Тропар на светите
Христови маченици
Агатопод ѓакон и Теодул чтец
5 април / 18 април

Вистина непоколеблива имајќи во срцата ваши
Агатоподе и Теодуле,
познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,
а верата во Љубовта го отвора пaтот до вечноста.
Христос Господ кој ве приведе кон такво познание,
молете го вие свети маченици
да ги помилува нашите души.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот
Марко Трачески
5 април / 18 април

Љубовта твоја о Марко свети го најде Изворот нејзин,
и ревноста подвижничка ја изѕида гората висока,
од каде Христос за тебе света трпеза постави.
Ангели испратени ја мереа големинта на подвигот
а ти непрестано, незапирливо слава на Господа воздаваше.
Радувај се и за нас моли се, саду на зрната синапови,
кого Спасителот сам во Своите прегратки го прими.

 



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот
Христов исповедник
Платон игумен Сакудионски и Студитски
5 април / 18 април

Господ преку тебе Платоне
лоза знаменита студитска изнедри,
на која ти од Христа благодат примајќи
беше сок кој секоја ревност ја поттикнува.
Радувај се исповедниче кој во вистината до крај остана,
и за нас моли се праведнику,
 да останеме во учењето кое спасува.


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

 

 Тропар на преподобниот отец
Пуплиј
5 април / 18 април

Висино на смиреномудрието,
Пуплие оче наш преподобен,
тебе Христос заради молитвата непрестана,
те постави заштитник на родот човечки,
кој со твоите молитви се брани
од демонските напасти.
Моли се за нас ти Божји угодниче,
засекогаш Христови да останеме.

 



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобната мајка
Теодора Солунска
5 април / 18 април

Блажена си ти Теодоро,
на која Спасителот изли миро на смирение,
гледајќи ја радоста на срцето твое.
Блажена си ти по чии молитви и денес се спасуваме,
целивајќи ги светите мошти твои,
и на Бога слава воздаваме,
за милоста која преку тебе нам ни ја покажува.

 



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (18.04.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

Светите маченици Агатопод и Теодул

Првиот беше ѓакон, а вториот чтец на црквата во Солун; првиот преукрасен со старечка мудрост, а вториот со младешка девственост. Во времето на Диоклецијановата хајка на христијаните овие двајца беа повикани на суд. Тие се одѕваа со радост и држејќи се еден другиот за рака одеа викајќи: „Ние сме христијани!“ Сите совети на судиите да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите останаа залудни. После долготраен затвор и гладување ги осудија на смрт со потопување во морето. Рацете им ги врзаа наопаку и им обесија по еден тежок камен на вратот, па ги поведоа на потопување. Кога сакаа да го турнат прв Агатопод во длабочината, тој возвикна: „Еве, со второ Крштение се миеме од сите наши гревови и излегуваме чисти пред Христа Исуса!“ Нивните потопени тела морето наскоро ги исфрли на брегот, а христијаните чесно ги погребаа. Свети Теодул во сон им се јави на своите познаници како светол ангел во бела облека и им нареди сиот негов преостанат имот да им го раздадат на сиромасите. Овие прекрасни Христови војници чесно пострадаа за верата во времето на царот Диоклецијан и солунскиот кнез Фаустин во 303 година.

Преподобен Марко Трачески

Се нарекува уште и Атински, според неговото родно место Атина. Кога таму ги заврши високите школи, родителите му умреа. Тој во себе помисли дека благовремено треба да се подготви за чесно заминување од овој свет. Откако им го раздаде имотот на сиромашните, седна на една штица и тргна по морето со тврда вера во Божјата помош и молејќи Го Бога да го одведе на место коешто ќе ѝ биде угодно на Неговата Света волја. Промислителот Бог го одведе во Ливија (или Етиопија), на планината наречена Траческа. На оваа планина Марко се подвизуваше полни деведесет и пет години и не виде таму ниту човек ниту ѕвер. Цели триесет години водеше страшна борба со демоните и се мачеше со глад и жед и жега и мраз. Јадеше земја и пиеше морска вода. После триесет години најжестоко страдање демоните победени побегнаа од него, а ангел Божји почна секој ден да му носи храна во вид на леб, риба и овошје. Пред смртта дојде да го посети Св. Серапион, којшто потоа и го објави житието на овој чудесен светител. Го запраша Марко Серапион: „Има ли денес христијани во светот кои кога би ѝ рекле на оваа гора: „Дигни се одовде и фрли се в море “, тоа и би се случило?“ Во тој миг накај морето се крена планината на којашто седеа самите. А Марко замавна со раката и ја запре. Таква чудотворна сила имаше овој Божји човек. Пред смртта се помоли за спасението на луѓето и Му ја предаде својата душа на Бога. Св. Серапион ги виде ангелите што ја зедоа душата на Св. Марко и раката што се пружи од небото за да ја прифати. Свети Марко поживеа сто и триесет години и се упокои во Господ околу 400 година.