Stefan.MANU.jpg

 
Петок, 05 Декември 2014 09:58

СТЕФАН,

Архиепископ охридски и македонски

 

Возљубени празникољупци,

 

Секој народ може да се смета за духовно богат, само доколку во неговиот род израснале личности, кои со својот живот и дело се забележани не само во историјата, што и не е толку важно, туку се запишале во вечноста. А вечноста е оној невременски и непросторен амбиент кој е трајна заедница со Оној Кој што ги цени само делата и односот на луѓето кон Него и кон другите. И ако за момент се обидеме да размислиме, необременети од секојдневието и искушенијата на животот - што вреди да правиме и да направиме во животот, ќе дојдеме до единствениот логички одговор: да постанеме сожители на светиите и свои на Бога (Ефес 2, 19). Значи со историјата, односно сегашноста, со времево минливо, да ја заработиме вечноста, следејќи ги токму светлите примери од вечноста -  оние кои секоја човечката душа ја просветуваат со вечната Вистина.

Во својата добра вест за човештвото, Евангелието, Спасителот, Господ Исус Христос, вели: Не се пали светилник за да се стави под поклоп, туку се става на свешник за да им свети на сите... (Мат 5, 15). Ете, ние токму таков светилник имаме во личноста на денешниот славеник, светиот Климент, Охридскиот Чудотворец. Во него, во овој наш ангел пазител и молитвеник, застапник за нашиот род пред Божјиот престол, имаме многу: и учител, и просветител, и светител, и пример... За него, за свети Климент, на едно место е речено: Тој е живата алка и духовна сила за нашиот народ и Црква и затоа во него можеме да најдеме одговор и за сите наши современи предизвици. Затоа, имајќи го како жива и света закрила, како морална и духовна величина, свети Климент и денес би можел да ни биде од полза во барањето излез од тешкотиите и да ни биде незаменлива поткрепа во сегашниве и идни искушенија.

 

Возљубени во Господа,

Почитувајќи го и славејќи го свети Климент, оној кој со многумина други од нашиот род нè воведоа во Светлината, ни ја покажаа и докажаа Вистината и ни го дадоа Животот, се почитуваме и себеси и искажуваме грижа и кон своето потомство.

Но некогаш со жалење констатираме во своите размислувања и по она што го гледаме, како да не го познаваме и цениме доволно свети Климент. Неговиот празник треба да биде наш најпрославуван, не само верски, туку и национален празник. Не треба повеќе - да погледнеме само како нашите православни браќа ги одбележуваат и величаат своите национални и духовни херои - што значи за Русите - свети Сергеј Радоњешки, за Романците - свети Јакинт Вичински, за Бугарите - свети Евтимиј Трновски, за Србите - свети Сава, за Грците - свети Дионисиј итн. Треба и мора свети Климент да стане и повеќе и да биде позначаен во секојдневието на православниот Македонец - и на општествен - заеднички и на приватен - личен план. А зошто? Затоа што тој, живеејќи според евангелските добродетели и подражавајќи Го Господа Христа преку сите страданија и неизвесности, се утврдил во добриот подвиг на верата (сп. I Тим. 6, 12), и така станал наш Мојсеј и втор Павле, изведувајќи го својот род од ропството на темнината и незнаењето, постојано трудејќи се народот да постане Црква, а Црквата народ. Преку него, преку неговото дело и дејност, Охрид и црквата во Македонија влегоа во заедницата на помесните цркви, со достоинство и почит што трае до денес. Тој постојано се залагал евангелските вистини да бидат застапени и во просветата и во книжевноста, и во уметноста и во севкупното живеење. Според него, добар човек е само оној што има љубов кон Бога и луѓето, порачувајќи дека треба да бидеме вистински христијани, а не само такви по име.... Затоа, од денес па во иднина, почесто да ги посетуваме нашите храмови, нашите цркви и манастири, особено на денот на свети Климент, како и во другите неделни и празнични денови. Зашто само така ќе потврдиме дека сме народ и верници достојни за аманетот што овој наш просветител и рамноапостол ни го оставил, велејќи: Возљубени мои..., да бидеме бодри за време на молитвата; да одиме во Црква со чистота, за сите празници на нашиот Господ Исус Христос, Неговата Пречиста Мајка, Владичица наша Богородица и Неговите светии, за да се удостоиме да слушнеме: „Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството за вас подготвено“. Да се подвизуваме со добар подвиг, патот да го завршиме, правата вера да ја сочуваме, постојано да живееме според Божјите заповеди и од нив да се поучуваме.

Возљубени потомци на свети Климент,

Живееме во време на тешки предизвици и големи искушенија, на сè позабележливо отуѓување на човекот, на негово осамување, на делење на човечката личност. Денес како сè повеќе да станува реалност она дека: Човек на човека му е волк (Томас Хобс), отколку она дека треба да се сака другиот како себеси (сп. Мт. 22, 39). И за овој неповолен процес, кој, за жал, го голта и нашето потомство, не ни е виновен никој, ни надворешен ни внатрешен непријател - виновни сме самите, зашто се отуѓуваме од Бога, а преку тоа и од човекот во нас. И не е срамно да признаеме дека сме згрешиле, дека сме се отстраниле од правилниот пат, срамно е ако сме упорни во грешењето.

Секој човек е Божја нива и Божја градба, вели свети апостол Павле (1 Кор. 3, 9), затоа постојано треба да се обработува и полева – да се облагородува, односно да се надградува за морално и духовно да расте. Создадени сме како богообразни битија, со потенцијал да се усовршуваме во доброто. А крајната граница на тоа наше усовршување е небото, местото каде што треба сите да се радуваме во радоста на нашиот Господ. Затоа, да ги следиме светлите примери од нашиот род, примерите кои Господ ги посеал и израснале меѓу нас како најдобар плод. Многу векови нè делат од денешниот славеник, но неговото дело е трајно, и од него се поучуваме дека треба да чуваме сè што е добро, што било норма и закон на нашите предци; да ја чуваме Црквата Божја и нејзините светии и светилишта; да ги воспитуваме и учиме нашите млади генерации на прадедовската вера, обичаите и традициите, зашто, во тој случај вложуваме во богатството што ни молецот го јаде, ниту ‘рѓата го нагризува (Мт. 6, 20) - вложуваме во сигурното утре и опстанокот на сè што е македонско: и државата, и Црквата, и јазикот, и културата, и писменоста...

Нека е честито и вековито денешното празнување на Светиклиментовиот празник - на ова семакедонско духовно и национално торжество. По молитвите на светиот Климент Охридски, Господ да нè дарува со трезвен ум и чисто срце, со љубов и почит кон сите. Амин!