meseista2015

meseista2015 1

meseista2015 2

На 06.09.2015 година, во Четиринаесеттата недела по Педесетница и на празникот на св. свештеномаченик Евтихиј и св. маченичка Сира, беше осветен манастирот „Св. пророк Илија“ во с. Мешеишта, општина Дебарца, Охридско. Осветувањето го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Никола Христоски и Темелко Донески, свештеникот Димко Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Откако беше осветен храмот, беше отслужена и света архиерејска Литургија, а Митрополитот Тимотеј се обрати пред многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу ви ја пренесуваме во целост. Манастирот се изгради по иницијатива на црковниот одбор од селото, на чело со парохискиот свештеник Димко Димоски, а со донацииите од локалното население и од дијаспората, како и на сите добронамерни верници од пошироката околина. Фрескоживописот е дело на г-дин Ѓорѓе Цветковиќ.


meseista2015 3

meseista2015 5

meseista2015 8

meseista2015 9
 
Митрополит Тимотеј
meseista2015 10
 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Секое осветување на нов храм, посебно го предизвикува религиозното чувство кај верниот народ. Го предизвикува да размислува за својот Создател и Промислител, односно за Господа Бога. За време на осветувањето на светиот храм, по трикратното обиколување на истиот, архиерејот, пред затворени врати, од западната страна ги изговара зборовите на светиот пророк и цар Давид: „Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата!" (Пс. 23, 7). Овие зборови, како што ги објаснуваат тајнозрителите, односно оние што ги созерцавале тајните Божји, недвосмислено укажуваат дека се однесуваат на Господа Исуса Христа. Поточно, се однесуваат на Христовото искачување на небото, по Неговото Воскресение.


Искачувањето на Господа Исуса Христа со тело на небото, претходно им било непознато на небесните сили. Претходно постоеле тесни и малечки „капии" преку кои како по скалила слегувале и се качувале ангелите. Но, сега потребен е посебен ангажман на ангелските сили. Ангелските сили треба да отворат големи порти, бидејќи се искачува Оној Кој е создател на светот и векот и Оној Кој ја возобновува човечката природа. Затоа, потребно е да се ангажираат невидливите небесни сили достоинствено да влезе Господ Исус Христос. Можеби некој ќе праша: Сето тоа е во духовна смисла разбирливо и прифатливо, но, каква смисла имаат овие зборови кога се изговараат пред материјална врата, којашто ниту слуша, ниту разбира, ниту, пак, може да ги исполни зборовите што и се кажуваат?


Ако сакаме да ја разјасниме оваа дилема, треба да се навратиме на зборовите на светиот апостол Павле кој вели: „Зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие" (1. Кор. 3, 17). Тука треба да се подразбере Божјиот храм кој го претставува духовниот храм, а тој е всушност секој вистински христијанин. Светоста на храмот се искажува со светоста на христијанинот, како и осветување на храмот со осветување на христијанинот. Па така, кога при осветување на храм се изговараат овие зборови за вечни врати, тоа се однесува на бесмртната душа, на нејзината слободна волја, желба и љубов, со кои таа може да го прими Бога. Кога се вели вратата да се возвиши, му се заповедува на човекот да се издигне со својата волја од ниските и земни приврзаности кон возвишените небески нешта. Преку верата да се издигне во небесните височини и со отворено срце да може да општи со Бесконечниот Бог.


Ако овие зборови не се доволно јасни, како ние, како христијани, треба да се издигнеме од земјата кон небото за да можеме во вистинска смисла на зборот да општиме со Бога, ќе се повикаме на уште еден старозаветен пророк кој вели: „Приготви се да го пречекаш твојот Бог, Израиле" (Амос 4, 12). Овој пророк, на еден сликовит начин го претставува Господа Исуса Христа како Израилот. Преку овој повик, овој старозаветен пророк ги повикува сите христијани да се подготват и достоинствено да Го пречекаат својот Бог односно Господа Исуса Христа. На многу начини, и преку многу пророци, Бог му се јавувал на родот човечки, сè со желба да го приготви достоинствено да Го дочека Господа Христа. Но, најпосле Го испраќа и Својот Единороден Син да нè поучи и да нè приведе кон Господа Бога. Па затоа, Господ Христос вели: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме" (Јован 14, 24).


Како што знаеме, луѓето се создадени да бидат во непосредна близина на Бога. Нивната оддалеченост не е природна. Таа оддалеченост е плод на гревот. Нашите прародители, Адам и Ева, поради грев се кријат од Бога. Иако тие се кријат, Бог ги бара. Бог не се гнаси, туку напротив ги бара за да им помогне, како во рајот така и денеска. Ние, како луѓе, какви било престапи да направиме, Бог со Неговата милост и човекољубивост има разбирање и ја покажува Неговата спремност да нè прими, да општи со нас, а сè со цел да нè избави и да нè спаси. Но, потребна е наша подготвеност, наша спремност и наша храброст. Да паднеме пред Бога, да побараме прошка и да се покаеме за сите наши престапи, отстапки и гревови. Тогаш, Бог ќе е подготвен да ни помогне и повторно ќе ја воспостави првобитната состојба што ја имале нашите прародители.


И овој свет храм, нека послужи како место на пребивалиште на Живиот и Вечниот Бог. Место за средба со Севишниот Создател и Промислител на вселената и родот човечки. Во него да доаѓаме, да се молиме, да се каеме, да измолуваме милост Божја. Па, Бог, како Семилостив, нека ја испрати Неговата благодат, односно Неговите сили, да можеме вистински христијански да живееме, да се молиме и да добиеме вечен живот за нашите души сега и во сета вечност.


Ја користам оваа прилика, на црковниот одбор од храмот „Св. Петар и Павле" во с. Мешеишта, да им искажам топла благодарност за нивниот зафат, овој свет храм посветен на светиот пророк Илија да го издигнат, украсат и да го подготват за осветување. Сите што помогнаа, на било кој начин, Семилостивиот Господ стоструко нека им возврати. Пред сè, нека им возврати со здравје, мир и љубов во нивните семејства. Сето тоа нека биде за зацврстување на православната вера и за одење по патот Христов и за спасение на нивните души, сега и во сета вечност. Нека е честито и од Бога благословено. Амин!

 meseista2015 11

06. 09. 2015
Осветување храм на „Св. пр. Илија" – с. Мешеишта

Извор: Дебарско- кичевска епархија