логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Предисловие

 
Престолот на умот е во срцето

 

(Како еден обичен мирјанин-писател ги чита
славословијата на Бога од Митрополитот Струмички г. Наум)

           

Нема друг начин освен, покрај тоа што нападот на оној што сака да нѐ повреди, ќе го доживееме како лично прашање од него до нас: „Ме љубиш ли?“ и како предизвик да ја посведочиме Христовата љубов во овој свет – за што сме и повикани; ние тој напад треба да го доживееме и како прашање: „Ме љубиш ли?“, поставено лично од Самиот Богочовек Христос до нас, преку (или во ликот на) оној што во тој момент сака да нѐ повреди.

Митрополит Струмички г. Наум

           

            Животот не е лесен. Затоа и треба да се живее: нема среќа во лесните победи. А кога ќе се живее, бидејќи е исполнет со страдања и бол (за да се заслужи Вечниот живот), треба да се прави само она што е тешко, а не она што е лесно и што секој ден можеме да го направиме. А да се направи она што е тешко е подвиг. Така, темелен збор за животот станува зборот – подвиг. Нема живот без подвиг, и за монасите и за мирјаните, а тоа значи, нема живот без бол и страдање. Затоа, престанете да кукате, и ведро, со Божја радост во срцето – напред – по патот на сопственото богоподопствување и подвигување, кој колку може и кој до каде ќе стигне!

            Тоа, со години, накратко ни го кажуваат книгите на Митрополитот Струмички Наум. Тоа ни го кажува и оваа книга, за која пишувам, незаслужено (само писател сум), еден вид лепословие.

            И се сеќавам.

            Кога го пишував мојот роман „Папокот на светот“, си припомнувам, веќе немав никакви книжевни амбиции: ми беше, првпат дотогаш, сеедно дали некој ќе ја прочита таа книга или не. Ја пишував за себе, за свое удоволство. Пред тоа бев многу амбициозен и додека ги пишував „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“, се сеќавам добро – очекував книжевни признанија и слава, сакав да се допаднам, имав дури и замислени читатели чии пофалби сакам да ги освојам. Дел од тоа дојде: „Фрески и гротески“ го доби „Рациновото признание“, иако во книжевните кругови се крена прав – наводно, признанието било дадено на многу млад човек (имав 28 години). Но веќе вториот роман, „Азбука за непослушните“, за кој очекував да го преврти светот наопаку, помина речиси незабележано. Бев млад, суетен, горделив, гневен и не бев посветен тогаш на Бога како што сум денес. И си правев планови.

            Денес ми изгледа смешно тоа мое „планирање“ на мојата среќа, без Бога. Смешно ми е, затоа што сега знам дека Бог можел и по „Фрески и гротески“ да ми даде слава, ама увидел дека многу сум се возгордеал и ме сочувал, иако мене тоа ми се чинело како ускратување на среќата. Ме сочувал да не пропаднам под товарот на славата. Еве, во книгава што ја држите в раце, на едно место, нејзиниот просветлен творец, Митрополитот Струмички г. Наум, со своето Божјо лепословие, вели, како да знаел што ми се случувало тогаш:

            Каде и да одиме и што и да правиме, сѐ додека сме на првиот степен од духовниот развој, многу ретко ќе се остваруваат нашите главни планови и замисли, заштo најчесто нема да бидат во согласност со Божјиот план и промисла за наше спасение. Тешко, пак, на оние чиј план ќе се оствари на неправеден начин, ако не се покајат. Дури на вториот степен од духовниот развој – ‘просветлување на умот’, нашите главни планови често ќе се совпаѓаат и со Божјите планови, иако не секогаш во она време што ние го очекуваме. Затоа, на оној што Му благодари на Бог за сѐ, ќе му се даде и ќе му се преумножи; а на оној што не Му благодари, ќе му се земе и она што го има (види: Матеј 13, 12). Спротивно од благодарење е хулење на Бог, средина нема – не читаме во Евангелието дека ќе му се земе само половина од она што го има.

            Јас тогаш не знаев дека постојат три степени на духовен раст кај секој кој се свртел кон Бога, а посебно кај монасите1, но знам дека и денес сум на првиот милиметар од првото стапало од првиот почеток на првиот степен (иако не сум монах, сепак посакувам да ми се достапни тие степени). „Сакате вашите главни плaнови да ви се остварат уште додека сте на првиот степен од духовниот раст? Тогаш влезете во целосрдечно послушание. Деца, знаеле ли ние или не, ни се допаѓа ли тоа или не, православниот духовен живот според светите Отци се одвива на три нивоа (или степени): очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение. Ако сакаме духовно да растеме, неопходно е да го восогласиме начинот на нашиот живот со степенот од духовниот раст на кој се наоѓаме. Освен овој, тесниов, друг пат нема“, вели авторот на овој прекрасен бревијар на сериозни теолошки прашања искажани низ жива беседа, низ жива реч, во нему својствен, разговорен, поучителен, но наместа и полемичен стил.

