spe-kniga

Во рамките на својата едиција „Инок“, Скопската православна епархија ја објави книгата Ширење на срцето, со поднаслов: Бидете и вие широки“ (2 Кор 6, 13) во богословието на свети Силуан Атонски и на старец Софрониј од Есекс, од aрхимандрит Захариј Захару а во превод на проф. д-р Иван Додовски. Авторот, отец Захариј Захару, е духовно чедо на отец Софрониј Сахаров, и монах од манастирот „Свети Јован Крстител“ во Есекс, Англија. Во книгата, која е зборник од слова произнесени на свештеничкиот годишен собир на Антиохиската Православна Црква во Америка, одржан во Вичита, Канзас во 2001 година, отец Захариј преку призмата на учењето на отец Софрониј Сахаров и свети Силуан Атонски, но и преку својот долг монашки опит, говори за суштествени теми: обожувањето, молитвата, смислата на духовното раководење, а во последните два текста, додадени како апендикс, отецот говори за монаштвото. Притоа, бидејќи станува збор за беседи, после секој од текстовите (транскрибираните слова) следуваат прашања и одговори, во кои отец Захариј дополнително го пројавува својот богат пастирски и молитвено-аскетски опит.

Книгава, за која сметаме дека е прекрасен и редок настан во богословската издавачка дејност на македонски јазик, може да се најде во Книжарницата на Скопската православна епархија, во просториите на Архиепископијата, а во најскоро време ќе биде достапна и во сите градски парохиски цркви во Скопје, како и во скопските книжарници.

Во продолжение ви ги пренесуваме интегрално предговорот на англиското издание на книгата, како и предговорот на преведувачот на македонското издание.

ПРЕДГОВОР

Ширење на срцето е вистински величествено изложување на природата и целта на човечкото суштествување кај двајца од најзначајните личности на современото православие: св. Силуан Атонски (1866 – 1938) и неговиот верен ученик, старецот Софрониј од Есекс (1896 – 1993). И самиот ученик на старецот Софрониј, архимандритот Захариј ја сведочи златната нишка на преданието, која се пренесува од колено на колено дотолку што неговите дела го откриваат она вдахновение што е плод на непоматено гледање на Христос во слава. Како што и самиот изложува, смирено и навидум без голем напор, токму во јасноста на тоа видение се покажува Божествената намера при создавањето на човекот.

За авторот

Неговото високопреподобие д-р Захариј Захару е член на братството на патријаршискиот ставропигијален манастир „Св. Јован Крстител“ во Англија, основан од неговиот духовен отец и раководител, старец Софрониј. Тој е признат преведувач на делата на старецот од руски на грчки јазик. Арxимандритот Захариј студирал богословие на Институтот „Св. Сергиј“ во Париз, Франција, и на Универзитетот во Солун, Грција. Во Солун се стекнал со степен доктор по теологија за неговото истражување на богословието на старец Софрониј, објавено во превод на англиски јазик под наслов Христос, нашиот пат и нашиот живот: изложување на богословието на архимандрит Софрониј.

За книгата

Книгата Ширење на срцето од отец Захариј содржи низа предавања одржани во Вичита, Канзас, во САД, за време на свештеничко советување на Антиохиската православна црква во 2001 година, како и додаток од две предавања одржани во рамките на еднодневниот собир за монаштвото. Советувањето се одржа од 6 до 9 февруари под раководство на неговото преосвештенство Василиј Еси, епископ на Вичита и на Средноамериканската епархија, а собирот беше организиран од неговиот советник, схимонахот Павле, во соборната црква „Св. Георгиј“ во Вичита, на 10 февруари. Секое од предавањата овде се објавува во целост, заедно со дигресиите[1] и со делот прашања и одговори (со исклучок на првото предавање, по кое немаше прашања и одговори).

