soborbog2018 1

Објавено: 08 Јануари 2018

soborbog2018 2

soborbog2018 3

soborbog2018 4

soborbog2018 5

„Оној што пред ѕвездата Деница се роди од Отецот без мајка, денес на земјата се воплоти од тебе без татко. Затоа ѕвездата им благовести на Мудреците, а ангелите со пастирите го воспеваат твоето неискажливо раѓање, Благодатна“ (кондак на Утрена на Собор на Пресвета Богородица).

На 08.01.2018 година, на денот на празникот Собор на Пресвета Богородица, во храмот „Пресвета Богородица - Челница“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

soborbog2018 13

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска го прославуваме празникот Собор на Пресвета Богородица, но, во исто време, го прославуваме и празникот на Светите праотци. Според црковниот типик, кога Божик ќе падне во недела, бидејќи нема недела пред почеток на Нова година, овој празник се соединува со празникот Собор на Пресвета Богородица. Овој празник се нарекува сесемеен празник. Се нарекува така, бидејќи во него се прославуваат предците на Господа Исуса Христа. Според преданието, Пресвета Богородица потекнува од родот на цар Давид.


Денеска го прославуваме праведниот Јосиф, кој, на стари години, ја зел св. Дева Марија во својот дом. Ја зел за да се грижи за неа, како глава на семејството, но, без да се доближува до неа. Се вели дека првосвештеникот му ја поверува св. Дева Марија, за да се грижи за неа, за нејзината чистота и девственост, но, и за нејзиниот живот. Навистина, тој покажува родителска грижа кон Господа Христа. И покрај тоа што потекнува од царски род, Христос се раѓа во Витлеем, во овчарска пештера. Јосиф е единствениот од блиските кој се грижи за Него и, не само сега, кога се раѓа во пештера, туку, и подоцна, кога на сон, ангел ќе му се јави и ќе му каже дека треба да Го земе Младенецот и да бега во Египет, бидејќи Ирод Го бара да Го убие. И покрај големата старост, Јосиф постапува според зборовите на ангелот. Го зема Младенецот заедно со мајка Му, Пресветата Богородица, одат преку пустина и се засолнуваат во Египет. Таму, тој се труди да им обезбеди прехрана како вистинска глава на семејството. По смртта на Ирод, ќе добие вест да се врати во Палестина и ќе се насели во Назарет.


Царот Давид, пак, е старозаветен цар, многупочитуван и многу сакан од Израилскиот народ. Истиот е многу застапен во Новозаветната црква, особено на богослужението, со неговите псалми. Негов најпознат псалм е покајниот псалм, односно, педесеттиот псалм.


Трета личност, којашто се прославува денес е св. Јаков брат Господен. Овој е син на Јосиф, од неговиот претходен брак, а кој, подоцна, станал и ученик Христов, и прв Ерусалимски епископ. Својот живот маченички ќе го заврши, поради исповедањето на Господа Христа, како Син Божји на Живиот Бог. Разгневени, Јудеите ќе го турнат од Ерусалимскиот храм и така, маченички пострадува.


Сите овие примери ни зборуваат за едно семејство, кое само по себе претставува еден семеен празник. Преку тоа, и светата Црква нè поучува колку е важно да се почитува, да се респектира и да се негува љубовта во фамилијата. Денеска, кога љубовта помеѓу брачните двојки е намалена, овој празник нè повикува да посветиме поголемо внимание во нашиот христијански живот. Таа љубов, како помеѓу брачните другари, така и помеѓу родителите и децата, треба да се негува и да се пази, бидејќи семејството е домашна црква.


На крај, би сакале да наведеме и еден случај, како еден мисионер имал обичај, кога ќе влезел во некој дом, да ги праша домашните: Дали во вашиот дом живее Христос? Така, еден домаќин, на истото прашање одговорил: Одиме редовно во црква, се причестуваме, даваме доброволен прилог, славиме домашен ден. Мисионерот му одговорил: Знам дека тоа го правите. Но, тоа не е одговор на моето прашање. Прашањето се состои во тоа, дали сте допуштиле, во вашиот дом, да влезе и да живее со вас Христос? Дали помеѓу вас живее Неговата љубов, Неговото трпение, Неговото милосрдие, опростување и искреност? Дали во вас живее верата во Него за вечен живот и надеж во Неговата милост? Дали вашите деца, покрај тоа што ги храните со овој насушен леб, ги храните со Лебот на вечниот живот? Дали така живеете и дали така правите? Дали, кога вашите деца гледаат во вас, можат да видат дека во вашата куќа присуствува Христос? Овие прашања секојдневно се упатени до секој христијански дом!


Па и ние, денеска, прославувајќи го Соборот на Пресвета Богородица, да се потрудиме да обезбедиме присуство на Господа Исуса Христа во нашите семејства. Но, да не биде само со збор, туку со дела, кои потврдуваат дека сме вистински следбеници на Господа Исуса Христа. Амин!

soborbog2018 9

soborbog2018 10

soborbog2018 11

soborbog2018 12

soborbog2018 14

soborbog2018 15

soborbog2018 18

soborbog2018 19


Христос се роди!

Собор на Пресвета Богородица
08.01.2018 год.
храм „Св. Богородица Челница" - Охрид