Тропар на светиот
Христов патријарх
Тарасиј Цариградски
25 февруари / 09 март

 Ревнителу Божји помеѓу епископите,
Тарасие свети, достојна пофалба ти воздаваме,
ние кои Христа преку тебе го прославуваме,
заштитнику на иконите свети,
бестрашен исповеднику на благочестието,
патријарху на Христовата Црква,
моли се за нас ти пред кого треперат демоните,
по твоите молитви мирно
животот земен да го завршиме.


                                                                                                                     
 
 Извор МПЦ – ОА
 Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот
отец Пафнутиј
25 февруари / 09 март

Подвижниче Христов, душата твоја се зарадува во Бога,
кога срцето се исполни со благодатта Негова,
Умот се просветли, и облека нетлена од милост на дар од Господа доби.
Радувај се подвижниче, радувај се лекару на душите човечки,
кој секогаш за нас се моли.

 

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (09.03.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Свети Тарасиј, патријарх Цариградски

Неговиот претходник, патријархот Павле, тајно го напушти престолот, отиде во манастир и прими схима. Тогаш владееја Ирина и Константин. Во 783 година, според советот на Павле, за патријарх беше избран царскиот советник и сенатор Тарасиј. Брзо ги помина сите црковни чинови и стана патријарх. Човек со високо образование и голема ревност во православната вера. Овој чин го прими неволно, но во име на победата на Православието над ересите, особено над иконоборството. Под него беше свикан Седмиот Вселенски Собор во Никеја во 787 година, каде што ереста беше осудена, а се врати и се утврди почитувањето на Светите икони. Тарасиј беше многу милостив кон сиромашните и кон бедните, им правеше засолништа и им даваше храна. Но кон силните беше одлучен во одбрана на верата и моралот. Кога царот Константин ја избрка својата законска жена Марија и зеде некоја своја роднина па живееше со неа барајќи од патријархот благослов да се венча, Свети Тарасиј не само што не му даде благослов туку најпрво го посоветува, потоа го изобличи и најпосле го одлачи од Причест. Пред срмтта го видоа како им одговара на демоните: „Не сум виновен за тој грев! Не сум виновен ни за тој грев!...“ Така сѐ дури не му изнемоште јазикот, па почна да се брани со рацете и да ги изгонува демоните. Кога издивна лицето му заблеска како во сончева светлина. Овој вистински јерарх се упокои во 806 година. Со Црквата управуваше дваесет и две години и четири месеци.

Преподобен Пафнутиј Кефалас

Му беше современик на Св. Антониј Велики. За него се вели дека осумдесет години носел едно исто расо. Свети Антониј многу го ценел и на сите им велел дека овој преподобен Пафнутиј е вистински подвижник, кој умее да лечи и да спасува души.