            Мојата „Азбука за непослушните“ допираше сериозни прашања од теологијата, за кои тогаш воопшто не знаев, како што се прашањата за послушанието, за смерноста и за непосакувањето. Тој роман на интуитивен начин, без да сум знаел за тоа, ја конфронтираше најголемата доблест – послушанието, со една од најпогубните страсти – славољубието. Романот, повторно интуитивно и без никаква моја, макар и самонаобразба од теологијата, шпекулираше и со прашањето за теодицејата. Јас тогаш ги немав книгите на Митрополитот Наум в рака, ниту можев да прочитам, како што сега читам, во ова негово најново сочинение, дека има задоволителен одговор и на прашањето – зошто падови, солзи и страдања ако Бог е добар? Еве го тоа прашање и тој одговор:

            Често слушаме дека Бог не допушта искушение кое ги надминува нашите сили. Дали е тоа баш така? Ако е така, тогаш зошто паѓаме? Дали затоа што изгледа дека го сакаме гревот повеќе од Бог, или нешто друго е во прашање? Се чувствува потребата и ова тврдење, што често го слушаме, правилно да се објасни.

            Падот во искушение, на оние што мислат дека се наоѓаат на првиот степен од духовниот раст – ‘очистување на срцето од страстите’, кои инаку се трудат во подвигот, најчесто се случува од две заемно поврзани причини: прво, не се наоѓаат под духовно раководство, односно пробуваат да се самораководат во духовниот живот, или пак кријат нешто од духовниот отец; и второ, немаат духовен опит, односно пребиваат во незнаење. Накратко, паѓаат поради неправилен духовен подвиг.

            Затоа, во таа моја книга немаше вистински одговор на тоа прашање – теодицејата, односно одбраната на Бога од овие „обвинувања“. Јас, сепак, сум чувствувал дека искушенијата се нужни, и затоа, веројатно сум направил лик на злобен духовник, кој не можел да биде за никого правилно духовно раководство. Многу теолошки прашања сум поставил таму (како и во многу мои дела), целосно интуитивно давајќи, горе-долу точни одговори. Се разбира, сум го поставил, во „Азбука за непослушните“, повторно интуитивно, и на свој особен начин – прашањето за умно-срдечната молитва – онаа кога умот е слезен во срцето, а го одликува веќе вториот степен на духовниот раст кај богољубниот. Иако ги поставувал сите тие прашања, авторот на романот (јас) не живеел во заедница со Бога: не се вселил Бог во срцето негово, иако можеби сакал, ама не му дал храна и питие на неговото самољубие и желба за книжевна слава. Така, ништо спектакуларно не се случи ни по  тој роман. Тогаш, веќе целосно помирен со судбината, добив една книга мудрости – Духовна градина од отец Мелентиј Хиландарецот. Таа книга целосно ми го смени животот. Од таа книга потоа, како од јајце, излезе „Папокот на светот“. Тој роман, како искрена Богопрослава, стана најдобра книга на Балканот, кога, повторувам – јас веќе не бев суетен роб окован во своите желби за слава, и тоа во миг кога вакви „тешки“ книги воопшто не беа во книжевна мода! Тогаш изјавив, за една ТВ станица: успехот е како сенка. Додека трчаш по него, не доаѓа. Кога ќе му свртиш грб, доаѓа по тебе. Заборавив само во таа изјава да кажам дека таа игра со човекот и сенката е Божја работа и дека ја смислил само за да не се возгордееме дека сме целосни и совршени, дека можеме да си ја присвоиме и нашата сенка, нашата душа. Оти ништо на овој свет, на кој сме само привремени гости, не е наше: ни здивот ни дахот, ни душата. Најмалку Словото.

            Се сеќавам: по читањето на Духовна градина, мене ноќе ме будеше некој немир. Некаков глас, иако не може да се каже дека беше глас; можеби попрво тоа беше гласник. И ми диктираше. Повторно условно, се разбира. Не сум јас на тој степен за да ми диктираат ангели. Но, оние кои беа сведоци на тоа, знаат дека јас само запишував: иако собирав материјал за тој роман две-три години, имав исписи, имав и скици, јас немаше да го напишам романот ако некој не ми го диктираше. Затоа и го запишав за само 12 дена! Јас не грешам кога велам „го запишав“ – јас навистина само го запишав! Веројатно го напиша во мене тој внатрешен глас што го разбуди Духовната градина.

            Се потврди старата христијанска поука: кој ќе се откаже, ќе му биде дадено! Кој ќе ја раздаде својата суета и славољубието, ќе стекне добар глас и Господ ќе му даде чест тогаш кога тој веќе нема да ја посакува. Оти има нешто болно во посакувањето – има една богохулна идеја дека сè на овој свет може да биде твое, а всушност – ништо не е твое. Сè е Господово: и моите дела се Негови. По „Папокот на светот“ јас добро знам: подобро е да не се живее одошто да се живее без Бога. Во периоди кога Го немам Бога, јас навистина пишувам. И можеби пишувам умни работи, ама не запишувам, како тогаш, како некој кому му беше даден Божји благодат!

