krstopokned2018 1

krstopokned2018 2

11 Март 2018

„Чесниот Христов Крст гледајќи го денес изложен, да му се поклониме, и верно да се развеселиме со љубов целивајќи го, доброволно распнатиот на него Господа молејќи Го, да нѐ удостои сите нас, и на чесниот Крст да се поклониме, та и вокресението неосудено да го достигнеме“ (егзапостилар на Утрена на Крстопоклона недела).

 krstopokned2018 3

krstopokned2018 6

krstopokned2018 8

На 11.03.2018 година, во Третата недела од Великиот пост - Крстопоклона недела, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред започнувањето на Литургијата, според црковниот устав, насреде храмот беше изнесен чесниот и животворен Крст, пред кого сите верници се поклонија и го целиваа, како поткрепа и утеха, потсетувајќи нѐ на доброволните страданија на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, та следејќи Го, и ние без тага и униние, да го земеме својот Крст и да тргнеме по Неговите стапки. Зашто само преку Крстот, може да дојдеме и до славното воскресение. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Оваа недела, која преставува средина на Великата Четириесетница, уште се нарекува Крстопоклона недела, затоа што за време на Утрената, светиот Крст се изнесува на поклонение насреде црква. Во Светото писмо, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене" (Мк. 8, 34). Какво значење имаат овие зборови на нашиот Спасител? Одговорот може да биде најразличен. Некои ќе кажат: Па има луѓе кои страдаат во овој свет. Но, страдаат поради нивните престапи и поради нивните лоши дела. Треба да знаеме дека таквите луѓе не го носат Христовиот крст, туку, добиваат заслужена казна за нивните недела.


Се поставува прашањето: Тогаш, што значи, да се следи Христос? Да се следи Христос и да се носи сопствениот крст значи да се живее според учењето на светата Црква. Да се живее во покајание, исповедание и во правење добри дела. Да се живее во поднесување на сите страдања и маки, од љубов, поради Христа. Најдобар пример за тоа ни покажал Господ Исус Христос, Оној, Кој немаше никаков грев. Оној, Кој правеше само добро во овој свет, но пострада како да е најголем престапник и грешник, со распнување на крст. Сето тоа го поднесе заради нас, луѓето, и за да ја исполни волјата на Оној Кој Го испрати, за да го исполни Неговото дело (Јн. 4, 34). Христос „Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст" (Филип. 2, 8). Така нѐ научи сите, со Својот пример, како доликува да Му угодуваме на Бога. Тоа значи да ги поднесуваме сите страдања, неправди и искушенија, и така да ја исполниме волјата Божја.


Повторно ќе го поставиме прашањето: Што значи, да се следи Христос? Да се следи Христос во добротворието и да поднесуваме секакви непријатности заради исполнување на волјата Божја. Христос пострада заради нас и ни остави пример како да постапуваме за да одиме по Неговиот пат. Ќе Го следиме Христа ако правиме добро и доколку страдаме, без наша вина, поднесувајќи маки поради љубовта кон Бога, поради онаа љубов каква што имаше Христос кон Својот Отец Небесен. Господ Христос, од љубов кон нас недостојните пострада и претрпе распнување за да нѐ спаси и да нѐ избави. Па така, и секој христијанин кој поднесува неправди и страдања со трпение и со смиреност, Го следи Христа и го носи својот крст и врви по тесниот Христов пат, одејќи во царството Божјо и кон вечниот живот.


Вистинскиот христијанин се уподобува на Христа, онака како што се уподобуваат војниците на својот цар. Тие се смируваат пониско од сите, но, Бог ќе ги воздигне повисоко од сите (1. Јован 4, 4). За оние што Го следат Христа во овој свет и за наградата што ќе ја добијат, најдобро ни зборува апостолот на народите: Тие се смртни на оваа земја, бидејќи нивната татковина е на небото. Живеат на земјата, но нивното престојување е на небесата од каде што Го очекуваат Спасителот (Филип. 3, 20). Одат со искинати алишта, но од внатре се облечени со царска облека. Не бараат богатства на земјата, но пред нив ќе се отворат небесните ризници (2. Кор. 4, 7). Тука биваат гонети и протерувани, но таму Бог ќе ги прими (2. Кор. 2, 17). Светот ги осудува, но Бог ќе ги оправда (Рим. 8, 30 – 33). Светот ги проколнува, но Бог ги благословува (Ефес. 1, 3). Светот ги нажалува, но Бог ќе ги успокои (2. Кор. 1, 4).


Да Го следиме Христа, не со светските похоти и страсти, туку, да се откажеме од нив, па дури и самите од себе и да Го следиме Христа. Не е доволно да Го следиме Христа само телесно, туку и со срце и душа, односно со вера, љубов и со трпение. Со кротост и смирение, претрпувајќи секакви неправди заради Христа. Каде што сега е Самиот Он, таму ќе ги поведе и последователите, според Неговото ветување „Кој ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец" (Јн. 12, 26).


Да се следи Господ Исус Христос, тоа значи да се оди по тесниот Христов пат. Тоа подразбира да се одречеме од стариот човек и да се облечеме во нов. Тоа ќе го постигнеме кога, од нас, ќе ги отфрлиме гордоста, среброљубието, славољубието, сладострастието, гневот, зависта. Да ги закопаме, да ги отфрлиме и да тргнеме по Христа. Господ Христос ни покажа најдобар пат на смирение и трпение. Само Неговиот пат е вистински кој води од земјата кон небото и во вечниот живот.


Па и ние денеска, кои сме собрани во овој храм, да се обратиме со искрена молитва кон Господа Христа. Да ни ја зацврсти верата, засили надежта, умножи љубовта, па достоинствено да го изодиме останатиот период на Великиот пост, и како вистински Христови следбеници да го дочекаме и прославиме и светлото победоносно Христово Воскресение. Амин!

 

Крстопоклона недела
11. 03. 2018 година
Храм „Св. вмч. Георгиј" - Охрид