ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светата
Богомајка Ана
7 август / 2 јули

Богомудра Ано,
во твојата утроба си ја носела чистата
Богомајка која Го роди Животот.
Затоа сега си се преселила
 кон небесното блаженство,
каде што е живеалиштето
на оние што се веселат,
радувајќи се во слава,
и просејќи очистување на гревовите
на оние што те почитуваат
 со љубов,
 секогаш блажена.

Извор МПЦ – ОА

 Тропар на преподобната
Христова девственичка
Евпраксија
25 јули / 7 август

Од младоста поита во прегратките на благодатта,
Богомудра Евпраксио, оставајќи ја минливоста зад себе,
телото го смири, срцето Христос го очисти,
а душата твоја со ангелски пој се наслади.
Совршено послушание,
како пример за спасение ни остави,
девственичке Господова,
и затоа сега од Него милост измоли,
за душите наши обременети.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на преподобниот отец
Макариј Желтоводски
25 јули / 7 август

Служејќи на Господа со молитва и славословие,
животот твој земен се исполни со дарови од Духот Свети
и мноштво кон Него приведе
о Макарие преподобен оче.
Постот и трудот подвижнички благодатно те обдари
и затоа оче свети кој сега при Христа мир небесен најде,
 моли Го Спасителот да ги помилува нашите души.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светата
ѓакониса Христова
Олимпијада
25 јули / 7 август

Верна Христова слугинко, која по волјата Негова
трагаше катадневно, света Олимпијадо,
крстот свој носејќи го; од Самарјанинот се поучи,
од Милостивиот добивајќи, срцето за сите го отвори,
Пресветата пред очи имајќи ја на сите им прости.
Затоа и за нас моли се света маченичке,
која како светла гулабица при Женикот поита.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

Православен календар за 07/08/2018  

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2019 лето Господово

 Од Верскиот календар:

Св. Ана.

Мајката на Прeсвeта Бoгoрoдица. Дeнeс сe празнува нeјзинoтo успeниe, нo нeјзиниoт главeн празник e на 9 сeптeмври, пoд кoја дата e напишана и нeјзината служба и житиeтo. Ана била oд кoлeнoтo на Лeвиј, ќeрка на Матан свeштeникoт. Пoслe дoлгиoт и бoгoугoдeн живoт сe упoкoила вo длабoка старoст.

Света Олимпијада, ѓакониса;

Родена е во Цариград од мошне прочуени родители. Татко ѝ , Анисиј Секунд, беше сенатор, а мајка ѝ му беше ќерка на оној славен големец Евлавиј, којшто се спомнува во житието на Св. Николај чудотворец. Кога порасна Олимпијада беше свршена за некој големец, којшто умре пред венчавката со оваа чесна девица. Залудно и царот и останатите роднини ја советуваа да се омажи за друг, таа не сакаше никого, но се предаде на богоугоден живот, од наследениот имот правејќи големи жртви за црквите и милостињи за бедните. Служеше при храмот како ѓакониса најпрво за време на патријархот Нектариј, а по неговата смрт за време на Свети Јован Златоуст. Пред да појде на прогонство, Златоуст ја посоветува Олимпијада да остане при храмот како и порано и да ѝ послужи на Црквата кого и да постават за патријарх после него. Но веднаш по прогонството на овој голем светител некој ја запали големата црква, а пожарот зафати и многубројни значајни градби во престолнината. Непријателите на Златоуст ја обвинија оаа света жена за злонамерно подметнување пожар. Олимпијада беше прогонета од Цариград во Никомидија, каде што се упокои во 410 година, оставајќи аманет телото да ѝ го положат во ковчег и да го фрлат во морето, па каде ќе го исфрли водата таму да го закопаат. Ковчегот беше исфрлен во местото Врохта, каде што имаше црква на Светиот апостол Тома. Од нејзините мошти низ вековите се пројавуваа големи чуда на исцеление. Прогонетиот Златоуст ѝ пишуваше на Олимпијада прекрасни писма, коишто и денес можат да им послужат за утеха на оние што страдаат заради правдата Божја. Меѓу другото Златоуст ѝ пишува на Олимпијада: „Сега сум многу радосен не само затоа што ти се избави од болеста но уште повеќе затоа што толку благородно ги поднесуваш сите неволји, ги нарекуваш трици, што ѝ е својствено на душа преисполнета со сила и изобилна во богатите плодови на мажественоста. Бидејќи ти не само што благородно ја поднесуваш несреќата туку не ни забележуваш дека дошла, и тоа без напрегање и без труд и неспокојство, дури и не им ја соопштуваш на другите, но како ликувајќи и торжествувајќи - тоа служи како доказ за најголема мудрост. “ (Писмо VI).

Преподобната девица Евпраксија; Спомен на

 Ќерка на цариградскиот големец Антигон и роднина на царот Теодосиј Велики. Со мајка ѝ , којашто како млада остана вдовица, се преселија во Мисир давајќи прилози и молејќи се на Бога. Седумгодишната Евпраксија според својата горлива ревност се замонаши во еден женски манастир. Колку повеќе растеше толку потешки подвизи си наложуваше. Еднаш постеше четириесет дена. Се упокои во 413 година, во својата триесетта година. Имаше голема благодат Божја и исцелуваше од најтешки болести.