            Потоа, дојдоа и моите први контакти со духовници, меѓу кои моите средби со Митрополитот Струмички Наум, беа исклучителен настан за мене. Неговите книги ги проголтав во еден здив, и ги голтам и денес, со жед на богољубен човек, затоа што се напишани едноставно, а всушност ги зафаќаат најтемелните прашања на теологијата и филозофијата, такви за кои цели докторати и библиотеки со докторати се малку! Но, духот на Митрополитот Наум има една исклучителна доблест – тој знае да го каже едноставно она што сите други, „учени“ теолози (иако и тој е учен – доктор на теолошки науки е)2 ќе го закомпликуваат до бесвест! Многусловието е само раскошен стилски ракопис на суетата. Гола форма без содржина – без љубовта Христова.         

            И еве, повторно се враќам пред 14 години, кога го пишував „Папокот на светот“, и кога презедов од Духовна градина една прекрасна парабола, која вели: има два вида светлина. Едната е месечевата, а другата е сончевата. Месечевата светлина е светлина на разумот: таа светлина осветлува во темнина, но ја нема топлината на сончевата светлина, која е светлина на умот/срцето, која освен што осветлува, уште и топли. И раѓа, затоа што овозможува зрната да никнат од земјата. Параболата е јасна: до Бога не се стига со разумот. Студена е таа светлина. До Бога се стигнува само со светлината на просветлениот ум: љубовта. Инаку, многу учени луѓе, филозофи, па дури и научници научно го покажувале постоењето на Бога. Но, едно е со разумни заклучоци да докажеш дека Бог постои (тоа го може секој доброобразован човек), а сосема друго е да Го љубиш Бога и да дојдеш до Него со срцето. Јас тоа, по преземањето на таа парабола од Духовна градина интуитивно сум го знаел, но сега верувам во тоа.

            Еве што пишува Митрополитот Струмички Наум, во една од најубавите свои беседи во оваа книга-колекција, правејќи ја таа уникатна за Православието дистинкција меѓу разумот и умот:

            Рековме дека различна е храната на умот од храната на разумот. И различно е знаењето на умот од она на разумот. Храна на умот е опитот и заедницата со Бог (светотаинската и молитвената), додека, пак, храна на разумот е овоземното теоретско образование (од која било област на науката и културата, па дури и на теологијата, како и од разните вештини). Знаењето на умот е познанието на Бог (како просветленост или обоженост), додека, пак, знаењето на разумот е опитноста во овоземните науки и вештини, како и во културата. И понатаму, на друго место: Едно е просветлен ум, а сосем друго начитан и интелектуален.

            Сега, откако ги имам прочитано книгите на Митрополитот Наум, и откако самиот се упатив преку некои читања на теолошки расправи, многу работи во моите дела ми изгледаат и како сомнежи на еден неверник. Но, не се срамам од тие места, и ги оставам во секое наредно издание на тие мои книги. Нека се види мојот пат и моите падови на него. Нека се види сè, затоа што и онака Он гледа сè.         

            Освен тоа, мене тајната на вистинската молитва (за која интуитивно знаев уште од „Азбуката“ дека е вистинска само ако е изговорена со духовни, а не со крокодилски солзи – видливи за сите во храмот) ми се откри подоцна, и ми се открива сè уште, и ќе ми се открива допрва. Немам подобри зборови за да покажам колку според начинот на којшто се молиме добиваме знаци за нашата положба во духовниот раст, отколку оние што Митрополитот ги цитира во својата книга:

            Практиката на умствената молитва е да се присилуваш себеси да ја кажуваш молитвата гласно и непрекинато. На почетокот настојувај брзо, за да не стигне умот да состави помисла која што расејува. Сосредоточи се само на зборовите ‘Господи Исусе Христе, помилуј ме’. По извесно време се свикнува и умот, така што сам ја кажува молитвата. Ќе се насладуваш како да имаш мед во својата уста. И секогаш постојано да ја изговараш молитвата [степен на очистување]. Кога умот ќе се навикне, кога ќе се насити и кога ќе ја научи, тогаш ја испраќа во срцето, бидејќи умот е хранител на душата, и сè добро или лошо што ќе види или ќе слушне го внесува во срцето – каде што се наоѓа центарот на духовните и на телесните сили на човекот, каде што е престолот на умот. Значи, оној што се моли го зауздува својот ум да не фантазира ништо, туку да внимава само на молитвените зборови; лесно дишејќи со присилба на својата волја, го симнува во срцето и го држи внатре (како осуден во затвор) и ја кажува молитвата во ритам: ‘Господи Исусе Христе, помилуј ме’ [степен на просветлување]. Ова се случува сè додека благодатта не го осени и не почне да дејствува внатре во душата. Потоа следува созерцанието [степен на обожение]3.

