Понеделник, 08 Април 2013 11:25    Најновата книжевна продукција од домашни и од странски издавачи ќе биде претставена на 25. Саем на книгата, кој ќе се одржува од утре до 15 април

Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопскиот саем, на прес-конференцијата денеска  информираше дека во седумте саемски денови на едно место ќе се соберат најголемите издавачи од Македонија, како и од Србија, Албанија, Италија и од Шведска. Тие ќе понудат разновидна литература - белетристика, научна литература, книги за деца... Очекува 40 000 посетители зашто овој саем, по Саемот за мебел, е втора саемска манифестација по посетеност.
Третпат на Саемот ќе се одржува акцијата „Подари книга, подари богатство“, а нејзин покровител, заедно со Скопскиот саем, годинава е Министерството за култура. Министерката Елизабета Канческа-Милевска истакна дека целта е да се подигне свеста за книжевното творештво, особено кај младата популација која преку книгата треба да ја гради својата перцепција за културата и за вистинските вредности.

- Исто така, оваа акција го поттикнува и издаваштвото кое е една од темелните вредности на културниот мозаик во Република Македонија и токму затоа во последниот период издаваштвото на повеќе начини и преку повеќе активности е стимулирано од Владата и од Министерството за култура. Саемот на книгата е меѓу најпосетените и најзначајните културни манифестации која секоја година ги зближува авторите и читателите и овозможува нивна комуникација на клучни теми. Саемот на книгата е и можност за издавачите да ги промовираат своите најнови изданија, своите концепции и визии за натамошниот развој на издавачката дејност, а авторите преку оваа манифестација ги афирмираат вредностите на македонската творечка мисла - истакна Канческа-Милевска.

 

 Министерството за култура ќе има свој штанд на Саемот на кој секој ден од 12 до 13 часот ќе ги презентира капиталните книжевни проекти на Владата на РМ: едицијата „130 тома македонска книжевност“ на македонски и на англиски јазик, преводите на дела на нобеловци - 145 наслови, од кои последните 20 ќе бидат промовирани следната недела, и едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ која опфаќа 560 наслови од сите жанрови.
На штандот на Министерството в четврток ќе биде презентиран новиот проект - „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“, а в петок ќе бидат промовирани и успешните проекти за литературни преводи поддржани од програмата на Европската Унија „Култура 2007-2013“ и ќе се одржи панел-дискусија „Европската литература - денес и утре“.


Новина годинава е што Саемот ќе трае ден повеќе и ќе го опфати понеделникот од следната недела. Претседателот на Здружението на издавачи и книжарни на Македонија (ЗИКМ), Горјан Лазаревски, рече дека тоа е можност за читателите  да имаат цел викенд за посета на Саемот наместо тој да завршува во недела како во изминатите години. Тој соопшти дека ЗИКМ ќе ги додели петте традиционални награди меѓу две саемски манифестации - за најдобро оригинално издание, за ликовно обликување и дизајн, за најдобра илустрација на сликовница, за најдобро отпечатена книга и за најдобар книжар.
И НУБ „Св. Климент Охридски“ во рамките на Саемот ќе ја соопшти и ќе ја додели наградата за најчитан автор во Македонија врз основа на статистиката од библиотеките во државава. Наградата ќе биде доделена третпат, а претходни добитници се писателите Горјан Петревски и Венко Андоновски.
Освен со понудата на книги, Саемот е и можност за средби на читателите со авторите, така што тие, како и промоциите, се составен дел и од годинашната манифестација.

 

 Извор: Министерсво за култура на РМ