Тропар на преподобниот
епископ Лампсакиски
Партениј
7 февруари / 20 февруари

Лекувањето на немоќните, бедните, ранетите, паднатите,
не престанува ни денес по твоите свети молитви
о, Партение пријателу на Бога Живиот,
ти кој со благодатта Христова
и мртви воскреснуваше
моли се до крајот на времињата
подигнувања да добиваме на патот
на нашето преумување.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светите
Христови илјада и три
свети маченици
7 февруари / 20 февруари

Жртва жива благодарна на Бога принесовте,
о Христови маченици,
за отпуштање на гревовите,
за спасение на сите, за смелост пред Него –
која Он ја прими, и сега нé милува по вашите молитви.
Затоа пофалби и поклонение од нас примете,
кои Бога преку вас го прославуваме.

 
 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче





Тропар на преподобниот
отец Лука Еладски
7 февруари / 20 февруари

Блажен си ти Луко, слуго на Бога Живиот,
Кој преку тебе силата Своја ја покажа:
демоните од луѓето се изгонуваа,
фатени проодуваа, слепи прогледуваа,
губави се очистуваа.
Денес ние твоето застапништво го просиме,
кое Бога го умилостува
и родот човечки го спасува.


 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Православен календар за 20/02/2019

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2018 лето Господово

Од Верскиот календар:

 sv.Teodor.Tiron1.jpg

Свети Партениј, епископ Лампсакиски

Син на некој ѓакон од градот Мелитопол. Уште како дете добро ги помнеше зборовите на Евангелието и се трудеше да ги исполни. Се насели покрај едно езеро каде што ловеше риба, ја продаваше и им делеше на сиромасите. По Божја Промисла го избраа за епископ Лампсакиски. Го очисти градот од незнабоштвото, ги затвори идолопоклоничките храмови, изгради многу цркви и го утврди благочестието. Со молитва лечеше секаква болест, а особено имаше власт над злите духови. Еднаш кога сакаше да изгони зол дух од некој луд човек, злиот дух го молеше да не го изгонува. „Ќе ти дадам друг човек; во него влези и живеј“, му рече Партениј. „Кој е тој човек?“, праша демонот. „Јас сум“, одговори светителот. „Влези и живеј во мене!“ Кога го слушна тоа демонот побегна како од оган викајќи: „Кај можам да влезам во Божјиот дом?!“ Свети Партениј поживеа долго и својата обилна љубов кон Господ и кон луѓето ја покажа на дело. Во вечниот покој на Христос се пресели во 6 век.

Преподобен Лука Еладски

Родум од Касторија. Уште како дете никогаш не сакаше да вкуси месо и сиот живот го минуваше во чистота и молитва. Еднаш појде на нива со семе жито за да сее. Но патем поголемиот дел им го раздаде на сиромасите, а помалиот што му преостана го посеа. Даде Бог и од тоа малку семе се собра поголем род одошто порано кога го сееше целото количество. Потоа Лука побегна од својата мајка вдовица во манастир. Нажалена мајка му Го молеше Бога да ѝ ја објави тајната каде ѝ се наоѓа синот. И Бог ја услиши нејзината молитва. Игуменот на оној манастир три ноќи едно по друго ја сонуваше една жена како остро го напаѓа што ѝ го зеде синот единец. Тогаш игуменот му нареди на Лука веднаш да оди кај мајка му. Лука отиде, се виде со мајка му, но пак си замина, овој пат бесповратно. Живееше во покајание на т.н. Јованова Гора. Ноќе Му се молеше на Бога, а дење работеше во градината и на нивата не заради себеси, туку за сиромасите и посетителите. Се хранеше само со леб од јачмен. Бог му даде дар на чудотоворство. Се упокои мирно во Господ во 946 година. Од неговите мошти одвреме навреме течеше миро.


Илјада и тројца маченици во Никомидија

Пострадаа во времето на Диоклецијан.