            Многу, многу радост и светлина во мојот живот внесе секое занимавање со теолошките прашања. Затоа, како сказник и писател, јас за секое мое дело, покрај тоа што собирав граѓа (историја, биографии, социологија, културологија – за да можам да го сместам дејството во некое минато време и да го реконструирам духот на времето), читав редовно и теолошки расправи. Научив многу за човековите страсти, за кои пишувале и филозофи („За страстите на душата“ на Декарт, таткото на рационализмот стои кај мене на истата полица со теолошките книги!), но ми се чини дека теолозите кажале многу посуштествени нешта за нив, одошто филозофите. Понекогаш ми се чини и дека самата книжевност не е ништо друго туку анатомија на страстите, историја на болестите кои доаѓаат од страстите. Затоа, неколкупати имам изјавено дека денес романот е неможен без теологија и психијатрија. И затоа, претпочитам секогаш кога пишувам, да се послужам со тие драгоцени теолошки сознанија за страстите, како што се овде, во книгата на Митрополитот Наум сублимирано изнесени, речиси „скенирани“ до нивната сушност:

            Во душата делуваат и три главни вида страсти: славољубието, среброљубието и сластољубието. Ставајќи ја во процес на исцеление и преобразување, преку послушание, страста на словесната сила на умот – славољубието (гордоста), најлесно ќе ги ставиме во процес на исцеление и преобразување и другите две страсти. Што не значи дека нема истовремено да се бориме и против сите одеднаш. Можеби не го забележуваме делувањето на гордоста (славољубието) во нашиот ум – поради прелеста, но сигурно го забележуваме делувањето на страста на блудот и телесните задоволства, како и тагата, незадоволството и зависта, кои произлегуваат од незадоволената страст на среброљубието. Ако и тоа не го гледаме, сигурно ќе забележиме – ако се присетиме малку, дека никому што страда не сме му помогнале нешто значајно (за нас), парично (од свој џеб и без никаков интерес). За разлика од помагањето на ситно, со кое само си ја залажуваме заспаната совест. Тоа е сигурен знак за самољубие – главната страст од која произлегуваат трите вида страсти. За утешно слово кон страдалните, и да не зборувам.

            Така, врз основа на својот личен опит и опитот на мудрите Старци, православните Отци, пишува авторот на овие исклучително јасни, а повеќеслојни беседи! Нив може да ги чита и да ги разбере и обичен мирјанин, дури и со просечно образование, но можат да ги читаат и високософистицирани умови – специјалисти од различни подрачја на разумното познание. Како и да е, ми се чини пресудно што оваа книга апелира да не се водиме сами по патот на нашето богоподопствување, затоа што тоа не е можно: слепиот не може да се подели на две – на оној кој гледа и оној кој не гледа, па онаа половина што гледа да ја поведе кон спасение онаа што не гледа. И ми текнува дека и ликот на мојот мал симпатичен бунтовник од „Азбука за непослушните“, раскажувачот-сказник, се повлекува во самоводство, поради злобната душа на својот учител, која е „нива зарасната со троскот“. Но, бргу станува свесен дека му е потребен вистински учител, и него го пронаоѓа, сосема случајно во Убавиот (што на крајот од романот завршува на крст, па е јасно Кој е). Штета што тогаш сум ја немал оваа книга во рацете, за да се послужам со малку појасна теолошка позиција на мојот мал бунтовник и непослушник. Да се разбереме – тој мој лик е непослушен кон ѓаволот кој облекол света риза (отец Ефтимиј, со душа зарасната во троскот), а не кон Бога, и целиот роман ја носи таа порака – послушанието кон Учителот е непослух кон ѓаволот, иако некои атеисти пробаа да ја интерпретираат книгата како непослух кон Бога, па во неа видоа современ апокриф! Како и да е, мојот лик на сказник (оти живее во мене) по многу години, кај Митрополитот Наум може да прочита нешто што го насетувал, и да се осоколи дека бил во право:

            Оттука секој сам лесно може да си одговори на следните прашања: со непросветлен ум, треба да бидеме духовни водачи или да бидеме духовно водени? Треба ли духовно да се самораководиме или преку послушание да го ставиме умот во процес на исцеление? Треба ли толку лесно да си дозволиме да судиме и осудуваме или поарно да се запрашаме дали правилно сме виделе, сфатиле и постапиле? Треба ли сладострасно да озборуваме и клеветиме или молитвено да премолчиме? (...) Или, ако сакате нешто поконкретно, треба ли да губиме драгоцено време правејќи се паметни и интересни по социјалните мрежи (најново искушение за сите нас кои бегаме од очајанието) или само во благословено време да научиме нешто душеполезно на нив? Итн., итн. Секој сам нека си го избере патот.

