Тропар на светите Христови Апостоли

Иродион, Агав, Руф,

Асинкрит, Флегонт и Ермиј

3.angeli.so.truba

 21/04/2024

8 април / 21 април

Вие кои верата во Бога Единиот на вселената
ја проповедавте, Апостоли со мноштво венци закитени,
маченици, пророци, проповедници и учители
Иродионе, Агаве и Руфе,
Асинкрите, Флегонте и Ермие
молете се на Милостивиот Господ по вашите
свети молитви да ги помилува нашите души.


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот отец

Целестин Папа Римски

21/04/2024

8 април / 21 април

Умот твој озарен од Божјата благодат
ја спозна слободата која Христос
ја дарува на оние кои одат во вистината, свети Целестине,
и ревноста те направи сотрудник на Словото,
кое преку тебе се сведочеше на верните.
За нас моли се сега да останеме на истиот пат
кој нѐ води кон Вечната Светлина.


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот Христов

маченик Јован бродар

21/04/2024

8 април / 21 април

Покајанието твое Јоване свети во оган беше испробано,
а ревноста со венец маченички закитена.
Исповедувањето на верата со молитви
кои при Бога стигнуваа се утврди,
на кои и ние денес се надеваме
чествувајќи го твојот свет спомен.


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 
Тропар на светиот Христов

епископ Нифонт Новгородски

21/04/2024

8 април – 21 април

Ученик на Законоположникот Христос,
ревнител молитвен на Гетсиманскиот Владика,
Нифонте свети оче наш,
мудро ги избегна замките на земното властољубие,
и срцето се исполни со гласот кој Бога го повикува,
моли се свети оче за нас,
со отците Печерски на Христа Спасителот,
да ги помилува нашите души.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (21.04.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2024 лето Господово

 

Од Верскиот календар:

 vozdvizenie.jpg

Светите апостоли Иродион, Руф, Асинкрит, Флегонт и Ермиј

Сите беа од Седумдесеттемина апостоли. Св. апостол Павле ги спомнува во своите Посланија. „Поздравете го", им пишува Павле на Римјаните, „мојот роднина Иродион" (16, 11). Иродион пострада од Евреите многу како епископ Неопатарски; го биеја со стапови по главите, со камења по усните, го бодеа со ножови. И кога го оставија како мртов, Свети Иродион стана и продолжи да им служи на апостолите. Во Рим му помагаше на Св. апостол Петар. Го убија заедно со многумина други христијани истиот ден кога беше распнат Петар.
Свети Агав имаше пророчки дух. Во Делата Апостолски се спомнуваат неговите две пророштва. Прво, прорече голем глад по сиот свет, кое и се случи во времето на кесарот Клавдиј. И второ, кога во Кесарија се сретна со апостолот Павле којшто одеше за Ерусалим, Агав го зеде Павловиот појас, си ги врза себеси рацете и нозете, велејќи: „Вака вели Светиот Дух: човекот чијшто појас е ова вака ќе го врзат во Ерусалим Евреите" (Дела 21, 11).
Свети Руф беше епископ во Тива Јудејска. И него го спомнува апостолот Павле: „Поздравете го Руф, избраниот во Господ" (Рим. 16, 13). Беше епископ во Ирканија азиска.
Свети Флегонт, кој се спомнува на истото место, беше епископ во тракискиот град Маратон.
Свети Ермиј спомнат со останатите, беше епископ во Далмација.
Сите тие како пчели Христови го разнесуваа медот на Евангелието по разни краишта, страдајќи многу за љубовта Христова. Сите се преселија во вечното царство на љубениот Христос.

 

Свети Нифонт, епископ Новгородски

Се одликуваше со голема ревност во изградбата и поправката на црковните храмови и со голема храброст во спротиставувањето на силните кнезови. Тринаесет дена пред смртта му се јави Св. Теодосиј и му ја навести близината на неговото преминување во оној свет. Се упокои во 1156 година.

 

Свети Келестин, папа Римски

Голем ревнител на православната вера. За време на Третиот Вселенски Собор напиша послание против еретикот Несториј. Се упокои мирно во 432 година.