ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ      

Тропар
на преподобниот отец
Ипатиј Рутински
31 март / 13 април

Достоен си старче премудри о Ипатие,
од Бога да го примиш жезолот пастирски,
со кој демоните се изгонија,
пофалба и слава достојна прими
и за маките породилни со кои се подигнува челадта,
но величие ти воздаваме затоа што патот до Христа го освети,
со поуки мудри и подвизи ангелски,
од кои за нас и денес твоите молитви,
Бога го умилостивуваат за нашите гревови.

Aleksandar.N.sv.Haralampij



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар
на преподобниот отец
Аполониј
31 март / 13 април

Пустински ангелу, Аполоние свети,
Христос те удостои собеседник Негов да бидеш
и пастир на оние кои правила земни исполнуваат
вдахновени од Небесни устројства.
Радувај се сега ти благоухан мирис
на цветната небесна градина и за нас моли се кои
приклонуваме колена пред твојата света икона
во Божја слава и пофалба.

Aleksandar.N.sv.Haralampij

 


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите Христови
триесет и осум маченици
31 март / 13 април

Благодатта Господова плодна почва најде
во срцата ваши свети маченици,
кои од сродници по тело,
не само што на родот маченички се накалемивте,
туку и пријатели со Бога и вечните постанавте.
Мир добивајќи и венци нетрулежни
за нас молете се во соборот на сите светии.

Aleksandar.N.sv.Haralampij

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

  

 Тропар на светите
Христови маченици
епископ Авда и ѓакон Венјамин
31 март / 13 април

Блажен си ти епископе Авдо
кој излезе од соборот на незнабошците
и храмови ракотворени повеќе не ѕидаше
туку неракотворениот со благодатта Господова
во себе го подигна и за Бога припреми,
со крвта маченичка го освети и како брачна одаја го украси.
Подвигот и Венјамина со ревност го исполни
кој Евангелски стрели испрати насекаде
иако за место маченичко прикован беше.
За нас молете се вие цветови благоухани
на Господовата милост.

Aleksandar.N.sv.Haralampij


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Ипатиј Гангрски
епископ и чудотворец
31 март / 13 април

Незлобивоста твоја подарувана ти одозгора,
те удостои со чин епископски, о сјаен подвижниче
Ипатие, смирението кон тебе ангели привлече,
а со трпението створената природа се покори,
о чудотворче кој насекаде возвестуваш
за силата Христова, моли се Божји
угодниче благодат да добиеме,
за со сите да се помириме,
и мир во Господа да најдеме.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (13.04.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2024 лето Господово

 

Од Верскиот календар:

Светиот свештеномаченик Ипатиј, епископ Гангрски

Роден во Киликија, а епископ во градот Гангра. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор. На сите страни прочуен заради благочестивиот живот и дарот на чудотворство. Царот Констанциј нареди да се изобрази ликот на Ипатиј уште за време на животот на овој светител и тој лик царот го држеше во својот дворец како оружје против секаква непријателска сила. Враќајќи се еднаш од Цариград Ипатиј беше нападнат во еден теснец од еретиците новатијани и турнат од друмот во некоја кал. При ова една жена од таа дружина го удри со камен во главата и вака светителот го заврши својот земен живот. Но жената одеднаш полуде и го зеде истиот оној камен и со него се удираше самата себеси. Кога ја доведоа на гробот на Свети Ипатиј и Му се помолија на Бога за неа, по големата милосрдност на Свети Ипатиј таа се исцели и остатокот од животот го помина во покајание и молитва. Свети Ипатиј пострада и се пресели во Царството на Христос во 326 година.

Свети Јона, митрополит Московски

Родум од Костромската губернија. Во дванаесеттата година стана монах и како таков долго поживеа во Симоновиот манастир во Москва. За време на митрополитот Фотиј стана епископ Рјазански, а кога Фотиј умре, го избраа Јона за митрополит и го испратија кај патријархот во Цариград за да го посвети и утврди. Но тогаш некој Исидор, Бугарин по потекло, го претекна Јона , стигна пред него во Цариград и беше посветен за митрополит руски. Јона се врати на својата столица во Рјазан. Но зломислениот Исидор лошо заврши со своето митрополитство. Отиде на Флорентинскиот собор и се врати во Москва дури после три години. Сите се кренаа против него како отстапник од Православието и го прогонија. Не се знае каде го заврши животот. На митрополитската столица дојде добриот и мудар пастир Јона. Голем чудотворец, проѕорливец, духовник. Кога Агарјаните ја опколија Москва, со својата молитва Јона ги изгони. На старост посака да го снајде некоја болест, да се помачи и со маките наполно да се очисти пред да замине од овој свет. По неговите молитви Бог допушти рана на неговата нога, а за ова му беше претходно јавено во видение на еден свештеник Јаков. Од оваа рана светителот умре и отиде меѓу небесните граѓани на 31 март 1461 година. Над неговите мошти се извршија многубројни чуда. Еден нем човек, Јован, го доведоа над моштите на светителот. Тој ја целиваше раката на Св. Јона и како што раскажуваше отпосле, таа рака го фатила за јазикот од што почувствувал силна болка. Кога му се ослободил јазикот и се свртел кон своите, прозборел како никогаш да не бил нем.

Светиот свештеномаченик Авда

Епископ на градот Суза. Убиен за Христа во 418 година во Персија од царот Издегерд. Неговиот ѓакон Св. Венјамин мачителите го пуштија под услов повеќе да не го проповеда Евангелието. Тој најнапред се согласи со овој услов, но не можеше да му одолее на срцето и продолжи по народот да ја распростира верата Христова. За ова беше фатен и убиен, три години после Свети Авда, во 421 година.

Преподобен Аполониј

Прочуен мисирски пустиник. Во петнаесеттата година се одрекол од светот и се повлекол во некоја гора, каде што проживеал четириесет години, хранејќи се само со полски растенија. Потоа основа манастир во кој имаше петстотини монаси. Се упокои мирно во 395 година.