            Намерно го оставив во цитираниот фрагмент оној дел во кој се споменуваат социјалните мрежи. Се гледа тука отвореноста на Митрополитот Наум и неговиот полемичен дух кон сè што е ново, актуелно, реално, што ја сочинува нашата стварност, а пред кое не треба нарцисоидно, од позиција на образован теолог да се одврати погледот. Митрополитот Наум отсекогаш имал живи расправи, покрај за класичните теолошки прашања, и за она што денес ни се случува. Таквата, „отворена“ теологија е реткост во денешниов православен свет. Обично, во теолошките расправи се претресуваат по којзнае кој пат општите места на Богопознанието. Кај Митрополитот тоа не е случај. Тој расправал и за фејсбук, и за социјални мрежи, учествувал во нив, но горе може да се види неговиот поучителен став по однос на тие нови изуми. Најмногу ме бендисува што тој не ги осудува (иако нема разбирање за) оние кои деноноќно само мудруваат преку социјалните мрежи. Тој, на крајот, сепак допушта слобода на избор, па вели: „Секој сам нека си го избере патот“. Нема никаква принуда, ни трага од тоа да се согласиме со неговите ставови! Тоа е веројатно така, затоа што на едно друго место, неговиот глас вели: „Патот го изодуваме секогаш сами, колку сопатници и да имаме“. И веројатно затоа што на трето место, имајќи ги предвид оние „сезнајковци“ по социјалните мрежи кои знаат сè, од спорт, преку економија, политика до филозофија и вредносни системи, тој алудира на нивната расеаност на умот, па вели: „Значи, целодневната расеаност на умот е доволен показател дека тој е горд и затемнет, дека е паднат“. Се разбира, Митрополитот не мисли на надворешниот, туку на внатрешниот пад на личноста, оти: „(...) едно е пад внатрешен, а друго е пад надворешен. Откако внатрешниот пад ќе се случи, прашање е само на време кога ќе се случи и надворешниот, ако не се покаеме“.

            И затоа, како жестока духовна шлаканица доаѓаат отрезнувачките зборови за сите оние кои судат (кој е искрен, ќе признае дека најмалку еднаш во денот, а во зависност од професијата и по десетици пати – суди за пороците на другите): „Отворив по празниците да ѕирнам што се случувало на Фејсбук и што да видам... Да, секој суди според себе. За блудниот, сиот свет блудничи. За крадецот, сиот свет краде. За слугата Божји, сиот свет на Творецот Му угодува. „За чистите, сѐ е чисто“ (Тит 1, 15). А како да го наречеме оној кој целиот свет околу себе го гледа во раскол?“

            И затоа, бидејќи се преплет на цитати и личен опит, словата на овој златоуст беседник изгледаат силни, енергетски исполнети со доброљубие и човекољубие. Затоа и искрено делуваат и оние негови екскурси, кога, на пример, пишува за себе и за тоа зошто тој пишува, како и за тоа каков е неговиот став кон она што го напишал:

            Не ги промовирав моите книги. И пишаното слово во сила не е секогаш со ист интензитет на сила. Интензитетот на сила зависи од начинот на нашиот живот. Моето покајание е најдобра промоција на она што сум го напишал. Ја исполнувам ли волјата Божја – моето слово е во сила. Не ли ја исполнувам, истото тоа слово ја губи својата сила. Се покајам ли, силата е повторно присутна.

            Но, најважно е дека оваа книга што ја држите в рака, има и една практична, лечебна димензија. Ако животот е страдање и бол, тогаш оваа книга нуди низа практични духовни „рецепти“ како да си го пронајдете вистинскиот пат. Притоа, таа е базирана на проверените опити на светогорските Старци и Отци. Една од најважните тајни за избегнување на страдањата, болката, депресијата и унинието е – восогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој, кој пак треба да го препознаеме според тоа како молитвата „одекнува“ во нашата душа, и дали се молиме со устата и разумот, или со умот, чиј престол е во срцето. Од молитвата зависи и покајанието, без кое нема вистина за себе. Еве ги тие клучни места: „Без да го восогласиме начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, не ќе можеме да постигнеме и восогласеност на нашите мисли, зборови и дела. Покрај нашиот напор и подвиг, сепак, восогласеноста е дело и на Божјата благодат. Кога со начинот на нашиот живот се приклонуваме кон прелеста, ја отфрламе и благодатта и восогласеноста. На пример: некој се наоѓа на степен на очистување на срцето од страстите и наместо со светлинката што му е дадена да си ги гледа своите страсти и гревови и во молитвен молк и послушание да ги исцелува, тој почнува сечиј грев да го бара и гледа – освен својот, и неразумно и јавно да го коментира“. И на друго место: „Ако нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос, нè повикува на покајание; ако точното значење на тој збор, според светите Отци, е преумување; ако умот од горд, расеан и затемнет треба, со помош на Божјата благодат, да го преобразиме во смирен, собран молитвено во срцето и просветлен; ако исцелението на умот се случува само на тој начин што неговата енергија се соединува со неговата суштина во срцето, тогаш најсовршеното и најкреативното пројавување на нашето покајание во Црквата е умно-срдечната молитва“.

