(Обновено)

 

Библиското гледиште за правдата и праведноста во делата на свети Климент Охридски
(извадок од текстот)


Во своите проповеди и слова, свети Климент честопати правдата ја поврзува со милоста. Во Општата поука за апостол, маченик или светител тој вели: „Возљубени мои, во сегашниов век да поживееме со правда. И, бидете милостиви, за да ве помилува и вас Господ Бог, оти Господ сака вакво празнување: туѓинци да примаме и голи да облекуваме, и болни да посетуваме, и гладни да нахрануваме. Затоа апостолот рече: “Угодувајте Му на Бога”. И пак Господ говори: “Милост сакам, а не жртва“.

За свети Климента правдата не ниту апстрактна, ниту пасивна. Повикот за трезвеност и умно искористување на овој минлив овоземен живот е  чест во неговите слова. Па така, во Пофалното слово за пророкот Захарија и зачнувањето на свети Јован Крстител, тој вака поучува: „да си помагаме еден на друг, земајќи го на себе добриот подвиг; да не се приврзуваме за овој краткотраен имот што минува бргу како сенка, и по смртта ќе нè задави со клевета, говорејќи: “Ете, овој човек ме стекна со клевета, со завист ме собра, со лихва и со неправда ме спечали; тој презре и онеправда сираци, одзеде имот на вдовици, ограбувајќи ги со лихварство, поради својата ненаситност“. Очигледно е дека свети Климент го подигнува својот глас против тогашните најверојатно чести практики, од кои некои, пак, дури и нам не ни се сосема непознати.

Но, во Поуката на Рождество Христово, тој уште поснажно и подецидно, во линија на старозаветниот Декалог, се повикува на Божјите заповеди и опоменува: „Не убивај, не кради, не прави прељуба, не лажи, не сведочи лажно, почитувај го твојот татко и твојата мајка, сакај го својот ближен како самиот себе, не само блискиот роднина, туку секој што живее во Христовата вера; гладниот хранејќи го, жедниот поејќи го, странецот примајќи го и необлечените облекувајќи ги, на презвитерите чест правејќи им, зашто тие бдеат за душите ваши“.

Јасното повикување на старозаветниот Декалог е дел од Словото за Света Троица, за создавањето на светот и за судот, каде вели: „Затоа, послушај што ти напиша Бог во Законот и ти заповеда да го правиш и да го пазиш. Тој ти вели: "Не убивај, не кради, не прави прељуба, не сведочи лажно, почитувај ги својот татко и мајка, возљуби го својот ближен како самиот себе“. Но, свети Климент не пропушта да потсети и на Христовите заповеди, каде се вели: „Браќа, што има толку тешко во овие заповеди, што не можеме да го извршиме? Он не бара од нас ништо, туку вели: "Како што сакате да ви прават луѓето вам, така и вие ним правете им."

 

 Светиот Охридски Чудотворец чувствува одговорност да повика на одговорно однесување, затоа што за сето она што сме го направиле, или, пак, не сме се одважиле да го направиме, ќе следи суд и пресуда. Во Поуката за Претпразненството на Крштение Христово – Богојавление, светителот вели: „Затоа и ние, браќа, имајќи таков милостив Владика, да не бидеме мрзливи, туку да Му се молиме во сите денови за своите гревови што сме ги направиле - едни во пијанство и во лажење, други во лакомство и крадење. И за сѐ ова ќе даваме одговор пред Бога на страшниот Христов суд, или слуга, или слободен, или богат и сиромав. Тука судот ќе биде според заслугата, а не според надворешниот изглед...“.

Вистинското покајание подразбира одлучно раскрстување со гревот, но и постојан ревносен подвиг: „Престанете да правите зло и научете се да правите добро, барајте правда и спасувајте угнетени; право судете и заштитувајте сираци и вдовици” (сп. Isaija 1, 16-17).  Оти тоа е вистинското покајание, кога ќе замразиме секаква неправда (сp. Isaija 58, 6) и ќе ја направиме одвратна за нас, а не да се враќаме на поранешните гревови, како што кучето се враќа на својата блујавица“ (Похвала на свети Николај Чудотворец).

Свети Климент потсетува дека привидното веропочитување, ригидноста и фарисејската ревност се многу полоши од општопознатите гревовни дејанија, па заклучува: „ Ако, пак, некој не јаде леб и се воздржува од риба и од пијалак, и на гола земја лежи, а има злоба и чини неправда, не треба да се фали, бидејќи е полош и од скот, бидејќи скотот (животното) ниту се гневи, ниту завиди, ниту неправда чини...“ (Поука во Цветна недела; слично и во Поуката за Воведување во Ерусалим заради доброволното страдање на Господ наш Исус Христос).

Пример за праведност се светителите. Честопати свети Климент во своите проповеди истакнува дека светителите „биле луѓе како нас, но тие, откако го отфрлиле злото, поживеале во правда“ (Општа поука за апостол, маченик или светител, Поука за свети Ѓорѓи). Свети Никола е наречен „праведник и поборник за онеправданите“ (Похвала на свети Николај Чудотворец).  Сепак, главната „помошничка на онеправданите“ е Пресвета Богородица, која е наречена и „застапница за ожалостените, утешителка на очајните... крепост на мачениците и нераспадлив венец на светителите“ (Поука за Успение на Пресвета Богородица).

Во правдата е неопходно да се биде истраен. Инаку таа престанува да биде правда, а праведникот – праведник. Во Второто општо поучно слово свети Климент опоменува: “Кога праведникот ќе отстапи од својата правда и ќе направи зло, тогаш сите негови праведни дела што ги извршувал нема да бидат спомнати; тој ќе умре во своите гревови, и правдата нема да го избави праведниот во оној ден кога ќе згреши “.


Упорноста во доброто и истрајноста во правдата се императив за секој христијанин, а не формалното исполнување на заповеди и закони, држејќи ги ближните далеку од себе и така останувајќи далеку од Бога. За светителот чие име е милост – клучна е милоста, затоа што таа е неодделна и ја дава содржината и на доброто, и на правдата, и на праведноста. 

 

 

Декан на Православен богословски факултет.

Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски

 Извор: КНИГА НА АПСТРАКТИ

 

 

 

На 28 и 29 октомври 2016 година, Македонската академија на науките и уметностите организираше Меѓународниот научен собир на тема:  „МИЛЕНИУМСКОТО ЗРАЧЕЊЕ НА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“. Научниот собир се одржа во две работни сесии, првата на тема: „Книжевност, јазик и литература“,а втората : „Историја, теологија, археологија и историја на уметноста“, на кои сесии зедоа  учество голем број научни работници од Република Македонија, како и еминентни научници од Руската Федерација, Чешка Република, Словачка Република, Украина, Република Литванија и Република Бугарија.

 

 

 

Друго:

Проф. д-р Ратомир Грозданоски - БИБЛИСКОТО ИМЕ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Преминпортал (к.т.)