејќи се и исполнувајќи ги Божјите закони и заповеди, па така да го градиме сопственото трпение, бидејќи кој издржи до крај – тој ќе биде спасен[2].

Светол пример за исполнување на Божјата волја е денешниот славеник, светиот пророк Илија. Тој е вистински богоугодник, чиј живот бил исполнет со постојани подвизи на љубовта, милосрдието и смирението. За таквиот богоугоден живот, Бог го дарувал и со исцелителна моќ[3], и со трајна почит меѓу народите. Бивајќи силен на збор и на дело, од Бога бил испратен да сведочи за вистината, а тој, со Божјата помош, го спречил идолопоконството кај својот народ и повторно го вратил во вистинската вера[4].

И ние, следејќи го животот на светиот пророк Илија, можеме и треба да се поучиме од неговите богољубие и родољубие. Неговата ревност во верата и неговата љубов кон Бога се пример за секој христијанин – за сите и во секое време. Тој со својот живот и дела, уште во Стариот завет ги исполнил Христовите зборови: Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум... и ...возљуби го ближниот свој како себеси[5]. Но пророкот не ги љубел само ближните, туку и своите непријатели[6]. Токму затоа Православната црква, знаејќи дека праведниците живеат довека и нивната награда е во Господа[7], торжест­вено го воспева, пеејќи му: „Ангел во тело, столб на пророците, втор претеча на Христовото доаѓање – Илија славен"[8].

Верни чеда во Господа,

Потребно е постојано да бидеме исполнети со страв од Бога, зашто почеток на мудроста е стравот Господов[9]. За секој христијанин би било од полза ако ја здру­жува мудроста со доброто и ако не допушта неговото доброљубие да се помеша со лукавство. Затоа треба да имаме цврста и непоколеблива вера, исполнета со љубов и преточена во дела. Оти „како што огнот загрева, водата поросува, светлоста осветлува, така и живата вера треба да се пројавува во добрите дела"[10]. Неопходно е во овие и вакви времиња силно да ја воскреснеме верата во нашите срца, „а не само по име да се нарекуваме христијани"[11]. Потреб­но е непоколебливо да ревнуваме за вистината и да не бидеме рамнодушни кон злото. Не треба да се помируваме ниту со нашите страсти и недостатоци, ниту со неморалноста и лицемерието во светот, зашто ние, христијаните, сме должни да го менуваме светот кон добро[12]. Повикани сме високо да го воздигнеме својот крст, за да потврдиме дека ја живееме верата на пророците и апостолите, на мачениците и исповедниците, и на сите кои вистински ги сведочеле својата верност и својата љубов кон Христа Воскреснатиот – Спасителот на светот.

Денешново, како и сите изминати времиња, е време за исповедање на верата, време за сведочење на Христовата вистина. Наша христијанска должност е секогаш и насекаде, преку делата и живеењето според Светото Евангелие, да ги покажеме и посведочиме светлината и убавината на Православието. Па, верата е душата на Христољубивиот народ! „Од неа зависи не само блаженството на идниот, туку и среќата на овој век; и не само среќата на секого од нас, туку и благосостојбата на сите заедници"[13]. Кога човек верува во Бога, тогаш тој ги љуби и Бога и луѓето, го љуби својот народ, го љуби татковото огниште, љуби сѐ што е негово – својот роден крај, својата Црква и Татковина. Верата нѐ учи да сакаме и почитуваме сѐ што е добро и благоугодно во овој свет, не заборавајќи ги подвизите и пожртвуваноста на оние кои со животите се вградија во нашата историја и, веруваме, се населија во небесната Црква.

Возљубени потомци на славните илинденци,

И ова наше време бара да ја чуваме и браниме нашата македонска вистина. Каде и да живееме, во Татковината или раселени по светот, само воо­ружени со Христовата вистина, и не заборавајќи ги аманетите од нашите достојни предшественици, посветените духовници и славните јунаци – ќе можеме да ја сведочиме и да ја продолжиме нашата долготрајна црковна и национална борба за опстој и за запазување на нашата слобода. Секој родољубив подвиг е оправдан, само ако е во името на правдата и вистината, и ако е вдахновен од љубовта кон Бога и во одбрана на својот народ.

