Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, и оваа година Повардарската епархија организираше бесплатно групно крштевање во водите на реката Бабуна во Велес. На крштевката, која се одржа на 15. 07. 2017 година (сабота) и беше десетта по ред, имаше голем број луѓе кои доброволно пристапија на православната вера, примајќи ја Светата Тајна – Крштение. Бројот на оние кои пристапија кон Светата православна црква, оваа година изнесуваше 39.

Чинот на осветување на водите на реката Бабуна и Светата тајна - Крштение го извршија протоереј-ставрофор Горан Панзов, свештеник Игор Пармачки, свештеник Драги Гаштарски и ѓакон Александар Стеваноски.

Чинот започна во 10 часот, а најпрво беше извршен чинот огласување, во кој свештенослужителите ги повикаа сите оние кои дојдоа за да се крстат да се откажат од сатаната и  од сите негови дела и да се соединат со Христа. Потоа сите заедно го прочитаа Символот на верата за да покажат дека веруваат православно.Откако беа осветени водите на реката Бабуна, огласените беа помачкани со елејот на радоста и еден по еден влегуваа во реката Бабуна и во името на Отецот и Синот и Светиот Дух трикратно беа потопени, го примија Светото Крштение и станаа членови на Светата Православна Црква.

Повеќе:

https://photos.google.com/share/AF1QipOUy7BC7Gi6jKoFdQu6uqsde2k-kh6fzsGZan_JzKQEn8C_2HUovsbinPCWMriz0w?key=VjJiVmhzZHpnRXpzSGxoWHlNWUtuUi1wMHNJMENR