01.jpg

02.jpg

Се возобновува монаштвото во Пречиста Кичевска

29 ноември/12 декември 2016 лето Господово

 

Денес, кога го славиме споменот на блажениот син на послушанието, преподобниот Акакиј Синајски, кој во монашкиот буквар - Лествица е истакнат како пример за монах што ја придобил вечноста со своето беспрекорно послушание, по благоволение и со благослов на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, кој отсекогаш покажувал голема грижа за ова Светилиште, започна возобновата на монашкиот живот во древниот и историски многу значајниот кичевски манастир на Пресвета Богородица – Пречиста. Така, по избор на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, и во договор со сестринството на Рајчичката Обител, беше создадено новото пречистанско сестринство со сестра Харитина Јакимовска како најстара сестра (а наскоро, според благоволението на Владиката – и старешина), монахињите Нина и Теодора, и искушеничките Весне, Весна и Николина. Според благословот на монахољубивиот наш Владика, сестрите беа повикани на послушание да го продолжат континуитетот на монашкиот живот во Манастирот, после неодамнешното упокојување на игуменијата Агнија.

03.jpg
Славниот кичевски манастир на Мајката Божја, познат уште и како Крнински Манастир, бил основан уште во средниот век (најверојатно во почетокот на 14 век), но бил подложен на целосно уништување од страна на Османлиите во 1558, кога со својот страдалнички подвиг засветлиле и Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. Денешниот велелепен храм изграден од камен, кој е воедно и најголемиот манастирски храм во Македонија, датира од 1848 година, а за неговата изградба најголем придонес дале Мијаците од долнореканските села, особено Ѓурчин Кокале од Лазарополе. Ова светилиште станало дом на многу наши просветлени духовници и учители и поради тоа одиграло особено важна улога во времето на Преродбата. Уште од самото свое создавање, како една голема Богородична светиња, Манастирот бил под посебна закрила на Пречистата Богомајка, и според нејзината чудесна промисла, никогаш не бил оставен без монаштво.

04.jpg
Пречистанското сестринство е под духовното раководство и грижа на својот Старец, отец Партениј, а под молитвена закрила на нашиот многупочитуван Митрополит Тимотеј. Сестрите конечно ќе се преселат во своето ново место на подвиг, кога од страна на Митрополијата ќе бидат создадени соодветни услови за тоа.

05.jpg
Ги просиме молитвите на сите верни, благословот на Царицата Небесна да пребива секогаш над нив, за да напредуваат во монашкиот подвиг на верата и послушанието, подобно на Светиот Акакиј Синајски, кој на денот на својот спомен ги повика сестрите да го подражаваат во неговиот блажен пример.

06.jpg

07.jpg

08.jpg

09.jpg

10.jpg

11.jpg

12.jpg

13.jpg

 14.jpg

 Извор: Бигорски мaнастир

 

Друго:

01.jpg