ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

 

Тропар на светите
Христови маченици
Саватиј, Трофим и Доримедонт
19 се птември / 2 октомври

Во Троица славениот Бог,
тројцата маченици ги прослави,
Трофим, и Саватија и Доримедонт:
Во Тебе верувајќи, непријателот го победија.
По нивните молитви, Христе Боже наш, помилуј не.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов чудотворец
Теодор
Смоленски и Јерославски
19 септември / 2 октомври

Кротоста на душата твоја,
смиреност подари на срцето,
кое благодатно дом устрои за Господа,
о, Теодоре слуго на Вишниот Бог.
А Он на твоите молитви свети сега нѐ приведе,
од твојот живот да се ползуваме:
грижливост за сираци и вдовици,
утеха за болни и немоќни, поучувач на паднати,
сѐ во слава Господова да се прави.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
Христов преподобномаченик
Зосим пустиник
19 септември / 2 октомври

Оној на Кого и времето му се покорува,
ѕверовите шумски ги скроти
по твоите молитви Зосиме преподобен,
но слободата ја остави во срцата
острастени на неверните синови.
Затоа мачениче свети моли Го Него
мир да дарува на душите наши
и спасение по твоите молитви.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (02.10.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

 Од Верскиот календар:

Светите маченици Трофим, Саватиј и Доримедонт

Во времето на царот Пров, во 3 век, кога над Антиохија началствуваше некој Атик, дојдоа во Антиохија двајца христијани, Трофим и Саватиј, обајцата угледни и чесни граѓани. Но се случи токму во тоа време скверното празнување и жртвопринесување на Аполон во Дафна кај Антиохија. Атик особено се грижеше сите граѓани да земат учество во тоа празнување. Па бидејќи некои ги видоа Трофим и Саватиј, му јавија на Атик дека овие туѓинци не земаат учество во нивниот празник. Атик ги зеде на суд, па бидејќи не се одрекоа од Христа, еден по еден ги подложи на маки. Откако ги изби и го намачи Трофим, го испрати во Фригија кај некој Дионисиј, уште полут мачител на христијаните, а самиот го изведе од затворот Саватиј и почна да го суди. Кога мачителот го запраша Саватиј кој е и каков чин има, тој му одговори: „Мојот чин и моето достоинство, и татковина, и слава, и богатство мое е Христос, Синот Божји, секогаш жив, врз Чија Промисла вселената стои и се управува.“ За ова го биеја и го растргнуваа, го стружеа со железо, додека не му излегоа коските од под месото. Во тие маки и заврши. А Трофим мачителот Дионисиј го удри на големи маки и го држеше во затвор за уште поголеми. Тогаш кај Трофим во затворот дојде и му служеше некој сенатор Доримедонт, потаен христијанин. Кога дозна за ова, мачителот почна да ги мачи двајцата и најпосле ги фрли пред ѕверови. Но ѕверовите не ги ни допреа. Свети Доримедонт намерно ја дразнеше мечката влечејќи ја за уши за да го растргне, но при сето тоа мечката му се умилкуваше. На крајот мачителот нареди и Светите Трофим и Доримедонт ги убија со меч. Душите на овие маченици царуваат на небесата.

 

 

SOBOR.na.Site.Makedonski.svetiteli

Собор на сите македонски Светители

 
Првата недела од месец октомври си спомнуваме за сите македонски светители, меѓу кои се и светите солунски и сесловенски браќа Кирил и Методиј, богомудри и рамноапостолни, свети Климент Охридски, свети Наум Охридски, свети Гаврил Лесновски, свети Григориј, епископ Охридски, свети Прохор Пчински, свети Јоаким Осоговски, свети Јосиф, архиепископ Солунски, свети Агатангел Битолски, свети Георгиј Кратовски, света Кирана Солунска, свети Никита Серски, света Матрона Солунска, свети Јован Кукузел, свети Александар Солунски,

свети Еразмо Охридски, свети Нектариј Битолски, свети Анастас (Спасо Радовишки), света Васа Солунска, света великомаченичка Злата Мегленска, свети Ефтимиј Солунски, свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици, свети Роман, епископ Македонски, свети Николај, архиепископ Солунски, свети Зиновиј и Зиновија Егејски, света Тесалоникија, свети Ангел Лерински, свети маченик Христо, свети Никодим Охридски, преподобен Петар Мегленски, преподобен Иларион Мегленски, преподобен Акакиј Серски, преподобен Дионисиј Костурски, преподобен Јаков Костурски, преподобен Петар Атонски, преподобен Теофил Струмички, преподобен Давид Солунски, преподобен Атанасиј Атонски, преподобен Никодим Елбасански, преподобен Јован Рилски и мноштво други кои засветиле во подвигот на овие македонски простори.