Sample Image

Во пресрет на прославата на едно од најголемите торжества, Раѓањето на Богочовекот Исус Христос, решивме да ја зголемиме радоста со уште едно испечатено дело на нашиот свет и величествен македонски јазик. За таа цел ја подготвивме и испечативме книгата „Богородично правило“, која има за цел да поттикне секојдневно молитвословие на нас, православните христијани, упатено кон Мајката Божја, во кое си спомнуваме за сите значајни настани од животот на Пресветата Богомајка. Во прилог можете да го прочитате предговорот на оваа книга.

Предговор на книгата „Богородично правило“

За православните христијани после Бог најзначајна личност во нивниот живот е Пресветата Мајка Божја. Заради нејзината чистота Бог ја избрал преку неа да прими човечко тело, а таа, иако не знаела колку голема служба ја очекува, сепак, послушно ја прифатила волјата Божја, и ете, до крајот на вековите ја ублажуваме сите христијански поколенија.

Многу храмови и манастири ѝ се посветени на Пресвета Богородица, нема црква без нејзина икона и фреска, нема богослужба или молитвословие каде што таа не се спомнува. На сите ни е мила и блиска, затоа што таа е и девојка, и мајка, и родилка, и доилка, и мајка која ја доживеала смртта на својот Син и наш Бог. Таа е најблиску до престолот Божји и затоа сите нејзе ѝ се обраќаме, зашто голема сила имаат нејзините молитви пред Бога.

Со нејзина помош бил спасен царскиот град Цариград, па во таа чест е испеан и акатистот, за кого постои едно светогорско предание, дека Пресвета Богородица нема да ги остави на страшниот суд оние кои секој ден го читаат нејзиниот акатист. Слично предание има и за ова „Богородично правило“ кое го имате пред себе, и кое ревносните христијани го читаат секој ден, спомнувајќи си притоа за сите значајни настани од животот на Пресветата Богомајка.

Македонскиот православен народ е народ на молитвата. Уште во апостолско време е запишана оваа вистина во најсветата книга, во Светото Писмо, каде што ни е опишан еден настан, кога на апостол Павле му се јавил во видение човек Македонец, и го молел да дојде во Македонија и да им помогне на Македонците (Дела 16,9). Ова е запишано во Светото Писмо како сведоштво, дека Македонците секогаш копнееле по Бога и дека само во Бог се надевале, но и како завештание, додека има свет и век, Македонците да бараат од Бога помош и спасение, и на Него и на Пресветата Негова Мајка да се надеваат.

Гледајќи ја побожноста и молитвеноста на нашиот страдален народ, и неговата љубовна посветеност во служба на Бога и на Пресветата Негова Мајка, ја објавуваме оваа мала книшка којашто, веруваме, ќе се најде во секој православен дом, ќе стане секојдневно четиво и молитва на сите верници, а Пресвета Богородица, според нејзиното ветување, никогаш нема да го остави верниот македонски православен народ. Исто така, издавањето на ова „Богородично правило“ е еден вид благодарствен дар кон Пресвета Богородица, за сите добрини кои таа ги направила и ги прави за нашиот народ, за нашата Света Македонска Православна Црква, скромен возврат за сите нејзини молитви кои таа ги принесува пред Бога за нас.

Со надеж дека ова „Богородично правило“ ќе ги упати на патот на спасението сите оние кои ќе го добијат и читаат, и дека ова ќе ни биде стимул за да се собираме редовно на неделните и празнични литургии, топло ви ја препорачувам оваа мала книшка, да ви биде секојдневна духовна храна и наслада.

Заради мајчинските молитви на Пресвета Бородица, Господ Исус Христос да нѐ помилува и спаси, и да нѐ насели во населбите на праведниците, во Царството Божјо. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел 

Извор: Повардарска епархија