Возљубени,
Ве информираме дека благодатниот оган за којшто беше најавено во јавноста дека од Ерусалим преку Софија годинава ќе биде пренесен и во Р. Македонија, се очекува да пристигне на Меѓународниот аеродром „Скопје“ на 07.04.2018 г., во периодот меѓу 19.30 – 20.00 часот. Оттаму истиот ќе биде преземен од претставници и пренесен по епархиите и храмовите низ државата.
Се покануваат заинтересираните медиуми да го проследат настанот.

 

Добро Воскресение!

 

Извор: МПЦ-ОА

 

Друго:

Благодатниот Оган од Ерусалим годинава ќе пристигне во Македонија преку Бугарија

Точно десет години откако по иницијатива и заложби на Свештената Бигорска Обител, Благодатниот Ерусалимски Оган за прв пат на Света Пасха беше донесен во Македонија од Грција, годинава тој ќе пристигне во нашата земја преку Бугарија.

Овој пат неговото пристигнување ќе биде организирано на официјално ниво меѓу двете цркви, МПЦ-ОА и БПЦ. Благодатниот Оган, на аеродромот во Софија ќе му биде предаден на Митрополитот од МПЦ-ОА г. Иларион Брегалнички, којшто ќе биде испратен со благослов од нашиот Поглавар, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан. Веднаш потоа Митрополитот Иларион со хеликоптер ќе замине за Скопје, од каде што Благодатниот Оган ќе биде разнесен по православните храмови ширум Македонија.

Благодатниот Оган годинава во Софија од Ерусалим ќе го донесе бугарскиот Митрополит г. Антониј, што според најавите, директно ќе биде пренесувано од медиумите и социјалните мрежи во Бугарија. Митрополитот Антониј треба да слета на софискиот аеродром на 7 април, Велика сабота, во 19:30 часот по бугарско време.

Со оглед на тоа што оваа година светиот Ерусалимски Оган порано ќе пристигне во престолнината на нашата земја, бигорското братство навремено ќе го донесе и во својата Обител, така што ќе нема никакви пречки богослужението на Света Пасха да започне во свое време, без одложувања. Досега, Бигорски, ползувајќи се со своите лични пријателства со претставници од Грчката црква, го носеше Светиот Оган од Солун и тој пристигнуваше приближно околу полноќ, кога всушност и треба да започне пасхалната богослужба. Од Бигорски потоа тој беше разнесуван по целата наша земја.

Би сакале да потсетиме дека Благодатниот Оган е едно постојано Божјо чудо што секоја година се случува на Велика Сабота, во Господовиот Гроб во Ерусалим. Светиот Оган е натприродно собитие, а тоа се гледа од начинот на кој се појавува, од тоа што пламенот во почетокот не изгорува, како и од фактот што тој предизвикува душевна промена кај многумина што се удостоиле да го видат. Благодатниот оган е несомнено дело на нетвараната Божја благодат, но не и самата нетварна светлина од Тавор и од Христовото Воскресение. Како што преку таинствата на православната Црква се осветуваат водата и елејот, така, во овој случај, се осветува и природата на огнот. Затоа, кон него не треба да имаме несоодветен или магиски пристап, туку онаков на каков што нѐ учи светата Црква. Со разгорувањето на кандилата и свеќите со Благодатниот Оган во православните храмови и со трикратно кружење околу храмот, започнува пасхалната богослужба. По завршувањето на Светата Литургија, верните со свеќи и фенерчиња го пренесуваат во своите домови и ги палат со него домашните кандила, за благослов на домот, но и за благодарно сеќавање на Христовото Воскресение.

 


За Благодатниот Оган ние веќе објавивме серија од неколку текстови коишто можете да ги прочитате овде.

Извор: Бигорски манастир