Белешка за библиските наводи

Од практични причини, нумерацијата на наводите од Стариот Завет се дадени според мазоретскиот (еврејски) текст, кој го следат најголемиот дел англиски преводи на Библијата. Римскиот број LXX се користи за да се укаже на оние делови каде што грчкиот текст на Септуагинтата се разликува од мазоретскиот. На некои места новозаветните наводи се поправени заради побуквален превод од грчкиот изворник.[2]


Православна богословска семинарија „Св. Тихон“
на денот на св. Силуан Атонски
24 септември 2006 година

БЕЛЕШКА НА ПРЕВЕДУВАЧОТ

 

Работата на преводот на оваа книга траеше повеќе години, со големи прекини. Сè започна во 2007 година, при мојата прва посета на манастирот „Св. Јован Крстител“ во Есекс, за време на моите докторски студии во Англија. За манастирот бев слушнал многу работи, имав прочитано и неколку дела од неговиот основач, архимандритот Софрониј (Сахаров), но посетата на манастирот ги надмина сите мои очекувања. Особено ме пленија три нешта: едноставноста на просторот, раскошот на духот и, секако, личноста на отец Захариј (Захару).

Навистина, во просторот на манастирот нема големи и велечествени згради. Дворот е беспрекорно чист, градината е скромно, но убаво уредена, а дрвјата се поткастрени внимателно, со голема љубов. Сепак, во овој простор ѕирка православниот дух, особено од погледите на фреските насликани на надворешните ѕидови од храмот и од конакот. Среде оваа надворешна, можеби англиска едноставност, се негува раскошен дух на отвореност кон сите. Она што восхитува во овој православен манастир е неговото изневерување на претставите за православието како збир егзотични, скаменети, национални облици на христијанство. Монашката заедница ја сочинуваат монаси и монахињи од различни земји, дури и од земји како Франција, Швајцарија или Финска, кои не се православни. Богослужбите, пак, се извршуваат на повеќе јазици, главно на англиски, грчки и на црковнословенски, но и на француски, германски и на други јазици. Секој се смирува пред другите така што го зборува не својот, туку јазикот на другите. Според заветот на старецот Софрониј, оваа монашка заедница го сведочи сеопштиот дух на православието, оној ист дух што Црквата од Исток го чува и го негува од првите апостолски денови до денес. Со еден збор, овој манастир во Есекс е сведоштво дека суштината на православието не е црковниот етнофилетизам, туку познавањето на творечката љубов и мирот на Отецот, преку Синот, Богочовекот Христос, во Светиот Дух.

За личноста на отец Захариј, архимандрит во манастирот, еден од најверните ученици на старецот Софрониј и преведувач на неговите дела од руски на грчки јазик, кого го запознав уште при првата посета во Есекс, би можел да напишам многу. Но, овде нека биде доволно да признаам дека неговата срдечност и незаслуженото внимание што ми беше дадено, ме задолжија за навек. Свесен дека никако не ќе можам да се оддолжам за покажаната љубов од отец Захариј и од целото негово братство, помислив дека, сепак, би можел да преведам барем една од неговите книги. Така, со негов благослов, почнав да ја преведувам оваа книга, која по долги години одлагање поради моите многубројни слабости, конечно станува достапна за македонскиот читател.

Кога преводот беше веќе готов, го замолив нашиот отец, протојерејот д-р Стефан Санџакоски, познат професор по патрологија и аскетска теологија од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, да напише предговор за книгата. Тој отпрвин се согласи, но по прочитувањето на книгата, ми испрати писмо натопено со искрено смирение – истото она што го сретнуваме кај отец Захариј кога зборува за својот старец Софрониј. Имено, во писмото, отец Стефан Санџакоски пишува дека се смета недостоен и неспособен да го оценува богословското дело на „богомудриот и свет“ архимандрит Захариј, „еден од патријарсите на современото православно монашко живеење“. Сепак, читајќи го писмото, во кое отец Стефан Санџакоски зборува и за тоа како ја доживеал книгата Ширење на срцето, сфатив дека тој, всушност, ја напишал најубавата и најтопла препорака што воопшто можела да биде напишана за оваа книга. Затоа и си дозволив, место предговор, да ги пренесам овде зборовите на отец Стефан Санџакоски од писмото:

