Тропар на светиот
Божји пророк Еремија
1 мај / 14 мај

Велики Еремио, слуго Божји,
ти тивок ветру пред срцето на луѓето,
чувару на заветниот ковчег,
огнот свет сочувај го во душата на секој човек,
и иконата во срцето на Христијанинот,
да познаат дека еден Бог е Бог Израилев,
народ Божји во кого е волјата на Пресвета Троица,
за спасение и наследство на Царството Небесно.


Александар Македонски ги пренесе неговите мошти во Александрија.
Ковчегот на Заветот го запечати, за да Мојсеј и Арон го отпечатат.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот

Христов маченик
   Акакиј
 1 мај / 14 мај

-    Прими го Господи моето покајание,
повикуваше ти о Акакие храбар мачениче.
Христос те врати на патот на спасението
гледајќи ги солзите на преумувањето.
Моли се за нас ти кој од благодатта закрепнат,
долгот кон светот го врати,
за да побегнеш кон слободата,
ликувајќи со небесните ангели.

 


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобниот отец
Герасим Болдински
1 мај / 14 мај

Бесловесното Божјо создание свети оче Герасиме,
пример ти беше да ги запознаеш страстите во човека,
и поучен од Мудроста лекови доби одозгора,
за сечија душа човечка, преподобен оче наш,
на чии молитви сега се надеваме
пред Лекарот на нашите души.

 



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Макариј Киевски
1 мај / 14 мај

Следејќи ја Главата на сите – Спасителот Христа,
ти пастиру душата си ја положи за оние кои ти беа доверени,
закрепнат од благодатта, службата литургиска те подигна
на Небесата кон која поита,
 молејќи се за сите кои те повикуваат
во неволјите пред Седржителот.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

Тропар на преподобниот отец
Никифор Хиоски
1 мај / 14 мај

Целиот вдлабочен во Писмото Свето,
живеењето ти стана, свети оче Никифоре,
дружба со Божјите угодници.
Напоен со благодатта Христова,
не само поуки туку и на дело ја покажуваше
слободата во љубовта, помагајќи на неволните
и молејќи се за напатените и денес
оче наш преподобен пред Христа Милостивиот.

 



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

Тропар на преподобниот отец
Пафнутиј Боровски
1 мај / 14 мај

Пафнутие свети, кој умре пред да умреш,
блажениот живот земен твој,
ангели пазители приведе по твоите молитви
и денес да пазат на оние кои го поддржуваат
подвигот преподобен.
Облагодатен оче, еве при тебе припаѓаме
и на твоите свети молитви се надеваме,
кои ги услишува Оној Кој смирението ти го прими.

 



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов епископ
Панарет Павски
1 мај / 14 мај

Веригите свети епископе Панарете
те ослободија од високоумието,
а врлините го завзедоа местото на слабостите
кои Господ со благодатта ги лекуваше.
Нека твојата будност за стадото свет пастиру,
продолжи и денес и во веки
 пред Престолот на славата на небесата.

 


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Вата Персиски
1 мај / 14 мај

Ти подвижнику Вато кој ги затвори
вратите на сетилата и чувствата,
венец достоен маченички прими од Христа Бога,
Кој благоизволи да те очисти од телесноста,
и за нас сега моли се да не ѝ наштетиме
на душата обременета од световноста.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (14.05.2023)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Светиот пророк Еремија

Роден 600 години пред Христа, во селото Анатот, недалеку од Ерусалим. Почна да пророкува во својата петнаесетта година, во времето на царот Јосија. Им пророкуваше за покајание на царот и на неговите големци, на лажните пророци и на свештениците и во времето на овој цар Јосија одвај си ја спаси главата од убиствените раце на огорчените големци. На царот Јоаким му прорече дека неговиот погреб ќе биде како погреб на магаре, т. е. мртов ќе биде исфрлен надвор од Ерусалим и телото долго ќе му се влечка по земјата непогребано. Заради ова Еремија беше фрлен во затвор. Бидејќи во затворот не можеше да пишува, го повика Варух, којшто застана покрај неговото затворско прозорче, а Пророкот почна да му диктира. Кога му го прочитаа ова пророштво на царот, тој гневен ја фрли хартијата во оган. Промислата Божја го спаси Еремија од затворот, а врз Јоаким се исполни зборот на Пророкот. На царот Јехониј пак, му прорече дека со целото семејство ќе биде одведен во Вавилон и дека ќе умре таму, коешто наскоро и се случи. Под царот Седекија Еремија си стави јарем на вратот и така одеше по градот Ерусалим, пророкувајќи го со тоа падот на Ерусалим и ропството под јаремот на Вавилонците. На еврејските робови во Вавилон им пишуваше да не се надеваат да се вратат во Ерусалим, зашто ќе останат во Вавилон седумдесет години - така и беше. Во долината Тотеф, под Ерусалим, каде што Евреите им принесуваа на идолите деца како жртви, Еремија зеде здрав лонец во рацете, го скрши пред народот, пророкувајќи ја брзата пропаст на Јудејското царство. Наскоро Вавилонците го зазедоа Ерусалим, го убија царот Седекија, го разорија и го ограбија градот, а огромен број Евреи беа заклани во долината Тотеф, на местото каде што Пророкот го искрши оној лонец. Еремија со левитите го зеде кивотот од храмот и го однесе на ридот Нават - каде што умре Мојсеј - и овде го скри во една пештера. Огнот од храмот пак, го скри во еден длабок бунар. Некои Евреи го принудија да оди со нив во Египет, каде поживеа четири години, а потоа беше од своите сонародници убиен со камења. На Мисирците им прорече дека идолите ќе им бидат разбиени и дека Дева со Младенецот ќе дојде во Мисир. Постои предание дека самиот цар Александар Велики го посетил гробот на Пророкот Еремија. На наредба од Александар телото на Еремија е пренесено и со почести погребано во Александрија. (Мисирците речиси го обожаваа Пророкот Еремија. Затоа и го погребаа како крал. Го сметаа за чудотворец и после смртта. Правот од неговиот гроб го земаа како лек против каснатици од змија. И ден денес мнозина христијани во молитва го повикуваат Пророкот Еремија против змии).

Преподобниот маченик Акакиј Влечкар

Од селото Неохор близу Солун. Бидејќи многу беше биен од мајсторот во Серез, тој се потурчи. Потоа живееше во Хилендар како покајник и монах. Неговата сиромашна и христољубива мајка го посоветува: „Како што доброволно се одрече од Господ сега така мораш доброволно да примиш и мачеништво за слаткиот Исус.“ Ја послуша мајка му и со благослов од светогорските отци отиде во Цариград, каде што Турците го заклаа во мај 1816 година. Неговата глава се чува во манастирот на Свети Пантелејмон.

Свети Пафнутиј Боровски

Син на татарски големец, кој подоцна прими христијанска вера. Во својата дваесетта година Пафнутиј се замонаши и проживеа во манастирот сѐ до неговата деведесет и четврта година, кога се упокои во Господ. Беше девственик и подвижник, па затоа и голем чудотворец и проѕорливец. Почина во 1478 година.