19-ти декември 2016 год.

ОТПРАЗНУВАН СВЕТИ НИКОЛАЈ МИРЛИКИЈСКИ ЧУДОТВОРЕЦ ВО КАШИШТЕЦ, СКОПЈЕ

Отец д-р Ацо Гиревски:

Кога е во прашање св. Никола со него е поврзан една анегдота дека „доброто дело со молчење вреди многу повеќе отколку доброто со објаснување, и неспоредливо повеќе отколку најдуховитото објаснување без добри дела“. И навистина, од свети Николај Мирликијски Чудотворец не останале никакви зборови, но: останале делата. Без никакви објаснувања, тој трипати доаѓал ноќе кај еден сиромав и тајно, низ прозорецот, му фрлал по едно кесе злато.

 

Почитувани браќа и стестри,

оваа 2016 година што изминува, беше посветена на милоста и милосрдието, наречена уште и „вонредна света година на милосрдието“. По тој повод, опшиот проглас на духовништвото беше: „Сега е време на милост и милосрдие. Важно е верниците лаици тоа милосрдие да го живеат и да го воведат во различни општествени средини“. На тој начин ќе бидат сведоци на татковската Божја близина и љубов, но и на мајчинството на Светата Црква.

Воочливо е дека на денешниот свет му е потребно милосрдие и сочуство, односно способност за емпатија. Ете, по тој повод нашата Помесна Црква преку цела година потсетуваше на примери и конкретни личности, кои во животот ја имале за цел старозаветната порака: „Клони се од зло и прави добро“ (Пс 36, 27).

Меѓу личностите преку цела година беше спомнуван и свети Климнет Охридски, којшто во своите слова и поуки ни говори за човекољубиви активности, трудејќи се и самите да станеме толерантни, трпеливи и нежни, не однесувајќи се кон луѓето неправедно и бесчуствително. Всушност кај нас православните христијани благодарение нему го имаме милосрдието и гостопримството како традиција.

Во текот на календарската црковна година практикуваме преку неделните читања од Евангелието по Лука, кој е наречен „евангелист на милосрдието“, да го подгреваме милосрдието како „заповед на љубовта“ (Ј. Златоуст). Постојат многу познати параболи за милосрдието содржани во Евангелието по Лука: за изгубената овца или за изгубената драхма (15, 4-10), или приказната за милостивиот Самарјанин (10, 30-36) и на други места во Библијата, каде што се говори за милосрдието како за една од најголемите добродетели.    

                                                                                        

Го ислушавме денешново свето Евангелие и чувме какви добри пастири може да има. Кога е во прашање нивното стадо, тие ништо не жалат; готови се да ја дадат и својата душа за своето духовно стадо: „Добриот пастир си ја полага душата своја за овците“(Јован 10,11). Таков бил за време на својот земен живот светителот и чудотворецот Николај, чиј спомен го празнува Светата Црква денес.                                

Кога е во прашање св. Никола со него е поврзан една анегдота дека „доброто дело со молчење вреди многу повеќе отколку доброто со објаснување, и неспоредливо повеќе отколку најдуховитото објаснување без добри дела“. И навистина, од свети Николај Мирликијски не останале никакви зборови, но: останале делата. Без никакви објаснувања, тој трипати доаѓал ноќе кај еден сиромав и тајно, низ прозорецот, му фрлал по едно кесе злато. (Еп.Никаолај, Охридски пролог). И не само тоа, тој им ги раздавал на сиромашните и другите почести како владика, во вид на награда, кои му ги добивал од народот. И никогаш, никогаш не мислел на своето спокојство, летал како на крилја и брзал секаде да пристигне на помош. Заборавајќи се себе си, дење и ноќе се грижел за спасение на сите.

Ете, такви се добрите пастири. Такви теба да бидеме и ние. Пастирите се жртвуваат за своите духовни чеда; и ние теба да се жртвуваме еден за друг. Да, бездруго и ние треба да го правиме ова, бидејќи всушност го запазуваме само она што сме го жртвувале за другите; за нас останува токму она што сме го жртвувале за нашите ближни, она што сме им го дале на нив. Во идниот живот ќе живееме само со она и од она што сега им го даваме на нашите ближни ‒ со она што го правиме за нив.

 

Затоа, секогаш кога им давате на вашите ближни, кога правите жртва, не вознемирувајте се. Бидете сигурни дека токму она што сте го дале, нема да загине. Свети апостол Павле вели: „Оној, кој му дава на сејачот семе, ќе му даде и леб за храна; Он ќе го умножи и семето ваше и ќе ви даде да израсте житото на вашата правда“(2 Кор.9,10). Ако за нашите дела и за нашите жртви водат сметка луѓето, тогаш би можеле да се сомневаме во тоа дали ќе ја добиеме ветената награда, но за ова се гржи Бог. И, знајте, Бог нема да ја заборави ниту чашата студена вода што сме му ја дале на нашиот жеден ближен. Нема да биде заборавен ниту нашиот збор што сме му го рекле на нашиот ближен. Не, и бидете сигурни, дека нема да загине ништо од она, што сме го направиле во полза на нашиот ближен.

Затоа, вие, помагајте си еден на друг, жртвувајте од своето за доброто на вашите ближни. Тогаш и на нас и на сите наши браќа и сестри ќе ни биде добро. Амин!