Од пред неколку седмици, имам чест да ја држам во моиве раце книгата на високопреподобниот архимандрит на Есекската монашка киновија, отец Захариј (Захару), Ширење на срцето, во превод на македонски јазик. Читањето на книгата го почнав со априорен став за нејзините несомнени квалитети. Овој мој став природно произлегува од мојот трепетен однос кон нејзиниот автор. Сепак, исчитувањето на нејзините страници ме обзеде целосно и ги превозмогна моите очекувања. Набрзо сфатив дека во моиве раце држам ковчеже полно со духовно злато. За тоа злато отците на пустината зборуваат како за духовен капитал депониран во трезорите на небесната банка. Со него се купува небото – велат тие. Книгата ја читав со апетит, а таа ја заситуваше и ја гаснеше нараснатата глад и жед по Бога живиот и по несмртните духовни вредности што произлегуваат од Него и им се даваат на луѓето. Богословието на авторот вистински го доживеав како „состојба на суштествување во Бога“ (ава Софрониј од Есекс), како „мистична теологија“ (Псевдо-Дионисиј Ареопагит) и како „исихија“ (св. Григориј Палама). Кога се работи за квалитетот на теологијата на ава Захариј од Есекс запишана на страниците од книгата Ширење на срцето, најблиска ми е и ја чувствувам како моја оценката што светиот ава Емилијан Симонопетриски ја напишал за светата агиоритска личност на ава Софрониј од Есекс: „Што да кажеме за списите на благоглаголивиот старец наш, кои ни фрлаат светлина и на она што е надвор од она што се гледа? Тие ќе бидат истражувани како едно богатство, скриено во една од највнатрешните длабочини на душата. Повеќе не ќе биде потребно да трагаме по духовните книги на древните отци и по толкувањата. Имаме чувство дека списите на старец Софрониј составуваат едно навистина ново Добротољубие. Да, навистина! Тој е прецизен зналец, сигурен компас, водич (предводник на патот што води во средба со Бога), сокровиште на спечалено знаење, кое ни ја дарува сладоста на благодатта и надежта, која срцата ги воздига непосредно во вечноста...“ Да, сите овие зборови се однесуваат и на старецот Захариј од Есекс. Всушност, таа е причината поради која јас книгата Ширење на срцето не ја прочитав, туку ја проголтав во еден здив. И јас, како што се изразува ава Јустин Ќелиски за Достоевски, можам да воскликнам за ава Захариј Есекски: „Мој учител и мој мачител!“ Но, и покрај тоа, додека ја читав книгата се чувствував како во рај. Книгата Ширење на срцето на ава Захариј од Есекс е сладосна за читање, зашто таа носи мир Божји, ја умножува љубовта и ја засилува раслабената вера на модерниот човек, чија духовност е истрошена и испокината.

 

Навистина, што може друго да се додаде за вредноста на оваа книга, напишана од една света личност, нашиот современик, старецот Захариј?

Нека ми биде дозволено да појаснам само уште за преводот. Се трудев да постигнам две нешта. Прво, да го зачувам, колку што е тоа можно, разговорниот тон на отец Захариј, бидејќи станува збор за превод на снимени предавања и одговори на прашања, кои отпосле биле пренесени на хартија и објавени во книга. Второ, да го пренесам богатиот богословски јазик на отец Захариј така што ќе ги заменам вообичаените интернационализми (главно, латинизми и англизми) во современиот македонски јазик со зборови од македонски и од црковнословенски произлез. Со тоа се прави обид да се вратат во поширока употреба некои зборови што се употребуваат во црковните кругови, а неправедно се исфрлени како русизми или бугаризми или, пак, се сметаат за архаизми во речникот на македонскиот јазик. Ваквиот избор при преведувањето на оваа книга е направен свесно, но не поради некое јазично чистотништво, туку со цел да се покаже дека современиот македонски јазик треба и може да се напојува од зборовното богатството што сме го наследиле од славното преведувачко предание на светите Кирил и Методиј и на нивниот најславен ученик, св. Климент Охридски. Се надевам дека со тоа се дава и скромен придонес кон одбележувањето на 1100-годишнината од блаженото упокојување на нашиот духовен родител, св. Климент Охридски.

Преводот на оваа книга му го посветувам на вечниот спомен на мојот незаменлив духовен пример – Петар Милошевски (1973 – 2014).

Иван Додовски
Воскресение Христово
1 мај 2016 година


[1] Во самиот изворник, почетокот и крајот на дигресиите е пренесен со зборот дигресија и крај на дигресијата (во курзив). За да се олесни читањето, сите дигресии во преводот се предадени само во накосени загради. (Заб. прев.)

[2] Македонскиот превод на библиските наводи е според второто издание на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква од 2007 година. (Заб. прев.)

 

Извор: Скопска епархија