prepodoben.Agaton.jpg  15/март Лето Госповово

 

Голем мисирски подвижник од 5 век. Современик на Св. Макариј и на неговиот ученик Св. Лот. Се грижеше да ги исполнува сите Божји заповеди. Некој од браќата му го пофали ноженцето со кое сечеше прачки за плетење кошници. Кога го слушна, светителот со радост му го подари ноженцето на братот. Говореше Св. Агатон: „За мене би било задоволство да можам на себе да го земам телото на некој лепрозен, а нему да му го дадам моето“. Ете за совршената љубов...

Меѓу великите монаси, познати египетски подвижници беше и авва Агатон. Тој особено се одликуваше со смирение и трпение. Сакајќи да го проверат тоа, еднаш во посета му дошле неколкумина браќа. Тие го прашале: „Авво, слушнавме дека си горд, дека ги презираш другите и дека си блудник?“ Авва Агатон им одговорил: „Да, тоа е вистина.“ „А дали си озборувач и клеветник?“ И на тоа прашање, тој им одговорил потврдно. Но, кога го прашале: „Авво, дали си еретик?“ Тој им одговорил: „Тоа не! Јас не сум еретик.“ Потоа го прашале: „Авво, те молиме кажи ни зошто ги признаваш претходните особини, а третата не ја признаваш?“ Тој им одговорил: „Тоа првото го прифаќам, бидејќи тоа е корисно за мојата душа, но да се биде еретик значи да се биде одвоен од Бога, а јас не сакам да бидам одвоен од Бога.“

 

(од Старечникот)