Илинден е најславниот ден во македонската нацио­нална борба за сло­бода. Настанот од тој ден во 1903-та година е длабоко врежан во македонските души и срца, и оставил неизбришлив белег во нашата сенародна меморија. Затоа, Илинден е денот кога треба да се радуваме, денот кога треба молитвено да заедничариме со Бога, денот што потсетува колку е потребно да бидеме едномислени и сплотени како народ. Токму затоа таква е и молитвената порака во Крушевскиот манифест, каде се вели: „Нека Господ Бог ја благослови светата борба за правото и слободата! Нека се живи борците за слобода и сите чесни и добри македонски синови".

Возљубени родољупци,

Па, да се бориш за сопствената слобода, не значи, секогаш, да земеш оружје в рака! Еве, нашата борба трае и во овие времиња, и таа треба да биде, пред сѐ, духовна и праведна. А тоа значи да се вооружиме со Христовите добродетели на љубовта и вистината, на слогата и единството, за да им одолееме на неправдите и за да го победиме сето она што нѐ оддалечува едни од други, и од нас самите прави туѓинци и противници. Само сплотени и едномислени, исполнети со страв Божји и со достојна почит кон своето, ќе чекориме по вистинскиот пат, носејќи вистински решенија и одлуки за сите и засекогаш.

Возљубени чеда на Македонската православна црква,

Полезно е постојано да се потсетуваме на нашето минато, зашто тоа нѐ поучува и нѐ упатува како треба да ги градиме и да ги живееме нашата сегашност и нашата иднина. Чувањето на сопствената историја и на сѐ што е наше, и непоколебливото живеење по Христовата вистина, е најцврстиот темел и гаранција за нашата државност и за нашата слобода, но и потврда за основаноста на нашата црковна автокефалност.

Еве, по молитвите на свети Климент Охридски и на светиот пророк Илија, годинава се удостоивме да одбележиме големи јубилеи: 1000 години Охридска архиепископија, потоа 60 години од нејзиното возобновување во лицето на нејзината продолжителка – Македонската православна црква, како и 115 години од славното Илинденско востание. Овие настани, заедно со вториот Илинден од пред 74 години, сведочат колку се длабоки корените на нашата духовност и дека векови ја сведочат нашата црковна и национална посебност. Илинден бил и останува симбол на нашата борба за слобода и идеал што бил и останува патоказ за сите македонски генерации.

Годишнините не се само поминато измерено време, туку настани што постојано опоменуваат и поучуваат!

Нека ни е вечна Охридската Македонска Црква! Нека ни е вечен Илинден и нека им е вечен споменот на сите борци за духовна и национална слобода на Македонија! Амин!

†СТЕФАН

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и
администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски
и администратор Австралиско – сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

Илинден, 2018 лето Господово

ilinden2018 4

ilinden2018 5

ilinden2018 8

ilinden2018 9

ilinden2018 10

ilinden2018 12

ilinden2018 13

ilinden2018 15

ilinden2018 18

ilinden2018 20

ilinden2018 22

ilinden2018 24

ilinden2018 27

ilinden2018 28

[1] Проп 3, 1.

[2] Мт 24, 13.

[3] Види 3 Цар. 17, 17-24.

[4] Види 3 Цар. 18, 20-40.

[5] Мт 22, 37 и 39.

[6] Види Мт 5, 46.

[7] Мудр Сол 5, 15.

[8] Тропар на свети Илија.

[9] Изреки 1, 7; Пс 110, 10.

[10] СвятительТихонЗадонский, Житие. Слова и наставленияпастве, родителям и

детям, священникам. «Плоть и дух» Собрание сочинений, том 1.

[11] Сп. Свети Климент Охридски, „Поука за Педесетница (I)", Собрани дела:

слова, поуки, житија, стр. 306.

[12] Сп. Јн 17, 14-16.

[13] Св. Филарет Московски, цит. сп. епископ МелентијеХиландарац, Духовна

градина, стр 52.

 

Извор: http://www.dke.org.mk/index.php/3098-2018-08-02-16-17-05