Отец Гаврил: Повик за мир и разбирање

Се јавувам по повод за новонастанатите состојби во епархијата околу манастирот св. Прохор Пчински во Донибрук, за кои и јас, без моја волја, сум во центарот на збиднувањата и ова моја лична изјава ја давам за мир и разбирање меѓу нас, за која се надевам дека правилно ќе биде сфатена и прифатена од сите.

 

    На повик и со благослов од Митрополитот Петар – администратор на МПЦЕАНЗ, дојдов во Австралија во 2006 година и започнав со организација на монашкиот и литургискиот живот во манастирот „Свети Прохор“ во Донибрук. Црковниот живот брзо потоа се разви на завидно ниво: со многу млади луѓе и нивните семејства - собрани за исповед и причест, со доаѓање на нови два искушеника - заинтересирани за монашкиот живот, со организирање на посебно здружение за младите - MOYA, со почнување на изградба на нова манастирска црква – исклучиво со донации од верниците, со одржување на предавања, со поставување на црковен македонски сајт на интернет мрежата, со формирање на иконописна школа при манастирот и со многу други активности. За жал, во еден момент добив закана од свештиник при нашата епархија дека тука сум направил свое царство кое тие ќе ми го срушеле. Оттука па натаму работите тргнаа наопаку, без притоа да има некаква посебна причина.
    Потоа се случи постепено заладување на односите со некои луѓе од раководството на епархијата. Не сакам во ова да навлегувам, се знае што сѐ тоа подразбира.
    Пред една годинa, (2014) раководството на епархијата донесе уште еден игумен во манастирот. Со неговото доаѓање, за жал, работите уште повеќе се искомплицираа.
    Во истата 2014 година добив и награда за заслужeн граѓанин за придонес во општествениот живот на Австралија, од тогашниот премиер Тони Абот, што беше промоција за целата МПЦ – ОА, како и за целата македонска заедница. За жал, следуваше уште поголемо заладување на односите со истите луѓе од епархијата.
    Сето тоа верниот народ го следеше со загриженост и постепено ја губеше довербата во раководството на епархијата, колку јас и да се трудев тоа да го ублажам.
    Но, се случи што се случи и јас бев преместен во манастирот „свети Наум“ во Роклин, кој е оддалечен 150 км од Мелбурн, а манастирот „свети Прохор“ беше прогласен за женски, при кој во план е и организирање на старечки дом. Така што манастирот не е веќе тоа што беше.
    Сега се случува тоа што можеше да се предвиди - самоорганизирање на верните да го вратат манастирот во живот. За таа цел собираат и потписи кои ќе ги достават до епархијата, и ништо повеќе од тоа. Никој не е против надлежниот владика и не треба да биде.
    Нивното оправдување е: кој утре ќе има доверба да се организира и со љубов да изгради манастир од свои сопствени средства, во кој ќе се црквува и духовно ќе расте под духовно раководство - ако нема сигурност дека тоа ќе опстане. Се чувствуваат духовно напуштени и изневерени и од мене и од раководните луѓе на епархијата.
    Јас сега се наоѓам на крст, од една страна сакам да ги слушам надлежните – во таа смисла и заминав во манастирот кој што ми беше посочен, па дури и изјава потпишав против петицијата на верниците по послушание, а сѐ заради мое смирение и мир во домот, но од друга страна, моите духовни чеда – кои се чувствуваат онеправдани, кои иако знам дека ме сакаат исто како и јас нив, ми откажуваат послушание, знаејќи дека јас како човек не сакам никому да создавам проблеми, а посебно не на својата Црква.
    Сето тоа, за жал, создава нова поделба во епархијата и во македонското ткиво во Австралија. Не спомнувам имиња, затоа што мислам дека сите сме луѓе и како такви грешиме, за да остане простор за општо покајание и помирување. Јас прв барам прошка ако на некој нешто сум му згрешил, а и од мене сѐ е простено. Мислам дека со малку повеќе осет, за тоа колку верниот народ може да ги сфати и поднесе наглите промени, можат да се решат сите проблеми на МПЦ – ОА во Австралија. Со Господ напред и добра волја од сите, верувам ќе биде!

Јас повикувам на мир и единство и почит кон Владиката, а истовремено ја кажувам вистината за полесно да се најде решение. Лагата само ги комплицира работите и не оддалечува од Вистината.

Извор: http://radioilinden.com.au/avstralija/631-otec-gavril-povik-za-mir-i-razbiranje