            Сепак, за мене лично, едно од најсилните места на оваа книга е расправата која се надоврзува на истоимената книга на Ерих Фром, „Да се биде или да се има“. Тоа беше култна книга во студентските денови за сите нас кои го презиравме материјалното, а го баравме духовното (тогаш скриено во ретките книги како „Малиот принц“ или „Галебот Џонатан Ливингстон“ на Ричард Бах, како и во хипи-движењето на кејот на Вардар, кое му пркосеше на едно тогаш исклучително материјалистички настроено општество). Сега, по толку години од барањето на таа духовност, читам како на тоа барање на подлабокото духовно гледа опитен духовник, и како и тоа наше барање на духовното (како и барањето на материјалното) не зависело само од нас и од општеството, туку пред сè и над сè од Бога. Еве што е суптилизацијата на Фром кај Митрополитот Наум: најпрвин, насловот гласи „Да се биде и да се има“, а не „Да се биде или да се има“. Со самото тоа, и „бидувањето“ (на кое ние му дававме предимство пред имањето) не е баш бенигна работа, оти често невидливо граничи со честољубието и нарцизмот, односно – славољубието и среброљубието, па излегува дека ние тогаш, како млади, неправедно сме му давале предност на бидувањето пред имањето, бидејќи многу често и бидувањето се прави од материјалистички побуди. Но, да не словам нешто што е изглаголено со златни слова од Митрополитот:

            Зошто страдаме, во зло? Најчесто од две главни причини: прво, или мислиме за себеси дека сме нешто многу повеќе отколку што реално претставуваме и значиме за другите, а тие не нè прославуваат и почитуваат согласно нашата идеjа за самите себе; и второ, или пак посакуваме за себеси повеќе материјални блага и телесни задоволства или мислиме дека повеќе сме заслужиле, од она што реално го имаме. Накратко, страдаме поради разликата што се појавува меѓу нашите острастени желби и реалноста.

            Ако нешто не сме или ако нешто немаме, така е затоа што, најверојатно, не сме способни да сме и не сме способни да имаме, а без притоа да не отпаднеме од Бог. А Бог тоа го знае. Знам дека повеќето ќе ме прашаат: зошто тогаш некои се и зошто имаат, а очигледно немаат ништо со Бог, а зошто, пак, некои не се и зошто немаат, а по сè изгледа дека тоа не би било препрека за нивниот однос со Бог? Кој сака да ризикува да полуди, нека размислува зошто е тоа така, а кој сака еден ден да сфати (колку ќе му биде дадено) зошто е тоа така, односно кој сака да биде и да има, нека се смири пред Божјата Промисла за нашето спасение, спасението на целиот Адам.

            Покрај овие убави теолошки суптилизации на мислителот, филозофот и психијатарот Фром, видливо е (и од претходните книги на Митрополитот, а посебно по издавањето на книгата Униние и депресија во библиотеката „Воведение“, Велјуса)4, дека најновата опсесивна тема на авторот е врската меѓу теологијата и психијатријата, односно психологијата. Така, една беседа ни тврди дека: „Светите Отци дефинираат два начина на живот: противприроден и природен. Противприродниот начин на живот на една личност се одвива на три нивоа од душевното постоење. Согласно модерната психологија (барем до пред некое време така беа поделени), тоа се: ниво на неврози, ниво на растројства на личноста (социопатија) и ниво на психози. Природниот начин на живот на една личност се одвива на три нивоа од духовниот развој: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот (со аскетска умно-срдечна молитва) и обожение или боговподобување (со благодатна или непрестајна умно-срдечна молитва). Оној што е на ниво на очистување може да му помогне на оној што го вознемируваат неврози. Оној што е на ниво на просветлување, покрај на невротичните лица, може да им помогне и на социопатите. А оној што е на ниво на боговподобување може да им помогне, односно да ги исцели, покрај првите два вида, и психотичните лица“.

            Нема сомнение да не веруваме на ова, ние, кои иако сме читале многу од психијатријата (од Фројд, Адлер, Фром, Јунг, Лакан...) и сме го нахраниле разумот, сепак немаме личен опит со тоа. Зошто априори да не веруваме во исцелителната моќ на верата врз психолошките нарушувања, кога главниот поим на денешната психотерапија е токму – верата? Врв на таа вера е плацебо ефектот на таблетите, за кои пациентот е убеден дека „му делуваат“. Така, ако му кажете дека тоа е таблета за расположение, а му дадете обичен ЦЕ-витамин, многу често доаѓа до подобрување, затоа што пациентот верува во моќта на волшебните таблети! Исто така, на многу фрески (кои некогаш биле „реализам“, а денес, во време во кое никој не верува во чуда ни изгледаат како имагинација и фантазми) се насликани и сцени на кои светци им помагаат на луѓе со ментални нарушувања, а такви места има и во Светото Писмо. Како да се заврши овој пасус, ако не во стил на Митрополитот – пробајте, ќе видите. Ако е вистинито, ќе биде – од Бога. Ако е лага, ќе биде – од човека. А кога сме кај лагата, еве уште еден лепослов, со златен ракопис испишан во книгава што ја држите в раце, а треба во умот да ја заклучите:

            Лагата е најголемо сведоштво за отсуство на благодатта Божја. Затоа, лагата е причина за сите наши несреќи. Лагата е и знак за безизлезност и безнадежност. Лагата е безверие. Лагата е бессилност. За разлика од лагата, вистината и благодатта Божја се неразделни. Благодатта е причина за сите наши победи. (...) Вистината и благодатта ќе останат, а лагата ќе биде поразена.

