ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 Тропар на светата
маченичка Харитина
5 октомври / 18 октомври



Распламтена со огнот на Божествената
љубов уште од младоста,
погледот на твоите очи од сѐ што е во светот
си го одвратила, и заради Христа осаменички
си живеела, со добродетели украсувајќи ја
својата душа за небесниот Женик Христос,
за кого се удостои и маченички да пострадаш,
света маченичке, чудесна девице Харитино.
По нејзините молитви, Христе Спасителе,
помилувај ги нашите души.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

  

 Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Дионисиј
епископ Александриски
5 октомври / 18 октомври

Со раце подигнати кон Небото,
трагаше по вистината, и Вистината
те ослободи о, Дионисие Божји епископе.
Пастир стана благодатен на стадото Христово
и столб непоколеблив на Црквата Негова,
кој волците ги држи настрана со нивните лажни учења.
Чашата до крај испивајќи ја, собеседник
на ангелите постана во Небесното Царство,
од каде сега за нас моли се, Богомудар Христов пастиру.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобната
мајка Харитина
5 октомври / 18 октомври

Добродетелниот живот твој те возведе
во небесната радост на Женикот,
о, Харитино игуманијо преподобна,
на Кого Му послужи во смирение и трпение
при временото земно живеење.
Радувај се сега и за нас моли се, огнена
при Господа наша молитвеничке.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот
отец Матеј Печерски
5 октомври / 18 октомври

Матее смирен Христов послушниче,
душа и срце на Бога принесе,
а Он врата ти отвори во небесни висини,
од каде ¬¬¬паднатост човечка и замка демонска
видоа очите твои незатворени.
Затоа милост добиваме и денес ние го чествуваме
светиот спомен твој и Бога Го прославуваме
по твоите свети молитви.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на преподобниот
отец Еремиј Печерски
5 октомври / 18 октомври

Цврста тврдино на ревноста монашка,
молитвениче кој секого во послушанието го утврдуваше,
прозорливче благодатен кој пастирска утеха на паднатиот,
заради Христа подаваше, Еремие оче преподобен.
Дните на земниот живот ти ги умножи Оној
Кој Е постар од денот и сега ги прима
молитвите твои за нас паднатите,
заради слободата која пред Него благодатта ти ја донесе.


 
 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот
отец Дамјан Печерски
5 октомври / 18 октомври

Благодат Господова се изли на тебе
и бесребреник те направи на милоста Негова,
Дамјане оче преподобен, а ти сон не даде
на очите твои и утеха не допушти на телото подвижничко.
Затоа моли се и сега на Господа
Кој ги услишува молитвите твои за паднатите
и утеха дава заради тебе на ожалостените.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светата
Христова маченичка
Мамелхта Персијанка
5 октомври / 18 октомври

Како гулабица бела се вознесе душата твоја
во раце Христови, о, Мамелхто Господова девственичке.
Облеката бела натопена со безумието од овој свет,
не ја оскверна чистотата на простувањето
и соединувањето на душата и срцето со Творецот нивни.
Затоа Господи Спасителе, по нејзините
свети молитви помилуј нѐ.

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Православен календар за 18/10/2021

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 

Esen.manastir1.jpg

Светата маченичка Харитина  

Во детството како сираче беше посвоена од еден угледен христијанин Клаудиј, којшто ја воспита како своја родена ќерка. Дење и ноќе се учеше на Божјиот закон и се заветува да го проживее векот во девственост, како вистинска Христова невеста. Но бидејќи Харитина и другите ги обраќаше во девственост, за неа чу намесникот на царот Диоклецијан, некој Дометијан. Тој испрати војници и ја зедоа од нејзиниот очув, та ја изведоа пред суд. Ја запраша судијата: „Вистина ли е, девојко, дека си христијанка и дека другите ги мамиш приведувајќи ги кон таа нечестива вера?“ Харитина му одговори храбро: „Вистина е дека сум христијанка, но лага е дека другите ги мамам, туку заблудените ги изведувам на патот на вистината приведувајќи ги кон мојот Христос.“ Злобниот судија нареди и косата ѝ ја истрижаа, а главата ѝ ја посипаа со жар. Но Божјата сила ја зачува девицата. Ја фрлија во море, но Бог ја избави и од морето. Ја врзаа за тркало и почнаа да го вртат, но ангел Божји го запре тркалото и Харитина остана неповредена. Тогаш пакосниот судија испрати некои развратни момчиња за да ја осквернат. Стравувајќи од бесчестење Св. Харитина Му се помоли на Бога да ја прими нејзината душа пред да дојдат развратниците да ѝ го осквернат телото. И додека на колена Го молеше Бога, нејзината душа излезе и се пресели во бесмртното Царство Христово.

 

Светиот свештеномаченик Дионисиј епископ Александриски    

Роден е во Александрија од угледни незнабожечки родители и воспитан во грчката философија, а потоа и кај Ориген. Како момче ги прочита посланијата на Св. апостол Павле, поверува во Христа и се крсти од Димитриј, тогашниот александриски епископ. Во 247 година стана епископ во истиот град и Му послужи на Бога и на народот Божји како вистински пастир, и тоа под мошне мачни околности. Однадвор Црквата беше гонета од незнабожците, а внатре цепена од еретиците. Притоа уште удри и чума, којашто неколку години ги сотираше луѓето. Тој проживеа три години надвор од Александрија, засолнет од верните, за да не загине пред време. За тие три години напиша многу посланија и други состави за своето стадо, поучувајќи го и храбрејќи го во држењето на Православието. Меѓу неговите списи се наоѓаат и неколку канони коишто Црквата ги прифати. Исто така и неговото писмо против Новацијан се смета за канонско. Управуваше со Црквата седумнаесет години и во 265 година се упокои.

 Преподобен Евдоким Ватопедски

Во 1841 година кога во Ватопед ја поправаа костурницата, мајсторите најдоа мошти на некој човек во став на клечење и со икона на Пресвета Богородица во рацете на градите. Необично убав мирис се разлеваше од тие мошти. Не знаејќи ни кој бил тој свет маж ниту кога живеел, монасите му го дадоа името Евдоким и неговите мошти ги пренесоа во црквата во којашто стојат и денес. Од тие мошти настанаа многубројни чудесни исцеленија. На сребреното ковчеже и денес стојат врежани зборовите: „Ова ковчеже за чесната главата на Св. Евдоким го изработи монахот Гаврил, когошто овој светител го исцели од тешка болест.“