DSC_2476

 

Скопската православна епархија објави уште една (шеста по ред[1]) книга во рамките на својата едиција „Современо богословие“. Станува збор за првиот дел од беседите на познатиот романски протоѓакон и универзитетски професор отец Петре И. Давид[2], со наслов Барај и ќе најдеш, а во превод од романски јазик од м-р Илче Мицевски - Игнат. Во овој том се вметнати проповеди кои отецот ги словел за Господовите празници и празниците посветени на Мајката Божја,  како и проповеди за неделите од Триодот (четирите подготвителни недели за Великиот пост и шесте недели од Постот).

Отец Петре И. Давид е личност со исклучителна ерудиција и со големи познавања од историјатот на прославувањето на православните празници (особено во неговата родна Романија) и на нивната смисла, а воедно и навистина опитен православен христијанин. Оттаму тој смогнал во ова богато дело на едноставен и разбирлив начин да ни го долови значењето на празниците, покажувајќи ни дека тие во нивното правилно богословско разбирање не се само спомени за историски настани, туку вистински животни патокази и дека доколку човекот ги доживува автентично како жив член на Црквата, тој духовно ќе расте во Христос и ќе врви по патот на исцелението, просветлението и обожението.

Затоа оваа книга беседи ја препорачуваме на сите верни, за да можат постојано да имаат при рака полезен прирачник за основните вистини на црковните празници. Сите коишто сакаат да ја набават книгата, неа можат да ја пронајдат во просториите на Секторот за издаваштво при Скопската православна епархија и во парохиските цркви на Скопската епархија.

[1] Претходно објавени изданија во оваа едиција се: 1. Господовите празници од митрополит Јеротеј Влахос; 2. Брак – православна перспектива, од протопрезвитер Јован Маендорф; 3. Светоотечко богословие од протопрезвитер Јован Романидис; 4. Вовед во богословие, од протопрезвитер Александар Шмеман и 5. Православниот пат од митрополит Калист Вер.

[2] Отец Петре И. Давид (1938 - 2003) го завршил средното образование во 1957 г. при Богословијата во Куртеа де Арџеш, а студиите ги продолжил на Теолошкиот институт во Букурешт (1958 – 1962). Во рамките на истиот Институт продолжил со докторските студии (1963 – 1966), а научната титула доктор по теолошки науки ја добил во 1977 г. Во 1968 г. бил ракоположен за ѓакон. Од 1977 до 1990 г. предава на катедрата за Мисионерско раководење и екуменизам при Теолошкиот институт во Букурешт каде станува титуларен професор во 1990 г. Присуствувал на различни екуменистички средби и бил член на православната романска Комисија за дијалог со Англиканската црква. Починал на 28 мај 2003 г. Ги напишал следниве дела: „Аспектот на Божественото откровение. Придонес за романската теолошка култура“ (докторска теза, 1977 г.); „Христијански водич за познавање и бранење на православната вера пред секташкиот прозелизам“ (1987 г.); „Христијански водич. Сектологија“ (1994 г.); „Од историјата на светителите на романскиот народ“ (1992 г.); „Барај и ќе најдеш. Мисионерски проповеди за сите празници, на големи светители, на преподобни, проповедници и исповедници“ (IV издание во 1998 г.); „Екуменизмот, фактор за стабилност во денешниот свет“ (1998 г.); „Нападот на сектите над секуларизираното христијанство“ (IV тома 1997 – 2000 г.) и др. Има објавено и многу други студии во црковни списанија.

Извор: Скопска епархија