ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светиот
Христов исповедник и маченик
Максим
21 јануари / 3 февруари

3.angeli.so.truba

Од младоста своја Вистината возљубувајќи ја,
патот во животот те хранеше со слободата
о Максиме свети подвижниче,
војнику свет на Богомајката,
столбу непоколеблив пред Пресвета Троица,
исповедниче на животот во вечноста,
моли се преподобен учителу на Љубовта,
срцата да ги исполниме со светлината Христова,
душата по твоите свети молитви
да биде помилувана од Пресвета Троица.



Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
преподобен Максим Грк
21 јануари / 3 февруари

3.angeli.so.truba

Пламената љубов за вистината,
и ревноста твоја за Божјата слава,
ја подигнаа душата твоја вис небеса,
О Максиме Божји угодниче.
Духот Свети Утешител се приви до срцето твое,
а тоа за Него прозборе оставајќи ни зборови,
за радост на ангелите и утеха на верните.
Радувај се оче свети, и за нас моли се,
од Христа да бидеме примени
по твоите свети молитви.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
Христов маченик
Неофит
21 јануари / 3 февруари

3.angeli.so.truba

Преку тебе кој го прослави
изворот на животот Христа Господа,
Он изведе вода за напојување на страдалниците,
закрепнување на ожалостените, надеж на прогонетите. Mладоста на животот и храната ангелска
во исповедништво те поведоа,
за слава Божја а посрамување на заблудените,
затоа за нас моли се денес и секогаш ти,
 кого Христос Спасителот го овенча
со маченички венец непобедлив.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светата Христова
маченичка и девственичка
Агнија
21 јануари / 3 февруари

3.angeli.so.truba

Немоќни зборови имаме, за да ја допреме радоста твоја,
О Агнио јагне Божјо,
на средба со вечниот Женик на твојата душа,
но бескрајна благодарност денес ти принесуваме,
а преку тебе и на Христа Бога,
за верата искажана, мудроста непоматена
и молитвите за нас принесени, пред Вечнопостоечкиот,
кој преку тебе ја обновува, девственоста на душите наши.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (03.02.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

" Речиси секој грев се случува заради нашето самоугодување , а потоа се искоренува со страдање или тага , волно или неволно , под дејство на покајание или некоја друга несреќа , која грижливо ни ја допушта промислата Божја. "-  Св. Максим Исповедник

 

 sv.Maksim.Ispoved.jpg

Преподобен Максим Исповедник 

Цариграѓанин по род и најнапред висок дворјанин на дворецот на царот Ираклиј, а потоа монах и игумен на еден манастир недалеку од престолнината. Најголем бранител на Православието од т.н. монотелитска ерес, која се изроди од ереста Евтихиева. Имено: како што тврдеше Евтихиј дека Христос има една природа така монотелитите тврдеа дека Он има една волја.

 Свети Максим се спротивстави на тоа тврдење и се најде како противник на царот и на патријархот. Но не се исплаши туку докрај истраја во докажувањето дека Господ Христос имаше две волји соодветно на двете природи. На негово настојување се одржа еден собор во Картагена, а друг во Рим. И двата собори го анатемисаа учењето на монотелитите. Страдањето на Свети Максим за Православието е неописливо: малтретиран од кнезовите, измамуван од судиите, плукан од народните маси, тепан од војниците, прогонуван, затваран, а најпосле му ги отсекоа јазикот и раката и го осудија на доживотно прогонство во земјата Скитска, каде што три години помина во затвор, па Му ја предаде својата света душа на Бога во 666 година.


  sv.Maksim.grk.jpg

Блажениот Максим Грк    

Роден е во Грција, од каде што го повикаа на дворецот на рускиот цар Василиј Јованович за царски библиотекар и преведувач. Многу работеше, но многу и страдаше за вистината. Долго време помина во затвор, каде што го напиша познатиот Канон кон Светиот Дух, којшто до денес се употребува во Црквата. Се упокои во Господ во 1556 година.


Светиот маченик Неофит    

Родум од Никеја. Уште како дете вршеше големи чуда со благодатта Божја. Изведе вода од камен, ја воскресна својата мртва мајка. Беше одведен од бел гулаб на гората Олимписка, каде што од една пештера го истера лавот и се насели во нејзината внатрешност. Во неговата петнаесетта година беше мачен за Христа во времето на царот Диоклецијан, и тоа во Никеја. Никако не сакаше да се одрече од Христа. После биење и затварање го фрлија во оган, но Бог го сочува жив. Тогаш го ставија пред гладен лав, но лавот се умилкуваше околу Неофит. Во тој лав светителот го препозна истиот оној лав во чијашто пештера се подвизуваше, па го помилува и му нареди пак да си оди во својата пештера. Тогаш Свети Неофит го прободија со копје и тој се пресели во дворовите Господови.

 Светата маченичка Агнија

Тринаесетгодишно девојче, за верата во Христа фрлено во оган, па убиено со меч. Пројави голема чудотворна моќ за време на животот и после смртта. Пострада во времето на Диоклецијан, во 305 година.