Објавено: 02 Октомври 2016

Горен од љубовта кон Христа и хранет со млекото на добродетелите, светиот Климент, Охридскиот Чудотворец, стана извор на милост и скоро застапништво на сите кои го повикуваат во молитвите. Најверниот ученик на словенските браќа, светите Кирил и Методиј, неуморно го продолжи нивното дело, проповедајќи го Словото Божјо меѓу македонскиот народ. Со своето севкупно дело: поучувањето, проповедањето, ширењето на христијанството на нашите простори, помагањето на сиромашните, сета просветителска, црковна, пастирска и книжевна дејност, светиот Климент се издигна во вистински корифеј на верата меѓу сите словенски народи, а особено во нашата света црква, чиј застапник и покровител е токму светиот Климент. 

Затоа и ова 2016-то лето Господов, кога се навршуваат 1100 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, беше година посветена на нашиот апостол. И кога е најдобро да се прослави овој голем Јубилеј, ако не на денешниот ден, во Неделата на сите македонски светии. По овој повод, и Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, организираше повеќе торжества, свечено и достојно прославувајќи го покрстителот и учителот на македонскиот народ.  

Празнувањето на споменот на големиот светија, се одржа во древниот Охрид, каде што и самиот свети Климент подигна манастир и каде што и бил погребан. Торжествата започнаа на 01.10.2016 година, со свечена Вечерна богослужба, во Светиклиментовиот манастир на Плаошник, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Нектариј, протоереите Јован Кумевски и Сашо Николовски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконите Антонио Дујовски и Саше Ристов. На Вечерната присуствуваа и Митрополитите Тимотеј, Агатангел и Иларион. По завршувањето на Вечерната богослужба, се одржа и свечена Академија, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид. Академијата ја отворија прекрасните гласови на хорот при соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а свечено слово одржа Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. На свечената Академија, беа доделени и два Ордени Св. Климент Охридски од I ред, и тоа на протоерејот-ставрофор проф. д-р Јован Таковски и на протоерејот-ставрофор проф. Петар Јорданов.  

Прославата продолжи утредента, со света Архиерејска Литургија, во храмот „Св. Софија“, на која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Наум, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф, Јосиф, Епископот Климент, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереј-ставрофорите Јован Таковски, Ацо Гиревски, Блажо Кожарски, Никола Грамбозов и Сашо Богданоски, игумените Агатон и Григориј, протоереите Љупчо Вељаноски, Јован Кумевски, Сашо Николовски и Никола Христоски, свештеникот Димче Азески, протоѓаконите Ратомир Грозданоски, Антoнио Дујовски, Горан Кутлешоски, Саше Ристов и Влатко Стојменов и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Петар се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа. Потоа се одржа и промоција на делото „Св. Климент Охридски - хагиографија и химнографија“, труд на протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Виктор Недески и Александар Димоски.

Промотивното слово беше на Архиепископот г.г. Стефан.

 

nedsimak2016 1

nedsimak2016 2

nedsimak2016 3

nedsimak2016 4

 nedsimak2016 5

 nedsimak2016 7

 nedsimak2016 8

 nedsimak2016 10

nedsimak2016 11

nedsimak2016 12

 nedsimak2016 13

 nedsimak2016 14

 nedsimak2016 16

 nedsimak2016 17

 nedsimak2016 18

 nedsimak2016 19

nedsimak2016 20

nedsimak2016 21

nedsimak2016 22

nedsimak2016 23

nedsimak2016 24

nedsimak2016 25

nedsimak2016 26

 nedsimak2016 27

nedsimak2016 28

nedsimak2016 29

nedsimak2016 30

nedsimak2016 31

nedsimak2016 32

nedsimak2016 33

Извор: Дебарско - кичевска епархија