ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ     

Тропар на преподобниот отец
Иларион нов исповедник
28 март / 10 април

Црквата земна тебе Иларионе слава ти воздава,
и сите ги просиме твоите молитви
пред Господа нашиот Спасител,
кого ти исповедниче пред вселената го прослави.
Трудот твој благодатен венец исплете
и мачеништво исповедничко
за Иконата Христова поднесе,
но радоста е преголема за оние
кои одмор сега имаат во Господа.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар
на преподобниот отец
Исихиј презвитер
28 март / 10 април

Знаменита дружино света Богословска,
од светлината благодатна Спасителот те објави
и тебе Исихие оче наш преподобен,
кој не заостана трагајќи по Премудроста,
и плодовите со нас ги сподели,
радувајќи се со оние кои се радуваат,
а на сите нас твоите молитви ни се слова,
за поука и застапништво пред Господа
Кој ради тебе покажува милост голема.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на свети
преподобномаченик
 Евстратиј Печерски
28 март / 10 април

Глас 7
Се покажа како  пофалба на мачениците и  испосниците,
преподобен  оче Евстратие,
бидејќи со воздржание телото го умртви,
  Христа го следеше, носејќи го крстот свој.
Се удостои и сам на крст вознесен да бидеш,
со копје во ребра прободен,
во рацете Божји душата своја ја предаде,
во огнена кочија вознесен на небесата,
двојно овенчан од Христа Бога,
 Спасителот на нашите души.



 
Извор МПЦ-ОА 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (10.04.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

Преподобен Иларион Нови    

Игумен на манстирот Пеликит близу Хелеспонт. Со Духот Божји блесна како сонце. Исцелуваше болести кај луѓето и изгонуваше демони. Во времето на Лав Ерменин настана иконоборно гонење во кое пострада и овој Божји човек. Го испратија во ропство во прогонство близу Ефес заедно со неговите четириесетмина монаси и во 754 година се упокои во затворот.

 Преподобниот маченик Евстратиј Печерски

Беше многу богат, но заради љубовта Христова го раздаде сиот имот, стапи во Печерскиот манастир и се замонаши. Кога Половците завојуваа на Киев во 1097 година, го ограбија манастирот, многумина христијани и монаси ги убија, а Евстратиј со уште неколкумина верни го продадоа во ропство на некој Евреин во градот Корсун. Овој Евреин ѝ се потсмеваше на христијанската вера и ги принудуваше христијаните да преминат во еврејската вера. А тие, кога видоа дека нема друг излез, решија самите себеси да се усмртат со глад, но од вистинската вера да не се одречат. На оваа одлука ги охрабри Свети Евстратиј. И сите умреа од глад, некои после три дена, други после четири, а некои по седум дена. Навикнат на пост Евстратиј остана во живот сам и издржа четиринаесет дена без храна. Евреинот разгневен што му пропаднаа парите со коишто ги купи овие робови, му се одмазди на Св. Евстратиј со тоа што го прикова на крст. Но на крстот Евстратиј Му заблагодари на Бога, а на Евреинот му прорече лута и рана смрт. Бесен од лутина Евреинот го прободе со копје. Така овој светител Му ја предаде својата душа на Бога. Телото му го фрлија во морето, но тоа исплива и над него се случија големи чуда. Набрзо по ова византискиот цар нареди казна за Евреите во Корсун заради нивната злоба кон христијаните. Мачителот на Св. Евстратиј тогаш го обесија на дрво.