ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светиот Христов
новомаченик Радовишки
Спасо
8 август  / 21 август
Божествен плод на Радовиш,
голема пофалба на Солун си се покажал
новомаченику Спасо, храбро си го исповедал Господа
и заради Него си ја пролеал својата крв.
Затоа моли Го Бога да им подари на оние кои те слават
непрестаен мир и голема милост.


 Извор МПЦ – ОА

Тропар на светиот
епископ Христов
Мирон Критски чудотворец
8 август / 21 август

Радувајте се маченици свети,
ете Мирон достојнославен раце подигна
кон Небото од земната црква
во слава Божја и чест ваша.
А ти епископе свети кој благодатни чудеса
во име Христово покажуваш
спомни нѐ пред Оној Кој врлинскиот твој живот
го награди и те поведе во вечноста да слушаш
зборови неискажливи.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на чудотворната Икона
на Божјата Мајка наречена
Толгска
8 август / 21 август

О чудо видливо, кое само солзи
радосници можат да го искажат,
о, Мајко Милостива, која слобода имаш
пред Христа, преку достојнославни раце
Прохорови, да ни предадеш извор мироточив
од ликот на Иконата твоја Толгска.
Чест и поклонение кон Тебе Мајко
Преблагословена во слава
на Бога Бесмртниот.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов маченик
Гормиздас
8 август / 21 август

Се излажа земјата, небото се зарадува
а ти смирено во маките свои Христа
Го прослави, о, Гормиздасе Божји воину,
кој желбите свои плотски ги согори.
Затоа за нас моли се сега,
ти кој пострада на земјата, а се прослави на Небесата.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
исповедник Христов
Емилијан епископ Кизички
8 август / 21 август

Спасителот, поради аскетското подвижништво твое,
те постави ѕвезда водилка за паствата православна,
и исповедник на иконата света.
Преку море на тегоби и злоставување,
победи Вистината во тебе Емилијане
пастиру свет и Христос нашиот Бог
во небесните живеалишта те поведе,
од каде сега ти моли се, за наше спасение.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

Од Верскиот календар на МПЦ (21.08.2023)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

sv.SpasoRadoviski.jpg

Светите маченици Тријандафил и Анастасиј (Спасо Радовишки)

Тријандафил беше родум од Загора, а Анастасиј (Спасо) од Радовиш, од струмичката епархија. Обајцата беа Словени, обајцата млади и прости луѓе. Но љубовта Христова им беше помила од светот и од животот. Животот го дадоа, но Христа не Го изневерија. За Христовата вера пострадаа од Турците, и тоа Тријандафил во Цариград 1680 година, а Анастасиј во Солун, 1794 година.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Светиот маченик Гормиздас

Беше големец на дворецот на персискиот цар Издегерд. Бидејќи не сакаше да се одрече од Христа, царот го расчини, му го зеде имотот и го прати да чува стока. Се надеваше царот дека Гормиздас набрзо ќе зажали за чинот и за имотот и дека ќе им се поклони на идолите. Но се излажа. Гормиздас спокојно ја чуваше стоката и ја држеше верата. За ова царот го подложи на лути маки, со кои успеа само да му го истошти телото на Христовиот маченик, но не и да го измени неговиот дух. Најпосле Свети Гормиздас го убија во 418 година, веднаш после страдањето на Светиот епископ Авда (31 март). Пострадаа на земјата, а се прославија на небото.