Hristos.voSila.jpg

Очистени со душата и духот, носејќи гранчиња на верата, како дечиња да пееме пофални песни на Христа, громогласно воскликнувајќи на Владиката: Благословен си, Спасителе, Кој си дошол да го спасиш Адама од древната клетва и Кој со човекољубието Твое благоизволи духовно да станеш нов Адам, Слово, устројувајќи сè за наше добро, слава Ти.
Утрена, Лазарева сабота

Поуки од светите отци: Дали ти е направена неправда, дали си ограбен и оклеветен и повреден во работите кои за тебе се од најголемо значење; сакаш да го видиш својот непријател казнет? Но, дури и за тоа, подобро за тебе е да му простиш.
Свети Јован Златоуст

Молитва:
Нашите денови се во Твои раце, Боже. Помогни ни да ја вложиме сета своја сила, своето срце и ум помагајќи им на ближните. Помогни ни, најпрвин, сами себе да си помогнеме, а потоа едни со други да ја делиме Твојата љубов во сите наши дела, секогаш славејќи Го и фалејќи го Твоето свето Име. Амин.

Читање од Светото Писмо:
Исаија 65, 8-16
Битие 46, 1-7
Соломонови Изреки 23, 15-35; 24, 1-5

Созерцание: На некого - ах, на некого - ох, на некого - кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи?
Соломонови Изреки 23, 29

Подготви: А.Л.

 


Преподобен Исаак Сирин II
(Исаак Сирин I се празнува на 28 јануари)

За овој светител пишува Св. Григориј Двоеслов. Во Италија дојде во готско време и во градот Сполетан еден ден влезе в црква. Го замоли еклисијархот да го заклучи внатре и да го остави во црквата и преку ноќта. И така ја помина цела ноќ неподвижен на молитва. Исто така и утредента и наредната ноќ. Еклисијархот го нарече лицемер и му удри шлаканица. Но во истиот миг полуде. Гледајќи го колку се мачи, Св. Исаак се наднесе над него и во тој миг демонот побегна од бесомачниот. Значи еклисијархот оздраве. Слушнаа луѓето за овој настан и целиот град притекна кон овој необичен туѓинец. Му нудеа имот и пари, но тој сѐ одби, ништо не прими и се повлече во шумата, каде што си направи келија којашто потоа се претвори во голем манастир. Исаак беше познат по чудотворството, особено по дарот на проѕорливост. Еднаш навечер тој им нареди на браќата да ги изнесат мотиките во лозјето и да ги остават таму. Утредента тргна со браќата кон лозјето и понесе ручек. Монасите се чудеа што ќе им е тој ручек кога немаат работници. Но кога стигнаа таму имаше онолку луѓе што копаа колку што беа мотики. Овие луѓе беа западнале во лозјето како крадци сакајќи да ги украдат мотиките, но силата Божја ги запрела да копаат цела ноќ. Другпат дојдоа двајца мажи, речиси голи, да бараат облека од Свети Исаак. А тој испрати еден монах до едно шупливо дрво покрај патот и му рече да донесе што ќе најде таму. Отиде монахот, најде некои облеки во дрвото и ги донесе. Игуменот им ги предаде овие облеки на питачите. Тие длабоко се засрамија, зашто ги препознаа облеките коишто самите пред да дојдат ги беа сокриле во истото дрво. Еден човек испрати две кошници во манастирот. Патем монахот едната ја скри, а другата му ја однесе и му ја предаде на игуменот. Светителот му рече: „Внимавај на враќање. Во онаа кошница што ја остави покрај патот се вовлече змија отровница. Чувај се да не те касне“.

 

 

 




Оставете Ваш коментар