Тропар на светата Христова

маченица Томаида
26/04/2024

13 април / 26 април

 

Духот во тебе од Бога облагодатен,

ни пепел не остави согорувајќи ја страста телесна,

о Томаидо девственичке света.

Просејќи ги светите молитви твои

припаѓаме пред тебе за да се ослободиме

од целото телесно мудрување и Бога Го

умилостивиме да ја врати нашата првобитна убавина.

 

 

 

Тропар на светиот Христов

свештеномаченик Артемон Лаодикиски
26/04/2024

13 април / 26 април

 

О свети Артемоне свештеномачениче

Бог на човека сѐ му покори и над секоја творба

го постави, Он Истиот преку тебе волјата Своја

повторно ја пројави – да бидеме спасени

и на рајот наследници, моли се за нас пастиру Христов,

да се преумиме и кон вечноста да поитаме.

 

 

Тропар на светиот
Христов новомаченик
Димитриј Пелопонески
13 април / 26 април

Исповедник на верата Христова постана,
откако Спасителот Го повика
 кога се најде сред морските бранови,
о Димитрие новомачениче.
Надеж стана за паднатите кои во маките,
од светот помош не побараа,
туку очите кон небото ги подигнаа,
и поттик си молитвен сега за нас
пред Христа кој покајаните ги милува.



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
маченик Христов
Крискент
13 април / 26 април

Ревноста за Христа ја отвори устата твоја свети Крискенте
и исповедник на верата која спасува те направи
пред оние кои одат во смртна сенка.
Радувај се и за нас моли се од пределите
каде вистината царува.

 


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 
 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (26.04.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2024 лето Господово

 

Од Верскиот календар:

Светиот свештеномаченик Артемон

Беше свештеник во Лаодикија во времето на царот Диоклецијан. За себе пред судијата мачител рече: „Се викам Артемон, роб на Христа мојот Бог; шеснаесет години бев чтец и читав книги во Црквата на мојот Бог; дваесет и осум години бев ѓакон и го читав Светото Евангелие; триесет и три години наполнив како презвитер поучувајќи ги луѓето на патот кон спасението со помош на Христос“. Судијата го воведе во храмот на Ескулап, каде што жреците негуваа големи змии посветени на тој „бог“. Сите мислеа дека змиите ќе го каснат Артемон. Но тој се прекрсти и со силата на крстот ги прикова оние змии на земја така што не можеа да мрднат. Сите ги опфати жуас. Главниот жрец на храмот, Виталиј, штом го виде ова чудо падна на колена пред Артемон и возвикна: „Голем е христијанскиот Бог!“ Него, а и неколкумина пријатели со него, Свети Артемон ги крсти. Но злочестивиот судија остана упорен и го мачеше старецот Артемон со разни маки. Еднаш сакаше да го фрли во врела смола, но самиот се оттргна од коњот и падна во неа. Па изгоре. При ова беа видени два орли како паднаа врз него, го оттргнаа од коњот и го фрлија во смолата. Свети Артемон остана слободен и извесно време одеше наоколу со двата верни елени што го придружуваа и го поучуваше народот. Но повторно го фатија и го убија во 303 година. Неговата душа се пресели во царството на Господ Христос, Кому Артемон Му послужи верно на земјата.

Светиот маченик Крискент

Од градот Мир Ликиски. Чесен и славен граѓанин. Јавно ја исповеда својата вера во Христа и ги исмеа мртвите идоли. За ова незнабожците го мачеа и го изгореа во оган.

Светата маченичка Томаида

Родена е во Александрија од чесни родители, научена на благочестие од малечка и во нејзината петнаесетта година венчана со чесен маж. Но нејзиниот свекор беше скверен старец и во отсуство на синот ја нападна својата снаа и сакаше да ја обесчести. Томаида се исплаши и во стравот го опоменуваше свекорот за законот Божји и се истргнуваше од неговите раце. После долга борба свекорот извади нож и ја закла снаата, па ја расече на две половини. Во тој миг го постигна ваква казна од Бога: веднаш ослепе и не можеше да ја најде вратата за да излезе оттаму, туку го затекнаа во таа одаја и го предадоа на суд којшто го осуди на смрт. Света Томаида пострада чувајќи ја заповедта за сопружничката верност и чистота. Подоцна многумина кои ги измачуваше блудната страст ѝ вознесуваа молитви на Света Томаида и од неа добиваа крепка помош. Големиот подвижник Данило нејзините мошти ги пренесе во Скитот и таму ги положи на гробиштата на свештеномонасите. Света Томаида пострада во 476 година.