01.jpg

Собир на православната младина од Европа и светот

02.jpg

03.jpg

Живејќи во време на секуларизација на општеството и распаѓање на традиционалните вредности, православната младина е лицето на нашата Мајка Црква, и сведочи за Христа пред современото општество. Од тоа, во која мера секој од нас ќе го наполни својот живот и животот на своите ближни со вистинскиот христијански дух, зависи какво ќе биде Православието во овој век.
Со вистинските проблеми на современата младина се занимаваат многу науки. Црквата и свештенството, кои учествуваат во воспитувањето на младината, се должни да го откријат младото поколение како исклучително важен фактор не само за општеството, државите, но и за Црквата. Да се воспита благочестива, добродетелна и одговорна личност е приоритет на христијанската педагогика. Да се познае Бога, човекот, општеството, да се помогне на човекот да се пронајде самиот себеси, да го најде својот пат во животот – не е лесна наука, зашто е поврзана не само со педагогиката, психологијата, филозофијата, литературата, но и со верата, духовната и црковната практика. Тешко можеме да ја оспориме тезата дека денес младината е основниот иновативен потенцијал, не само за современото општество, како суштествен гарант за развивање и напредок, но и како движечка сила за успешната мисија на Црквата. Без темелен преглед на улогата на младината во Црквата, без наоѓање на нејзиното достоинствено место во социумот, општеството не може да се развие во целост, а тоа придонесува во Црквата, а исто така и во државата да нема иднина. Православната младина е краеуголниот камен, на кого ги полагаме сите надежи за иднината на Светата Црква.
Но краеуголен камен на православното воспитување и религиозното образование не се добива само на часовите по веронаука. Формирањето на духовно-моралната, творечка и мудра личност, способна за општење со Бога, луѓето, способна за духовно саморазвивање и интелектуална работа, се формира во процес на духовен живот, со активно учество на богослужбите и социјалното служење.

04.jpg

05.jpg
     За таа цел од 4. до 7. септември, со благослов на Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан, делегација на православна младина од Скопската православна епархија зема активно учество на Соборот на православната христијанска младина од Европа во Клуж-Напока, Трансилванија, а под покровителска организација на Романската православна црква.
На соборот присуствуваа околу 5000 младинци од 20 различни земји, и тоа: Русија, Украина, Грција, Кипар, Бугарија, Србија, Словачка, Јордан, Палестина, Грузија, Сирија и од околу 50 епархии на Романската православна црква со цел да го покажеме заедничкиот еклисиолошки идентитет.
Организацијата беше помогната од повеќе волонтери кои максимално се потрудија да го покажат романското гостопримство и христијанска љубов. Групите беа запознаени со градот и неговите христијански споменици, манастири и соборни цркви.
Соборот го отвори Неговата светост, Романскиот патријарх г. Даниил и епархискиот митрополит г. Андреј, кои ги нагласија христијанските вредности и нивната важност за европското општество, а учесниците на собирот, поделени во групи, имаа дискусија на тема: Младината и семејството за христијанските вредности на Европа. На отворањето, секоја држава беше претставена и нејзините учесници ја поздравуваа публиката со христијанскиот поздрав: Христос помеѓу нас!
На собирот, секој од присутните имаше можност да го чуе и предавањето на архимандритот Захариј (Захару) од манастирот Св. Јован Крстител во Есекс, Англија, на тема: Нашите меѓусебни односи во Светлината на  нашиот однос со Бога. Предавањето беше проследено од повеќе од 6000 православни верници.
На неделната богослужба, сите учесници на собирот со своето присуство го покажаа значењето на Литургијата како централно собитие во животот на христијаните, преку кое се манифестира еклисиолошкото заедничарење и се покажува единството во Христос. На Литургијата чиноначалствуваше Неговата светост, Романскиот патријарх г. Даниил, во сослужение на митрополитот на Клуж, Марамуреш и Салаж г. Андреј, архиепископот Елистински и Калмицки г. Јустинијан, епископот Буковински г. Јона (претседател на Синодалниот оддел за работа со православна младина при УПЦ-МП), и други архиереи од Романската православна црква.
По Литургијата, македонската делегација сочинета од презвитерите Бобан Митевски и Зоран Велковски, г. Александар Божиновски и г. Драган Иванов, беше примена од митрополитот Андреј, кој ја истакна важноста на младите свештеници и нивниот пример во воспитувањето на православната младина. Исто така, искажувајќи благодарност за средбата, изрази радост и восхит што и православните во Македонија и МПЦ учествуваат на еден ваков сеправославен младински собир.  
По приемот, презвитерот Бобан Митевски даде изјава за православната телевизија Тринити, при што ги сподели импресиите на делегацијата на МПЦ и упати размислувања за тоа дека животот и егзистенцијата на современиот млад човек, и човекот воопшто, имаат смисла единствено во светотаинското предание на Црквата.


Драган Иванов

06.jpg

 07.jpg

 08.jpg

09.jpg

10.jpg

Извор: Бигорски манастир