            Зошто луѓето лажат? Ако не се психички болни, лажат за да го скријат својот погрешен начин на живот и својот неуспех. Високата позиција во светот, без внатрешно духовно покритие, е само по себе состојба на лага. Лагата е додворување и компромис со овој свет. Лагата е самооправдување. Правилниот начин на живот нема потреба од многу зборување и покажување, тој е сам по себе нем сведок на вистината. Вистината не се плаши од овој свет, ниту од неговата лага. Вистината е слобода и слободно се изразува, во свое време. Вистината е незапирлива. Вистината не се менува, вечно е иста.

            Многупати ме прашувале, во интервјуа, зошто себеси не се сметам за постмодернист, кога моите дела, според формата многу личат на истакнати постмодернисти, од рангот на Умберто Еко или Милорад Павиќ. Секогаш сум одговарал – затоа што во содржината на моите дела Го има Бога. Формата можеби е постмодернистичка (интертекстуалност, цитатност и слично), меѓутоа кај мене „Вистината не се менува, вечно е иста“, како што вели Митрополитот, во последната реченица од горниот пасус. Одамна, уште од прадедото на постмодернистите, Ниче5, познато е дека постмодерната и религиозноста не одат заедно. Постмодернистите и теоретичарите на постмодерната (на пример, Ричард Рорти и Хана Арент) тврдат дека вистината не постои, туку дека се произведува. Така, за постмодернистите, за разлика од теистите, можно е во исто време, два исказа кои се противречни да бидат вистинити. На пример, во исто време и „Ауди“ и „Рено“ да бидат најдобар автомобил на светот. Тоа значи дека нема „вечни вистини“ и дека вистината е само конструкт. Жак Дерида, богот на постмодернистите и деконструктивистите, со својата филозофија не може да оди рака под рака со Светото Писмо, затоа што тврди дека не постои трансцендентално означено, извор на сите извори, едно „пред“ пред секоја егзистенција. Тоа значи – нема Бог. И затоа, моите дела не можат да бидат постмодернистички: кај мене има Бог. Дека не сум постмодернист, меѓу другото, осознавам и под влијание на теолошките прашања расправени на еден јасен начин, како што тоа го прави Митрополитот Наум. Јас се разбира, сум го читал Дерида, и сите постмодернисти, и им ги предавам и ќе им ги предавам на моите студенти, затоа што сум професор по книжевност. И должен сум да им објаснам зошто постмодернизмот не е омилен кај теистите, кои го доживуваат како атеизам. Што ќе изберат, да се послужам со зборовите на Митрополитот – е нивно. „Секој сам нека си го избере патот!“

            И, да завршам во тој љубовно6-христијански, слободен и ослободувачки манир на Митрополитот Струмички г. Наум, кога зборува за маските, во една своја беседа, вели: „Маски секако носиме. Прашањето е: преку маска до личност или преку маска до безличност?“ И откако ќе ви сугерира одговор на ова речиси реторичко прашање, ќе поентира двосмислено: „Не бидете сигурни дека правилно сте го сфатиле текстот, и тој е маска – не знам сѐ чија“.

                                                                                        ***

            Во мојата драма „Генетика на кучињата“, во устата на ликот Игњат Глембај, кој постојано слуша како членовите на неговото семејство се самообвинуваат и судат, со етикетите: „блудник“, „лудак“, „лицемер“, „дволичник“, „скржавец“, на едно место сум ставил ваква реплика: „Некаде имам прочитано дека душата е стакло низ кое ги гледаш другите души. И, ако на твојата душа има дамки и нечистотија, многу лесно може да се случи да ги обвиниш другите дека се нечисти“. Јас знам дека Игњат на ова место говори како да ја прочитал оваа книга на Митрополитот Струмички г. Наум. И знам дека оној кој со оваа книга ќе се дружи, ќе биде поштеден од таа опасност, оти ќе научи прво себеси да си суди. Ќе научи и да се моли. Ќе научи и да се ослободи од страстите. Ќе стане личност, затоа што ќе го открие престолот на умот во своето срце. Тогаш и љубовта ќе биде негова. Оваа книга за многумина (прво за мене самиот) ќе биде – нова Духовна градина.

