Precista2015


„Ние верните, денес собрани, духовно да празнуваме и божественото дете, Дева и Богородица, во храмот Господов приведувана, набожно да ја прославиме, од сите народи однапред избрана да биде живеалиште на Царот на сите - Христа и Бога! Напред одете вие, девојки, носејќи свеќи, во чест на Приснодева која врви торжествено. Вие мајки, откако ќе одложите секаква тага, радосно следете ја онаа што станува Мајка Божја и на светот радост му донесува. Сите, пак, радосно, на онаа што е исполнета со радост и која секогаш се моли за душите наши, со ангелите да и повикаме: Радувај се!“ (стихира на Слава... и сега... на стиховни стихири на Вечерна на Воведение на Пресвета Богородица во храмот).

 Precista2015 2

Precista2015 3

На денот кога Светињата на светињите се радува и хорот ангелски ликува и пеее, зашто во храмот влегува идната Мајка Божја, непорочната Владичица, и ние се собравме во Богородичниот храм, со нашите слаби сили, да ја измолиме нашата Застапничка за помош и поткрепа на нашите души. На 04.12.2015 година, денот кога го прославивме празникот на Воведението во храмот на Пресветата Богородица, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Precista2015 5

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Денеска светата Црква прославува еден од Богородичните празници. Го прославува Воведението на Пресвета Дева во Ерусалимскиот храм. Како што знаеме, света Дева Марија била испросена со силна и искрена молитва од нејзините стари родители Јоаким и Ана. Дале завет, доколку Бог се смилува над нив и им даде рожба, рожбата ќе ја посветат на Бога кога ќе наполни три години. Како што ветиле, така и постапиле. На свечен начин, нејзините родители со нејзини другарки и роднини, ја однеле во Ерусалимскиот храм. Во храмот каде што ќе се воспитува и расте. На влезот на Ерусалимскиот храм ја пречекува првосвештеникот Захариј. Ја зема за раце и ја внесува, на општо изненадување на сите коишто присуствувале, во Свјатаја свјатих. Односно, ја внесува во најсветиот дел од храмот. Онаму каде што еднаш годишно имал право да влезе само првосвештеникот. Се поставува прашањето, од каде таа храброст и смелост на првосвештеникот Захариј да отстапи од Законот и прописите и ова тригодишно девојче да го внесе во Свјатаја свјатих? Нема поинакво објаснување, доколку го следиме човечкото мудрување, освен дека овој праведен човек слушнал глас Божји и се покорил на истиот, постапувајќи како што му било внушено.


Ова е голема благодат Божја. Благодат којашто била покажана на света Дева Марија со самото нејзино стапнување во храмот. Провидението Божјо е поинакво од човечкото разбирање. Ние знаеме дека на чудесен начин праведниот Симеон неочекувано ќе дојде да Го прими Христа на своите старечки раце. Оној Кого долги години очекувал да Го види, односно Спасителот и Избавителот на светот. Примајќи Го во своите раце ги изговара зборовите сега го отпушташ Својот слуга со мир.... Вакви примери, кога Бог испраќа гласници за исполнување на Божјото провидение, во Светото писмо имаме многу. Света Дева Марија ќе расте и ќе се воспитува во домот Божји како најчист сад. Поради таа чистота и девственост, ќе биде удостоена, во својата утроба, да Го носи Бога Словото, Господа Христа, Спасителот на светот.


Храмот Божји е место каде на посебен начин престојува Бог. Тој е место каде Бог се јавува во вселената и каде што се дава можност човек да расте. Да расте и да се искачува како по едно скалило, во зависност од неговата духовна подготвеност и спремност да се вгради во тој храм. Како што храмот е изграден од различни камења, така и живиот храм го сочинуваат најразлични луѓе кои се вградуваат во него и имаат можност да се преобразат, да се просветат, осветат и да спечалат Божја благодат. Благодат којашто ја добиваат за време на светата тајна Крштение, а се соединуваат со Бога во светата тајна Евхаристија. Така соединувајќи се, постануваат едно во Христа и браќа и сестри во Христа Бога.


И денеска, прославувајќи го Воведението на Пресвета Богородица во храмот, и ние духовно да се очистиме и да се препородиме. Па како што мајката Божја била удостоена да Го носи Господа Христа во нејзината утроба, така и ние, со благодат Божја, да бидеме удостоени да Го носиме Христа во нашиот разум, во нашите постапки и во нашиот живот. И така соединети со Него да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!

 Precista2015 6

Precista2015 7

Precista2015 8

Воведение на Пресвета Богородица во храмот
04. 12. 2015 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица" – Каменско, Охрид