uspenie2015
 „Дојдете да го празнуваме сесветското успение на сенепорочна Богородица, бидејќи денес ангелите го слават чесното преселување на Божјата Мајка, и нас земните нè повикуваат на веселие, непрестајно да викаме: Радувај се, ти која се претстави од земјата, и се пресели кон небесните живеалишта! Радувај се, ти која хорот на учениците на лесен облак го собра заедно! Радувај се, ти која си надеж и спасение наше, бидејќи христијанскиот род непрестајно те именува блажена!“ (стихира на Слава... и сега... на Господи повикав... на Мала вечерна).

Денеска ја воспеавме Пречистата Мајка Божја, која ја предаде својата сесветла душа во рацете на Оној, Кој бессемено се вополоти од неа. Ја воспеваме онаа, која во раѓањето го сочува девството, а во успението не го остави светот. Затоа нејзиното Успение е славено од мноштво ангели на небесата и човечкиот род на земјата. Да се молиме Мајката Божја никогаш да не нè заборави и секогаш да биде наша застапничка пред престолот на Севишниот Бог и нејзин Син.

 uspenie2015 1

Празнувањето на големиот празник Успение на Пресвета Богородица започна ден претходно со свечено бдение во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, на кое беше отслужена Вечерната богослужба, Утрената богослужба, а беа отпеани и Статиите на Успение на Пресвета Богородица. На бдението чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на повеќе свештенослужители од овој наш парохиски храм.


uspenie2015 2
 

Прославувањето продолжи утредента со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Љупчо Симиџиески, Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 uspenie2015 13

Митрополит Тимотеј

 uspenie2015 14

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Сите обиди на луѓето во долговековната историја, искажани преку разни философски погледи, учења, мудрувања и размислувања за животот и за неговата смисла се разбиваат со една реална вистина, а тоа е неизбежната смрт. Сите овие погледи и учења се разбиваат како езерскиот бран, кој го снемува од удар од карпа. Но, вистинска вредност, којашто ќе има свое значење и нема да биде утопија или фантазија, ќе биде само животот, кој за цел ќе постави повисоки вредности од секојдневните обични неопходности на секој човек. Тие вредности треба да бидат постигнување и остварување на вечноста. Тоа може да се постигне само ако во својот живот човекот си постави цел со високи задачи и дострели, за постигнување и достигнување на вечноста. Тоа, пак, може да се оствари само ако ние, како пример и цел Го имаме Бога. Ако кон Него се стремиме и ако се трудиме кај Него да пристигнеме. Да пристигнеме за да се обожиме, препородиме и да пребиваме во заедница со Него.


Човекот е создаден од Бога за вечно да блаженствува во Негова близина. Но, поради гревот, човекот ја губи таа првобитна благодат. Нашите прародители беа истерани од Едемот, беа поставени стражи на неговите врати и заради престапот спечалија смрт. „Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив" (Езекиил 33, 11) вели Господ Бог. И милоста Божја се покажува кон човечкиот род. Второто Лице од Св. Троица се вочовечува преку св. Дева Марија, живее со нас, учи, проповеда, и на крај ќе се принесе како искупителна жртва за да го избави човечкиот род од вечните маки.


Денешниот празник, пак, кога го прославуваме успението на св. Дева Марија, односно на Богородица, нè учи за вечниот живот. Како христијани треба да знаеме и да веруваме дека овој привремен живот ни е даден да го исползуваме како средство за спечалување на вечен и блажен живот. Св. Богородица со нејзиниот свет и непорочен живот се удостоила да го смести во својата утроба Несместливиот, Оној Кој е поширок и од вселената, Синот Божји. Таа како мајка се трудела и се грижела за својата рожба. Од Неговата најмала возраст, па сè до Неговото понижување, малтретирање, судење, распнување на крст и погребение. Таа знаела и цврсто била убедена дека Христос ги поднесува сите овие страдања за да го избави родот човечки. Св. Богородица храбро ги поднела сите овие маки и заради неправдата, нејзината душа и срце, биле прободувани со оружјето на мечот. Но, таа во ниеден момент не изразила мајчинско роптање, туку знаела дека сето тоа потребно е да се издржи и да се поднесе за доброто на родот човечки.


Затоа, за христијаните, смртта не е крај. Смртта е почеток на нов задгробен живот. На иконите и на фреските, успението на Пресвета Богородица се претставува, не како смрт, туку како заспивање и преселување од овој видлив и трулежен, во невидливиот, духовниот и небесниот свет. Светата Црква нè учи и нè утврдува со нејзиното две илјадно годишно искуство дека св. Богородица, по нејзиното успение, не само што нејзината душа ќе биде однесена на небото, туку и нејзиното тело. Бидејќи онаа којашто била удостоена да Го носи Бога Словото, Бог не можел да допушти овој пречист сад да биде гнилежен во земјата како останатите грешни луѓе.

 

Светото Предание ни кажува дека истиот оној апостол Тома, којшто побарал да ги стави своите прсти и рака во раните Христови после Неговото Воскресение, за да поверува дека Он воскреснал, истиот тој апостол ќе задоцни и нема да присуствува на погребението на св. Дева Марија. Откако ќе пристигне, ќе посака и тој да се поклони, и за последен пат да ја целива. Тогаш ќе биде отворен нејзиниот гроб. Гробот каде што било положено нејзиното тело во Гетсиманија. Но, кога истиот ќе биде отворен, ќе видат дека св. Богородица, не само со душата туку и со телото, била однесена на небото. Затоа, светата Црква ја нарекува Царица на небото и на земјата.


Пред да се престави пред Бога, св. Богородица им дала ветување на апостолите дека ќе биде секогаш со нив. И ветувањето дадено на апостолите, таа го исполнува и денеска. Таа се застапува за секоја христијанска душа којашто со вера, надеж и љубов и се обраќа за помош, за заштита, за утврдување и покров од сите овоземни искушенија, маки, проблеми и дилеми кои се својствени за сите луѓе.


Св. Богородица, како мајка Божја има посебна сила. Има посебна љубов кон луѓето и подготвеност, преку нејзините молитви, да им помогне и да ги избави од најразлични маки и страдања. Основен услов, за да ја добиеме нејзината поткрепа и нејзиното ходотајство пред нејзиниот Син и наш Бог, е силна и непоколеблива вера во Господа Христа. Силна и непоколеблива вера во нејзината подготвеност да се застапи пред Господа Христа и да измоли Негова милост и благонаклонетост кон нас. Да испрати благодат за наше избавување, утврдување во верата и давање на сила и можност да живееме според начелата што ги бара од нас нашата света вера и Црква. Па така, да можеме да го украсиме нашиот живот со добри дела, бидејќи: „Како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва" (Јаков 2, 26).


На крај да се обратиме со искрена молитва кон мајката Божја: Пресвета Богородице помагај ни и биди наша застапничка. Амин!


uspenie2015 4

uspenie2015 5

uspenie2015 6

uspenie2015 7

uspenie2015 8
 
uspenie2015 9

uspenie2015 10

uspenie2015 11

uspenie2015 12

uspenie2015 15


Успение на Пресвета Богородица
28. 08. 2015 год.
храм „Успение на Пресвета Богородица" – Каменско, Охрид

Извор: Дебарско- кичевска епархија