ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светиот
преподобен Мојсеј Мурин
28 август / 10 септември

О преподобен оче пустински, ти кој ангели и демони гледаше,
со едни беседеше, за други се молеше,
кон небесата повикуваше –
отвори ми ги Господи портите небесни.
Но оче Мојсее, Христа во срце носејќи го,
чаша од Него побара да допиеш,
за нож се фати, преку него во предели рајски замина.
Моли се учителе на монасите, по твоите молитви,
Чашата на спасението до крај да ја испиеме.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Православен календар за 10/09/2018  

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2018 лето Господово

 Од Верскиот календар:

sv.Mojsej.Murin.jpg

Преподобен Мојсеј Мурин

Родум Етиопјанин, а најнапред по занимање беше разбојник и водач на разбојничка дружина. Потоа покајник и голем подвижник. Како роб на еден господар, Мојсеј побегна и се вброја меѓу разбојниците. Заради неговата голема телесна сила и безобѕирност, разбојниците го избраа за старешина. Одеднаш го навали грижа на совеста и покајание за злосторствата што ги имаше извршено. Ја остави дружината, стапи во еден манастир и се предаде на потполна послушност кон својот духовник и на манастирскиот типик. Многу се служеше со поуките на Светите Макариј, Арсениј и Исидор. Подоцна се повлече на безмолвие во една келија, каде што сиот се предаде на телесен труд, молитва, бдение и богомислие. Беше многу мачен од демонот на блудот. Кога му го исповеда ова на духовникот Исидор, доби совет да пости што повеќе и да не јаде до ситост. Но кога и тоа не му помогна, тој на совет од Старецот почна ноќе да бдее и да се моли стоејќи. Потоа си постави обичај по цела ноќ да им носи на Старците вода од бунарот. После шестгодишен страшен труд, најпосле Свети Исидор чудесно го исцели од блудните помисли, мечтаења и сништа, наведувани врз него од демоните. На старост беше ракоположен за свештеник. Основа свој манастир и имаше седумдесет и пет ученици. Во овој живот поживеа седумдесет и пет години. Својата смрт ја виде предвреме и еден ден им рече на учениците да бегаат, зашто на манастирот ќе навалат вараварите. Кога учениците почнаа и него да го викаат да бега, тој рече дека самиот треба да загине од насилство, како што некогаш и го вршел, според зборовите: „Кој се фаќа за нож, од нож ќе загине“ (Матеј 26, 52). Остана со шестмина од браќата: дојдоа варварите и ги заклаа. Еден од монасите на братството беше скриен во близина и гледаше како ги убиваат. Виде кога седум светли венци се спуштаа врз седумтемина маченици.