Скопје, 6-ти април 2018 год. - храм на св.пророк Илија, н. Аеродром

 

06 април 2018
Царски часови и Вечерна богослужба на Велики петок во храмот на св.пророк Илија

На 6 април 2018 година (Велики петок), во храмот на св. пророк Илија во скопската населба Аеродром, старешината на храмот отец Зоран Стаменковиќ отслужи  Царски Часови и Вечерна богослужба, на која символично се соврши симнувањето од Крст и положувањето во Гроб на Христовото Пречисто Тело.

 

 

 

 

[youtube height="350" width="650" align="none"]https://www.youtube.com/watch?v=TktqSlUukzY[/youtube]


„Тебе, Кој се облекуваш со светлина како со облека, од Дрвото Те симна Јосиф со Никодим и гледајќи Те мртов, гол и непогребен, од срце заплака и, ридајќи, говореше: „Тешко мене, најсладок мој Исусе, од Кого сонцето, гледајќи Те на крстот, во мрак се облече и земјата од страв се тресеше и се раздра црковната завеса; но, ете, сега Те гледам Тебе, Кој заради мене прими смрт: како да Те погребам, Боже мој, или до каква плаштаница да Те завиткам? Со кои раце да се допрам до твоето нетлено тело? Или која песна да запеам на Твоето заминување, Милостиве? Ги величам страдањата Твои, го воспевам и Твоето погребение со воскресението, извикувајќи: Господи, слава Ти!“

 

 

 

Евангелие и поука за 06/04/2018
Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 27:1-38

1.     А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини народни направија совет против Исуса за да Го убијат;
2.     и откако Го врзаа, Го одведоа, и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.
3.     Тогаш Јуда, што го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините,
4.     велејќи им: „Згрешив, оти предадов невина крв.” А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.”
5.     И како ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.
6.     Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв.”
7.     И како се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места.
8.     Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.
9.     Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви,
10.     и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ”.
11.     И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?” Исус му одговори: „Ти велиш”
12.     И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше.
13.     Тогаш Му рече Пилат: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?”
14.     И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.
15.     А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале.
16.     Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.
17.     И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?”
18.     Оти знаеше дека Го беа предале од завист.
19.     Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон, заради Него.”
20.     Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.
21.     Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?” Тие одговорија: „Варава!”
22.     Пилат им рече: „А што да направам со Исуса, наречен Христос?” Му одговорија сите: „Да биде распнат!”
23.     Управникот рече: „Па какво зло направил?” Но тие уште посилно извикаа и рекоа: „Да биде распнат!”
24.     Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!”
25.     И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!”
26.     Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат.
27.     Потоа управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него,
28.     па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница;
29.     исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Радувај се, Царе Јудејски!”
30.     И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата.
31.     А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.
32.     На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.
33.     И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, што значи: место на черепи,
34.     Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Он вкуси и не сакаше да пие,
35.     А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб;
36.     па седеа таму и Го чуваа;
37.     и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.”
38.     Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници: едниот од десната страна, а другиот од левата.

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 23:39-43

39.     Еден од распнатите злочинци хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси Себеси и нас!”
40.     А другиот, кога одговори, го искара и рече „Зар и од Бога не се боиш, кога си веќе и сам осуден?
41.     Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил.”
42.     И Му рече на Исуса: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!”
43.     А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!”

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 27:39-54

39.     А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа
40.     и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји слегни од крстот!”
41.     Исто така и архијереите, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа:
42.     Другите ги спаси, а Сам Себе не може да спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.
43.     Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол: »Син Божји Сум!«“
44.     И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.
45.     А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;
46.     а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?” А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?”
47.     А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија.”
48.     И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.
49.     Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси.”
50.     А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот.
51.     И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа;
52.     и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;
53.     па како излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и се јавија на мнозина.
54.     А стотникот и оние, што со него заедно Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сe друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој бил Син Божји!”

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Јован 19:31-37

31.     Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, оти во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилата да им ги прекршат колената и да ги симнат.
32.     Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него.
33.     А кога дојдоа до Исуса и Го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената;
34.     но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода.
35.     И кој виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека кажува вистина, за да поверувате вие.
36.     Оти ова стана, за да се исполни Писмото: »Коска Негова нема да се прекрши.«
37.     И друго Писмо пак вели: »Ќе погледнат на Оној, Кого Го прободоа.«

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 27:55-61

55.     Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што врвеа по Исуса од Галилеја и Му служеа.
56.     Меѓу нив беа Марија Магдалина и Марија, мајка им на Јакова и Јосија, и мајката на Зеведеевите синови.
57.     А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше исто така, ученик на Исуса;
58.     тој отиде при Пилата и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да го предадат телото.
59.     А Јосиф, штом го зеде телото. Го обви во чиста плаштаница,
60.     и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде.
61.     А таму беа Марија Магдалина и другата Марија, кои седеа спроти гробот.

Апостол на денот: Прво послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните 1:18-31;2:1-2

18.     Бидејќи словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја.
19.     Зашто е напишано: „Ќе ја погубам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на разумните.”
20.     Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет?
21.     Зашто светот со својата мудрост не Го позна Бога во Неговата премудрост; Бог благоволи со безумството на проповедта да ги спаси оние што веруваат.
22.     Оти и Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост,
23.     ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазан, а за Елините безумство;
24.     за повиканите, пак, како Јудејците, така и Елините, Христа како Божја сила и Божја премудрост.
25.     Зашто она, што е безумно за Бога, помудро е од луѓето, и она, што е за Бога немошно, посилно е од луѓето.
26.     Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте по тело мудри, не мнозина силни, не мнозина благородни;
27.     но Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните;
28.     Бог го избра она, што е од долно потекло и унизено во овој свет, и она, што не претставува ништо, за да го сосипе она, што е нешто,
29.     та ниедно тело да не се пофали пред Бога.
30.     Од Него сте и вие во Исуса Христа, Кој за нас стана премудрост од Бога, и правда, и осветување, и откуп.
31.     па да биде, како што е напишано: „Кој се фали, во Господа нека се фали”.
1.     И јас, браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво не со возвишена проповед или мудрост,
2.     бидејќи не сметав дека е добро меѓу вас да знам нешто друго освен за Исуса Христа, и тоа – Распнатиот.

 

 
Поука на денот: Свети Силуан Атонски
Христос се молеше за оние коишто Го распнуваа: “Оче, не им го земај ова за грев, тие не знаат што прават”. Архиѓаконот Стефан се молеше за оние што го засипуваа со камења, за Господ да не им го земе тоа за грев. И ние, ако сакаме да ја сочуваме благодатта, должни сме да се молиме за непријателите. Ако ти не го сожалуваш грешникот, којшто ќе се мачи во оганот, значи дека во тебе ја нема благодатта на Светиот Дух, туку во тебе живее зол дух. И додека си уште жив, труди се да се ослободиш од него со покајание.

 

 Преминпортал (к.т.)