„Скриената молња под телото на Твојата природа, и божествената убавина, Христе, си ја покажал на Гората света, Добротвору, кога ги осветли апостолите што беа со Тебе; и, кога ја разбраа Твојата неподнослива слава, повикаа: Ти си свет, бидејќи, иако си непристапен, во светот си виден во тело, единствен Човекољупче“ (стихира на Слава... на седален по полиелејни псалми на Утрена на Преображение).

Денес Тавор и Ермон се радуваат на Христовото име и светот со радост се исполни, зашто Христос јасно се покажа со Својата божествена светлина. Он им потврди на Своите ученици дека никогаш нема да ги остави, а и ние знаеме дека Он постојано е со нас и одново на сите ни се дава. Тоа особено го чувствуваме и искусуваме во светата тајна Евхаристија (Причест), во која ги примаме светите Тело и Крв Христови. И како што Спасителот се преобрази на Гората, така и лозовиот плод се преобразува во оваа света тајна: од обична земна материја, тој станува Крв Христова. Затоа и во светата Црква постои традицијата на денешниот ден да се осветува новиот лозов плод.

По повод денешниот голем празник Преображението Христово (19.08.2014 година), во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Темелко Донески, свештениците Никола Христоски, Петре Бојчиноски и Васко Голабоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На определеното место од Литургијата, беше осветен новиот лозов плод, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

 


Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Денеска светата православна Црква, прославува еден од големите Господови празници. Тој се нарекува светло Христово Преображение. За време на земниот живот, нашиот Спасител Господ Исус Христос, откако ќе излезе на јавна проповед да го слови Словото Божјо, ќе направи повеќе чуда. Овие чуда Господ Христос ќе ги направи за да ги утврди, пред сè апостолите, но и останатите Негови следбеници во Неговата наука. Ние знаеме дека Господ Исус Христос се раѓа од света Дева Марија и прима образ на човек, во сè сличен на нас луѓето, освен во гревот. Но, во исто време, Христос е и Богочовек. Он ги поседува двете природи, и човечката но и Божествената. За време на проповедањето, Он ја истакнувал повеќе човечката природа и особеност, а поретко Божествената. Божествената природа ја покажувал во помала мера, односно, кога правел разни чуда, лекувајќи болни, воскреснувајќи умрени и слично. Цели триесет и три години Господ Исус Христос ја засолнувал Божествената природа со човечката. Он прави така со цел, луѓето да можат одблиску да Го гледаат, да Го следат и да се поучуваат од Неговите проповеди и од Неговите дела.

Во денешното св. Евангелие, ние, слушнавме како Господ Исус Христос, ги зема со себе тројцата апостоли на гората Тавор и таму се преобразува. Со Него биле апостолите Петар, Јаков и Јован. Неслучајно ги избрал овие тројца апостоли, пред кои ја покажал Својата Божествена природа, кога се преобразил и кога Неговото лице засветлило како сонце, а алиштата му постанале побели од снег. Преку овие апостоли, кои се познати во нашата света Црква според особени добродетели, Господ сака и нам, Неговите следбеници, да нè потсети, но, истовремено, да нè утврди во одредени добродетели, кои се потребни за следење на Христовиот пат. Апостолот Петар е познат по неговата силна и непоколеблива вера. Во св. Евангелие се вели: „Ти си Петар – камен, и на тој камен ќе ја соѕидам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Матеј 16, 18). Апостолот, пак, Јован, наречен уште и Богослов, е познат како апостол на љубовта. Нему, Господ Христос, ќе му дозволи, на Тајната вечера, да ја стави својата глава на Христовите гради, утврдувајќи го како апостол на љубовта. Нему, пред смртниот час, Христос ќе му ја довери и Пречистата Мајка да се грижи за неа. Тој, со љубов и во љубов, секаде го проповедал Евангелието, и не само со збор, туку со дело, како што се вели во 1. Јов. 3, 18. Третиот, апостолот Јаков, пак, е познат како апостол на трпението.Тој претрпел страшни тортури, измачувања и понижувања, маченички пострадува за време на царот Ирод, но, со трпение поднесувал сè заради Христа, и заради Црквата Божја.

Денешниот празник нè поучува и ни дава пример, дека ако сакаме и ние како христијани да ја почувствуваме таа божествена енергија, сила, или како што ја нарекуваме со црковниот речник благодат, потребно е во нашиот живот, да ги исполнуваме овие три добродетели. Цврста и непоколеблива вера, како онаа што имал светиот апостол Петар. Љубовта која ја манифестирал светиот апостол и евангелист Јован и трпението кое го поседувал светиот апостол Јаков.

Кога се прави еден дом, тој мора да има своја конструкција, поврзана со статичките закони и да биде во согласност со физичките закони и потреби. Во спротивно, ако недостасува еден елемент, проектот е нецелосен и невалиден. Истиот ќе биде штетен и нема да биде во полза на создавањето на домот. Со други зборови, потребна е целосност на тие физички законитости, за тој да биде во функција. Исто така, и на духовен план, потребна е целост, за да се придобие и да се поседува Божјата благодат, односно енергијата или силата што ни се дава. Ние, како луѓе, не можеме да размислуваме парцијално за духовните нешта. Не можеме денеска да се подготвуваме и да се учиме да ја поседуваме добродетелта на цврстата и непоколеблива вера, а утре добродетелта на љубовта, а трет ден на трпението, послушноста итн. Духовниот закон бара целосност, прифаќање на севкупната Христова наука. Само тогаш ќе знаеме дека сме подготвени, не само да ја почувствуваме преображенската благодат, туку и Христа, носителот на вечниот Живот.

Драги браќа и сестри, и ние денеска кои се наоѓаме во овој свет храм, да се поучиме од евангелското четиво, па да се потрудиме нашите срца, нашата душа, нашиот ум, не само со збор, туку вистински и сериозно да ги очистиме од секакви нечистотии, од секакви заблуди, гревови и престапи. Да можеме да се удостоиме да ја примиме Божествената благодат на светата Црква што ни ја нуди преку нејзините свети тајни. Пред сè, преку светата тајна евхаристија, односно причесната, кога ние преку лебот и виното го примаме Живиот и Вистински Христос. Он, пак, нè облагодетува, просветлува, осветува и нè прави заедничари на едната, света, соборна и апостолска Црква. Не е доволно да дојдеме во храмот. Да запалиме свеќа, да се прекрстиме,правилно или полуправилно, да целиваме икона и да оставиме евентуален подарок, па да мислиме дека сме се очистиле, сме се измиле од калта, односно од гревовите и престапите. Но, потребна е внатрешна духовна борба. Да отфрлиме од нас сè што е ниско, страсно, погрешно и да го замениме со возвишеното, благородното и светото. Тоа ќе го постигнеме преку покајание, исповедување и поправање на нашиот живот.

Да се обратиме со искрена молитва кон нашиот Спасител Господ Исус Христос. Он нека ја наклони Неговата милост и љубов па нека ја излие Неговата благодат во нашите срца и души. Па и ние да се преобразиме кон подобро, свето и возвишено. И така, да го прославиме Неговото име, сега и во сета вечност. Амин.

 


Преображение Христово
19. 08. 2014 год.
храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ - Струга

Извор: Дебарско- кичевска епархија