Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто место. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат.
    (Дела 2,1-4).



Настанот опишан од Светиот Апостол и Евангелистот Лука во овие неколку реда од Новиот Завет, во Делата апостолски, иако навидум краток, сепак има космички карактер во историјата на човештвото и го овенчува делото на Божјиот Домострој за спасението на човекот. Заедно со светата Пасха, Педесетницата е најдревниот христијански празник. Уште од најдлабока древност новозаветната Педесетница била восприемана на два начина: како ден во кој Светиот Дух, во вид на огнени јазици, слегол над Мајката Божја и Апостолите и како педесетдневно празненство од денот на сеславното Воскресение.

Со слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите се запечатило спасението на човечкиот род од Богочовекот Исус Христос. Воедно, со слегувањето на Светиот Дух започнала и апостолската проповед, започнал светотаинскиот живот во Црквата. Затоа светата Педесетница се смета и како роденден на Црквата Христова. На овој ден таа ги примила благодатните дарови на Светиот Дух, коишто ја сочинуваат нејзината таинствена суштина. Црквата не би можела да живее без Духот Свети. А ние, нејзините членови, за да го стекнеме Духот, треба да го живееме светотаинскиот живот на Црквата, а Црквата да го повикува Светиот Дух. Затоа и секоја богослужба започнува со призивот кон Светиот Дух:



„Цару небесен, Утешителу, Духу на Вистината, Кој си насекаде, и сѐ исполнуваш, дојди и всели се во нас…“

Преблагиот наш Христос Бог ни го подари дарот на обожението преку Светиот Дух. На нас останува само со покајнички воздишки да правиме сѐ што можеме, за Духот Свети да нѐ исполни, така што нашите срца и умови се издигнат во духовните височини та слободни во Светиот Дух, секогаш да се причестуваме со небото.

Токму такво небесно причестување, по милоста Божја,  беше за нас, присутните во бигорскиот храм – мистично преобразен во апостолската одаја – светото богослужение и особено Светата Литургија, отслужена од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, како и вечерната богослужба потоа, со коленопреклоните молитви за призив на Светиот Дух.

Брза и сигурна утеха дај ни, на рабите Твоите, Исусе, кога тагуваат духовите наши; не одвојувај се од душите наши во жалостите, не оддалечувај се од мислите наши во маките, туку постојано помагај ни. Приближи ни се, приближи се Ти, Кој си насекаде, како што си постојано со Твоите апостоли, така и тие што Те љубат соедини ги со Себе, Штедре, та собрани заедно да Ти пееме Тебе и да Го славословиме Сесветиот Дух Твој! (Икос на празникот)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 Повеќе

Извор: Бигорски манастир