            А во духовна градина, како и во Храмот, се влегува со желба за убавина, со љубов и со безмерно трпение.

проф. д-р Венко Андоновски



_________________________

1 Чувствувам за неопходно овде да ги наведам, преку цитат од Митрополитот тие три степени, иако тоа тој постојано го прави во секоја своја книга. Еве го тој фрагмент: „Познато е дека светите Отци во својот духовен подвиг забележале три нивоа на духовниот развој, предавајќи ни ги нам, во Црквата, како свој духовен опит: чистење на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение. Оваа поделба ја наоѓаме кај многумина од Отците, иако можат да се сретнат различни именувања. Овие три нивоа или степени на духовно растење кај свети Исак Сирин (7 век), на пример, ги пронаоѓаме именувани како: покајание, чистота и совршенство. Во теологијата на свети Максим Исповедник (7 век) овие три степени се претставени како: практична философија, природно созерцание и мистично богословие. Свети Никита Ститат (11 век) пак вели дека постојат три степени во напредувањето кон совршенството: почетна состојба на чистење, преодна состојба на просветлување и мистична состојба на совршенство. Во православниот духовен живот, како што гледате, светите Отци не оставаат никаков простор за импровизација“.

2 Митрополитот Струмички г. Наум докторираше 2008 година на Софискиот универзитет, со тема „Исихазмот во светогорското монаштво во дваесеттиот век“.   

3 Старец Јосиф, „Исихастички сведоштва“, Библиотека Слово од Водоча, Струмица, 1999, стр. 31-32.

4 Види: Д-р Дмитриј А. Авдеев, „Униние и депресија: Сличности, разлики, лекување“, Велјуса, 2009.

5 Види: Dejv Robinson, „Niče i postmodernizam“, Esotheria, 2002.

6 Должен сум овде едно појаснување за зборот „љубов“. Го користам овде во онаа смисла во која го дефинираше во една своја претходна книга Митрополитот Струмички г. Наум: „Љубовта е секогаш слободна, а слободата е секогаш љубовна. Одземете ѝ ја слободата на љубовта и одземете ѝ ја љубовноста на слободата и од нив нема да остане ништо. Затоа, деца, љубете и не барајте да ви возвратат со љубов. Бидете слободни и љубовни. Барањето да ви возвратат со љубов веќе ја ограничува вашата љубов, и таа паѓа. Барањето да ви возвратат со љубов не е љубов, и вие не сте слободни, туку сте робови на своето самољубие. Љубовта што не бара е слободна љубов, таа е неограничена и не зависи од ништо. Љубовта што не бара е вечна, таа нема крај, таа никогаш не завршува. Тоа е божествена љубов“.




Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

 Спознанието на вистината, на лично ниво, не е интелектуално човечко достигнување, туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста; дар Божји кој се добива...

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

Таму, на нeбoтo, e вистинскoтo Христoвo царствo и вистинскиoт Христoв живoт бeз примeси на грeв и смрт. Нo љубoвта на Синoт Бoжји кoн луѓeтo нашла дeка e пoпoтрeбнo да бидe...

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

Милoстињата штo сe прави oд цeлиoт ум, гo чисти чoвeкoвиoт ум. Сo eдeн збoр внатрeшната милoстиња гo исчистува цeлиoт чoвeк. Акo e милoстињата самo oд рака, таа нe ја чисти...

Месопусна недела: Страшниот суд

Месопусна недела: Страшниот суд

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во...

 Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Што се случува со оние кои Страшниот суд ги затекнува во грев и пад? Тоа што Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи тоа страшно...

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Параболата за цариникот и фарисејот претставува длабоко проникнување во човековата душа, и за нас е многу важно да го задржиме нашето внимание врз ова кажување. Оваа парабола нема во предвид...

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Каква умилна слика ни претставува Сретението Господово! Старецот Симеон во раце Го држи Младенецот, спроти него – праведниот Јосиф и Пресветата Дева Богородица; во близина – пророчицата Ана, постничка и...

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Современиот човек брза по светските суети, бега од скромниот живот и во празните и лажни авантури бара да ја заборави душевната горчина, која му ја создава свеста за безбожните дела....

Беседа на денешното Евангелие, посветена на Преподобна Ксенија Римјанка

Беседа на денешното Евангелие, посветена на Преподобна Ксенија Римјанка

Да се потсетиме на еден збор што го слушнавме од светиот Апостол, он спомна „посиновување“. Он спомна нешто што е навистина пресвртница во човековиот живот. Во човековиот живот, покрај тоа...

« »

Православен календар

 

19/04/2024 - петок

Велигденски пости; (строг пост)

+Упокоение на Свети Методиј Солунски; Свети Евтихиј, патријарх Цариградски; Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија; Преподобен Григориј Синаит; (Акатист); (второ бдение);

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Славен и прославен е Господ од целиот род човечки,што изнедри таква фиданка како тебе о, Јосифе,рако продолжена на Духот Свети,поттикнат...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная