ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светиот
Христов апостол
Аристовул
епископ Британски
16 март / 29 март

Исполнет со благодат Христова,
епископе свети Аристовуле,
светило сјајно постана во земјата Британска.
Смирено и трпеливо работејќи на нивата Господова,
мноштво страдања и неволји помина исповедувајќи го
секогаш Христа, затоа сега ти кој ликуваш со ангелите,
погледни на нас грешните
и моли Го Бога за наше спасение.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот преподобен
Христодул Патмоски
16 март / 29 март

Знаеше душата твоја преподобен Христодуле
дека овде немаме постојан град,
па Божјото слово го распространуваше насекаде
каде благата волја Христова ќе покажеше,
молитвени домови подигаше
за славословие Господово.
Светии чествуваше со кои денес
собеседиш во Царството Христово,
и за нас се молиш непрестано.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
Христов маченик
Савин Египјанин
и со него шест маченици
16 март / 29 март

Водите се вратија при својот извор,
носејќи ги душите ваши
при Изворот на Животот,
о Савине и дружината твоја света,
маките верата ја наградија,
и надежта во Бога ја оправдаа,
така да љубовта од вашите молитви
и денес се простира над нашите глави.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светите
Христови маченици
Трофим и Тал
16 март / 29 март

Црквата своја Спасителот на камен
ја соѕида аголен, отфрлен од ѕидарите,
о свети маченици Трофим и Тал.
Камењата со кои бевте напаѓани
за храм благодатен послужија,
и венец невенлив донесоа за вашите души
од благодатта Божја осветени.
Молете се сега за нас од скинијата
Неракотворена, која милоста
Господова ја измолува.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (29.03.2021)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Светиот апостол Аристовул

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Брат на Св. апостол Варнава. Родно место му е островот Кипар. Следбеник на Св. апостол Павле, којшто во Посланието до Римјаните и го спомнува (16, 10). Кога великиот Павле поставуваше многубројни епископи за разни краеви на светот, тогаш го постави и Аристовул за епископ британски (англиски). Во она време народите во Британија беа диви, неверни и сурови, а Аристовул од нив претрпе неискажливи маки, беди и пакости. Безмилосно го биеја, го влечеа по улиците, му се подбиваа и го исмеваа. На крајот со силата на Божествената благодат овој свет маж постигна успех. Ги просвети овие народи, ги крсти во името на Господ Христос, изгради таму цркви, посвети свештеници и ѓакони и најпосле мирно се упокои во Господ и појде во Неговото Царство.

Светиот маченик Савин

Мисирец од градот Хермопол и хермополски старешина. За време на едно гонење на христијаните се оддалечи во една планина заедно со многумина христијани и се затвори во една колиба во која времето го минуваше во пост и молитва. Но просјакот којшто му носеше храна, а на кого Савин му имаше направено многу добрини, за два златника го поткажа. Беа фатени Савин и уште шестмина. Војниците ги врзаа и ги потераа на суд. После големи маки го фрлија во реката Нил и таму Му го предаде својот дух на Бога во 287 година.

Светите свештеномаченици Трофин и Тал

Браќа по тело, од Сирија. Јавно и слободно Го проповедаа Христа и го изобличуваа елинското и римското безумство. Разјарените незнабожци решија да ги убијат со камења, но кога ги фрлаа камењата по нив, тие им се враќаа на напаѓачите, а браќата останаа неповредени. По ова обајцата ги распнаа на крст. Висејќи на крстовите браќата ги поучуваа и ги храбреа христијаните што стоеја наоколу нажалени. После маките Му го предадоа својот дух на Господ, Кому верно Му служеа. Пострадаа чесно во 300 година во градот Вофор.