ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светиот
Христов маченик
Лонгин Стотник
16 октомври / 29 октомври

7.Vselenski.sobor

Мачеништвото, смртта и воскресението,
ги посведочи о Лонгине свети мачениче,
а Христос Кој слепилото твое го излекува,
крилја на орел ти подари да ја откриеш лагата демонска,
да ја посрамиш клетвата човечка,
и нас да ни измолиш простување на гревовите,
пред каменот што го отфрлија оние кои не поверуваа.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот
отец Мал
16 октомври / 29 октомври

Радоста твоја неискажлива, душа ти осветли
од дружба ангелска, пост, молитва и бдеење
ти станаа храна насушна,
заради тоа од Господа чудотворства
за спасение на многумина покажа.
Радувај се мироточив Мале, слуго
на Севишниот и за нас моли се пред Оној Кој
ги прославува верните свои.

 7.Vselenski.sobor


Извор МПЦ-ОА     
Манастир св Јован Претеча Слепче


Православен календар за 29/10/2020

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 

vozdvizenie.jpg

Светиот маченик Лонгин    

Божествениот евангелист Матеј опишувајќи го страдањето на Господ вели: „А стотникот и оние што заедно со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина овој бил Син Божји“ (Матеј 27, 54). Тој стотник беше овој блажен Лонгин, којшто со уште двајца свои војници поверува во Христа. Тој беше старешина на војниците што присуствуваа на распнувањето на Господ на Голгота и старешина на стражата што го чуваше гробот. Кога еврејските старешини дознаа за Христовото воскресение, ги потплатуваа војниците да разгласуваат лажна вест дека божем Господ не воскреснал туку дека телото Го украле Неговите ученици. Евреите се обидоа да го потплатат и Лонгин, но тој не се даде. Тогаш Евреите прибегнаа кон својот вообичаен начин, т.е. решија да го убијат. Кога дозна за ова Лонгин го симна војничкиот појас, се крсти од апостолите заедно со оние двајца другари, и заедно тајно го напуштија Ерусалим, од каде што се преселија во Кападокија. Таму Св. Лонгин се предаде на пост и молитва и како жив сведок на Воскресението Христово со своето сведоштво обрати мнозина незнабожци во вистинската вера. Потоа се оддалечи в село на имотот на татко му. Сепак еврејската злоба ни таму не го остави мирен. Поради клевета од Евреите, Пилат испрати војници да го убијат Лонгин. Св. Лонгин го проѕре со духот приближувањето на своите џелати, па им излезе во пресрет и ги покани во својот дом не кажувајќи им кој е. Добро нагостени од него тие легнаа да спијат, а Св. Лонгин застана на молитва и цела ноќ се подготвуваше за смрт молејќи се. Во зората отиде и ги доведе оние свои двајца другари, се облече во бели погребни облеки и ги поучи домашните, а им покажа место на едно ритче за да го закопаат. Тогаш им се јави на војниците и им кажа дека тој е Лонгин когошто тие го бараат. Војниците се збунија и се засрамија и не ни мислеа да го убијат, но тој почна да ги присилува да ја извршат заповедта на својот старешина. И тогаш ги убија Лонгин и неговите двајца другари. Главата Лонгинова војниците му ја однесоа на Пилат, Пилат им ја предаде на Евреите, а тие ја забија во ѓубриштето надвор од градот.