svklimentvec2015 7

„Се фали градот Охрид, кој се збогати со твоето божествено тело, отче. примајќи постојано светлина и благодат која тече непрестајно. Него штити го, неразурнат од рацете на непријатели“ (песна од Канонот на Утрена на свети Климент Охридски Чудотворец).

svklimzim2015 1

 svklimzim2015 3

 svklimzim2015 4

svklimzim2015 5

 svklimzim2015 6

Торжествата по повод празнувањето на светиот Климент Охридски Чудотворец и светиот Климент папа Римски, продолжија на самиот ден на празникот (08.12.2015), кога во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоерејот Никола Христоски, свештениците Владо Недески, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски. На Литургијата, покарј многубројниот верен народ, присуствуваа и претставниците на општина Охрид, предводени од градоначалникот на Охрид, г-дин Никола Бакрачески. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 svklimzim2015 9

Митрополит Тимотеј

 
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Верата е столб на нашиот живот. Човекот од Бога е создаден како психофизичко битие, и преку неговиот столб, односно преку верата, дадена му е можност да здобие вечен живот. Верата е двигател и регулатор на нашите постапки, на нашите мисли, делувања и однесувања во овој минлив живот. Верата нè води кон нашиот вистински извор на вредности, а тоа е единиот и вистинит Бог Господ Исус Христос. Само преку верата можеме да дојдеме кај Бога. Односно преку верата можеме да се соединиме со Него и да ја спечалиме Неговата милост и благодат. Верата ни дава сила, енергија и цврстина да одиме по вистинскиот пат. Патот кој нè води кон Бога во царството небесно. Верата ни дава сила да Го чувствуваме Бога за наш родител и да се однесуваме кон Него со почит. Но, ни дава и доверба дека Он е наш единствен заштитник и помагач.


Уште во Стариот завет, боговдахновениот псалмопејач вели: „Бог ни е нам прибежиште и сила, и помошник, на секој кој во мака ќе се најде" (Пс. 45, 1), а Самиот пак Бог им заповеда на христијаните: „И повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам и ти ќе Ме прославиш" (Пс. 49, 15). Тоа може да се спореди со едно мало дете коешто има неизмерна доверба и љубов кон своите родители, и во секоја неприлика, без никакво размислување, ги шири своите раце и оди во прегратките на своите родители, не сомневајќи се дека во нив има вистински покровители и чувари.


Нашата вера ни дава сила да измолиме благодат Божја. А Божјата милост се манифестира врз христијаните преку светите таинства и молитвословија, Свештенодејствија коишто светата Црква ги разделува на своите верници. Основен услов да се здобиеме со Божјата благодат, односно со Божјите сили и енергии, е силната и непоколеблива вера во Бога, во Неговото провидение и во Неговата милост. За да ја добиеме Божјата милост, покрај нашата вера, потребен е и наш голем труд, изразен преку пост, молитва, исповед. Да се исчистиме, како физички, а уште повеќе духовно, та благодатта Божја да може да се всели во нас. Таа ќе се всели, доколку нашата душа, нашето срце и нашиот ум бидат подготвени и исчистени од лоши мисли, злоби, завидливости и слично, и само доколку отсечеме секакви зла од нашиот ум и од нашата помисла. И така очистени, измиени и препородени, ќе можеме да ја очекуваме изобилната Божја благодат. Благодатта којашто ќе ни даде сила и моќ да ги пребродуваме сите искушенија, маки и страдања, бидејќи Бог е наш покровител и заштитник: „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?" (Рим. 8, 31).


Дека ова не е невозможно, ни посведочуваат безбројните Божји угодници коишто живееле во овој свет и на овие простори. Еден од таквите, кого денес го прославува нашата Црква е св. Климент Охридскиот Чудотворец. Како што знаеме, овој свет човек живеел, проповедал и дејствувал во IX и во почетокот на X век. Тој, со неговото свето живеење, уште за време на земниот живот, се удостоил да биде обдарен со Божја благодат. Бил обдарен да лекува, да помага, да штити и да ја утврдува верната паства во словото Божјо. Како ретко кој во тоа време, св. Климент создал плејада на свои следбеници. Следбеници кои го ширеле словото Божјо и ги облагородувале луѓето со Христовата вера за спасение на нивните души. Затоа, светата Македонска православна црква го прославува како свој патрон, а градот Охрид како свој покровител и заштитник. И денес постојат верувања дека свети Климент, со виделце в раце, шета низ охридските улици и го штити градот од секакви непријателски и демонски сили. Па и ние денес, коишто сме собрани во неговиот свет манастир, да се обратиме со искрена молитва, тој да биде наш заштитник, чувар и поткрепувач на нашата вера и на нашата света Црква. Да ни ја зацврсти православната вера, да ни ја умножи љубовта Христова, па не само со збор, туку и со дело, да Го сведочиме Господа Христа и да спечалиме милост Божја и вечен и блажен живот. Амин!

 
Св. Климент Охридски
08. 12. 2015 година
Манастир „Св. Климент и Пантелејмон" - Плаошник

svklimzim2015 8

svklimzim2015 10

 svklimzim2015 11

 svklimzim2015 12

svklimzim2015 13

 svklimzim2015 14

Извор: Дебарско- кичевска епархија