ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светиот
Христов епископ
Артемон
24 март / 6 април

Од Павла светиот апостол поставен
да го пасиш духовното стадо Христово,
светол Артемоне, на сите им стана спасоносно пристаниште,
вдовиците и сираците ги утешуваше, сиромавите згрижуваше
и Името Господово го прославуваше.
Моли се свети епископе и ние да стигнеме
до мирното пристаниште каде Светиите го слават
Еден Бог во Пресвета Троица.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
исповедник Христов
Јаков
24 март / 6 април

Светлината Тивка на Светата Слава,
те поведе тебе Јакове: до восхитување на умот твој,
до Богомислие кое тишината ја надминува,
и ти стана исповедник, маченик и светител,
кој за нас се моли со молитва недремлива, непрестана,
пред Оној на Кој Mу пеат: „Свет, Свет, Свет Господ Саваот.“


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Партениј Цариградски
24 март / 6 април

Тагата наша во радост се претвори, о Господи,
кога возљубениот пастир Партениј Небесата го прослави.
Закрепнат од благодатта, достоен Христов
до крај остана, молејќи се и за оние кои
пребиваат во смртна сенка.
По неговите молитви и нас удостој нѐ
до рајските предели да стигнеме.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
преподобен отец
Захариј
24 март / 6 април

Радувај се свети оче Захарие,
тебе Христос небесните врати ти ги отвори,
откако подвигот твој благодатен
скалило постана кон Горниот Ерусалим,
и пак радувај се смирение на монасите,
кој со молитва и молчание страстите ги растопи,
и во кал ги претвори, изгазени од трпението
кое ангелското го надмина.
За нас сега моли се преподобен подвижниче
од вишното Небо Небесно.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (06.04.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 Свети Артемон, епископ Селевкиски

Роден и воспитан во Селевкија. Кога Св. апостол Павле дојде во тој град го виде Артемон, уште повеќе го утврди во верата во Христа и го постави за епископ на Селевкија. Артемон управуваше со словесното стадо Христово со љубов и со ревност, беше лекар на човечките души и тела и во вечноста се пресели во длабока старост.

Преподобен Јаков Исповедник

Беше монах на Студитскиот манастир. Пострада за иконите од царот Лав Ерменин. Кога великиот Теодор Студит беше во ропство, Јаков го фрлија во големи маки за да се одрече од иконопочитувањето. Но тој остана истраен и верен на Православието докрај. Избиен и измачен го вратија назад во манастирот, а тогаш злобниот цар најде зол крај на својот живот. Преподобен Јаков умре во манастирот од тешките повреди стекнати при страдањето.

Светиот свештеномаченик Партениј, патријарх Цариградски

Родум од островот Митилена. Подолго време беше хиоски епископ. Потоа го избраа за патријарх. Но заради извесни лажни достави дека работи против државата, Турците прво му нудеа да се потурчи, а кога тој одлучно ги одби, го обесија во 1657 година.

 

prep.Zaharij.jpg

Преподобен Захарија

Син на Карион Мисирецот, којшто ги остави жената и децата и се замонаши. Захарија го зеде кај себе неговиот татко, бидејќи мајка му не можеше да го прехрани. Иако многу помлад од многумина старци во Скитот, се здоби со многу поголеми благодатни дарови од многумина меѓу оние старци. Од благодатта Божја чувствуваше како му гори целата внатрешност. На прашањето на Св. Макариј кој е вистински монах, Захарија одговори: „Оној којшто непрестајно се принудува себеси на заповедите Божји“. А на прашањето на авва Мојсеј што значи да се биде монах, Захарија ја симна камилавката, ја изгази со нозете, па рече: „Ако човекот не се смири не може да биде монах!“ Беше големо светило меѓу монасите во пустината и млад се упокои во Господ.