Тропар на преподобниот
Јован Декаполит
18 април / 1 мај

Блажен си ти Јоване преподобен,
радост на големиот Григориј – твојот учител,
смирен по срце, сотрудник на Јосиф,
славејот на Духот Пресвет.
Црквата ликува денес при споменот на
животот твој свет, кој е радост на ангелите,
посрамување на демоните, а за нас по твоите
молитви пат кон спасение.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот
отец Евтимиј
18 април / 1 мај

Христос нашиот Бог преку тебе Евтимие,
го осветли Корелското племе
и приведе кон познание на вистината.
Моли се за нас преподобен оче,
кој пред Господа претстоиш,
а при нас си посведочен со чудеса,
во слава Божја од моштите свети твои.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов новомаченик
Јован Кулик
18 април / 1 мај

Страдањата за Христа маченички,
те подигнаа од земјата блажен Јоване,
и вратата на вечноста ја отворија,
каде сега се насладуваш гледајќи Го
Спасителот на душата твоја.
Спомни си за нас свети мачениче
од местото на вечниот покој.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
новомаченик Христов
Јован нови Јанински
18 април / 1 мај

Благодатта Христова ја следеше ревноста твоја о Јоване,
и те закрепнуваше како јагне меѓу волци испратено,
каде Бога Го исповедаше молејќи се
вистината да го победи светот.
Тебе денес те молиме пред Христа за нас да се застапиш
ти кој мачеништвото го прими како награда.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобниот
Козма Халкидонски
18 април / 1 мај

Благочестието стекнато низ подвижнички трудови,
ја привлече благодатта Божја на тебе,
Козмо преподобен оче наш,
и ти погледна во вечноста преку прозорецот на Иконата
за чие исповедување злочестие претрпе,
но сега се радуваш со светиите во небесната татковина,
од каде моли се да се спасат нашите души.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (01.05.2020)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2019 лето Господово

 

Од Верскиот календар:

Светиот маченик Јован Нови Јанински

Родум од Јанина, некогаш престолнина на царот Пир. Кога неговите сиромашни родители умреа, младиот Јован се пресели во Цариград и таму го продолжи својот занает (бидејќи беше занаетчија). Не многу пред тоа Турците го освоија Цариград и многумина христијани од страв се одрекоа од Христа и примија ислам. Продавницата на Св. Јован беше токму меѓу овие потурци. Колку што повеќе тој гореше од љубов кон Господ Христос толку посилно се изразуваше како христијанин меѓу предавниците на Христа. И почна да се препира со нив за верата, а најпосле и да ги укорува за предавството. Тие тогаш го одвлекоа на суд и лажно го обвинија дека божем порано го примил исламот, но повторно се вратил во христијанството. Откако го мачеа и биеја со стапови и со железни шипки, го фрлија в затвор. Другиот ден, беше Велигден, повторно го поведоа на мачење, а Јован излезе радосно пеејќи: „Христос воскресна од мртвите!“ На своите мачители храбро им рече: „Правете што сакате за поскоро да ме испратите од овој краткотраен земен живот во животот вечен: јас сум роб Христов, Христа Го следам, за Христа умирам, за да живеам со Него!“ По ова го врзаа во синџири и го одведоа да го запалат. Кога го виде големиот оган подготвен за него, Свети Јован самиот потрча и скокна во пламенот. А неговите мачители штом видоа како скока и колку ја сака смртта, го извлекоа од огнот и го осудија на смрт со меч. Откако му ја отсекоа главата, ги фрлија и телото и главата во огнот. Подоцна христијаните ја растргнаа пепелта и собраа некои остатоци од неговите чесни и чудотворни мошти и го погребаа во Великата Црква во Цариград. Свети Јован Јанински најде маченичка смрт и прими венец на Божествена слава на 18 април 1526 година.