ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

nerezi.Pantelejmon2.jpg

 

Тропар на светиот
Христов великомаченик
Пантелејмон
27 јули / 9 август

Од жестокоста на лавот кон милосрдието те поведе,
Оној Кој за лекар те постави,
двоумењето во тебе согоре кога виде дека Животот над смртта господари,
о Пантелејмоне, крвта твоја вештеството го надмина.
Моли се великомачениче на Христа Бога,
за оние кои кон тебе прибегнуваат,
иако незаслужено, по твоите молитви бесплатно,
спасение да добијат.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите
Седмочисленици
27 јули / 9 август

Се присоединивте кон соборот на вселенските
учители о, Кириле и Методие славни,
со Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј.
Славата и вистината Господова преку вас
мноштво народи ја познаа.
Молете се за нас вие кои лутавте
облагодатени по пештери и земни бездни,
плукани и шамарани заради името Христово,
а на светот светлината Христова преку словото ја исповедавте.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобната мајка
Антуса исповедничка
27 јули / 9 август

Младоста твоја Антусо јагне Божјо,
љубовта Христова ја скроти,
припремајќи те на подвиг исповеднички
преку пастирот Сисиниј.
Блажена си ти девственичке, мајко на безмолвниците,
заштито на иконите православни, утешителко на напатените,
која имајќи смелост пред Господа
денес чест и пофалба ѝ укажуваме
и за наша молитвеничка пред Бога ја имаме.



 
 Извор МПЦ – ОА
  Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
новомаченик Христов
Христодул
27 јули / 9 август

Чистотата на Православието како книга
отворена ја постави пред срцето твое,
о, Христодуле Христов учениче;
посакувајќи гревот на братот да го покриеш,
сам поита како жртва жива за Бога да се принесеш,
исповедувајќи дека само во Господа спасение има.
Затоа венец маченички примајќи,
и за нас моли се кои го чествуваме
споменот на твоето мачеништво.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Климент Охридски
27 јули / 9 август

Небесен човеку, ангелу земен на благовестието
помеѓу народот кој Бога не Го познаваше,
Клименте оче преподобен,
љубов од Бога просејќи, вера во Него рашири,
надеж во сечие срце положи,
Слово Божјо во неракотворени таблици испиша,
дело Кирило - Методиево во слава Господова
апостолски продолжи.
Моли се и не отстапувај праведен учителу
пред Христа за наше спасение, до крајот на вековите.



 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
Климент Охридски
 27 јули / 9 август

Со зборови си ги упатил народите во верата Божја,
со делата си се издигнал преблажен,
кон божествен и блажен живот.
Со чудеса си ги просветил оние
што пристапуваат со вера кон тебе,
со знаменија си ја осветлил темнината.
Заради тоа го славиме
твојот божествен спомен, Клименте.


 
Извор МПЦ – ОА


Тропар на блажениот отец
поради Христа јуродив
Никола
27 јули / 9 август

8 глас
За горното мудрувајќи, свето си живеел,
и славата за светот избегнувајќи ја,
јуродство заради Христа си избрал,
блажен Николае, и сега во висините
пред Пресвета Троица стоејќи,
нам кои го славиме чесниот твој спомен
и кои со вера кон кивотот на твоите мошти припаѓаме
подај ни исцеление, и моли Го Христа Бога
да се спасат нашите души!


 
 Извор МПЦ – ОА

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (09.08.2023)

sv.kliment.ohridski.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

nerezi.Pantelejmon3.jpg

Глас трети:

Страдалниче светии лекаре Пантелејмоне.моли Го милостивиот Бог, да ни дарува прошка на гревовите на нашите души.

nerezi.Pantelejmon2.jpgРодум од Никомидија, од мајка христијанка и татко незнабожец. Мајка му се викаше Евула, а татко му Евсторгиј. Како момче ја изучи лекарската наука. Свештеникот Ермолај го повика кај себе, го научи на верата во Христа и го крсти. Пантелејмон чудотворно излечи еден слеп когошто другите лекари залудно го лечеле: го излечи со името на Христос и го крсти. Од завист лекарите го обвинија дека е христијанин, па Пантелејмон излезе на суд пред царот Максимијан. „Со телото застана пред земниот цар, а со умот стоеше пред Царот небесен“. Тој слободно изјави дека е христијанин и пред очите на царот излечи еден фатен човек од долгогодишна болест. Ова чудо ги привлече кон Христа многубројни незнабожци. Царот го подложи Пантелејмон на маки, но Господ му се јави на светителот неколкупати и го избави цел и неповреден. Тогаш пострада и Свети Ермолај заедно со Ермип и Ермократ. Кога беше осуден на смрт, Пантелејмон клекна на молитва. Во тој миг џелатот го мавна со меч по вратот, а мечот се скрши како да беше од восок. И џелатот не можеше да го погуби додека светителот не ја заврши својата молитва и самиот не рече да го заколат. Неговите мошти станаа исцелителни. Свети Пантелејмон беше заклан под некоја маслинка, којашто потоа целата се закити со плод. Името Пантелејмон значи „семилостив“. Семилостивиот Бог ја прими неговата праведна душа и го прослави меѓу Своите големи светители. Овој прекрасен маченик пострада чесно за Христа во својата младост, на 27 јули 304 година. Свети Пантелејмон се повикува при молитвите на водоосветување и елејоосветување (осветување на масло) заедно со Свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на Света Гора.

Глас четврти:

Со зборови си ги упатил народите во верата Божја; со делата си се издигнал, преблажени; кон божествен и блажен живот. со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат верно кон тебе, со знаменија си ја осветил темнината. Поради тоа го славиме твојот божествен спомен, клименте. 

Свети Климент, Архиепископ Охридски

sv.kliment.ohridski.jpgУченик на Светите Методиј и Кирил. По смртта на Св. Методиј Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј - заедно наречени Петочисленици - го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај.

Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина.

Во Охрид Свети Климент му подигна црква на Св. Пантелејмон. Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со словенски букви за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагаше Св. Наум.

Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваа  во некогашниот храм на Пресвета Богородица, којшто подоцна се нарече по Свети Климент, а денес, во возобновениот  манастирот на свети Климент Охридски и свети великомаченик Пантелејмон на Плаошник во Охрид. ( Од Верскиот календар на МПЦ)