ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светите
Христови маченици
Трофим, Теофил и други
23 јули / 5 август



Маченици свети Христови,
вие браќа по вера постанавте,
напоени и закрилени од благодатта,
мачењата за ништо не ги сметавте,
Трофиме, Теофиле и останатите глава на посекување подадовте,
но Главата во себе ја зачувавте,
молете се о вие небесни цветови,
плодната земја за спасение да се умножи,
семето Христово во неа плод да донесе.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на чудотворната икона
на Мајката Божја
Почаевска
23 јули / 5 август

Милостива Мајко на Милостивиот Господ,
Која сочувствуваш со паднатоста човекова,
Војвотко храбра наша, Која за душата на секого
кој со вера ти притекнува се бориш,
сила и благодат се даде на Твојата Почаевска икона,
која стана образ за исцеление но и пат за преумување.
Пресвета Богородице спаси нé !



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобната мајка
Ана Левкадска
23 јули / 5 август

Во телесната ти дарувана убавина,
ја препозна сенката на убавината од Небесното Царство,
и поита, о, Ано слугинко Господова,
миро да купиш во обителта на девствениците.
Верата, надежта и љубовта те доведоа во лоното Спасителево,
од каде сега за нас моли се, прекрасна девственичке.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
свештеномаченик Христов
Аполинариј Равенски
23 јули / 5 август

Од Петар великиот испратен на служба апостолска,
благодатта во тебе од Бога подарена,
на маченички подвиг те поведе,
молитвата со Името Христово мноштво чудеса сотвори,
и Господа Го прослави о Аполинарие свети,
слуга на Бога вишниот,
моли се за нас, пастиру Христов,
кои денес чест и пофалба ти вознесуваме.

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

Православен календар за 05/07/2018  

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2018 лето Господово

 Од Верскиот календар:

Bogorodica.dicho.jpg

Светите маченици Трофим и Теофил  и уште тринаесетмина со нив

Пострадаа во Ликија во времето на царот Диоклецијан. Бидејќи никако не сакаа да се одречат од Христа ниту да им принесуваат жртви на идолите, беа ставани на разновидни маки: ги тепаа со камења, ги стружеа со остро железо, им ги прекршија колената и најпосле толку измачени и повеќе мртви одошто живи ги фрлија во оган. Силата Божја ги зачува неповредени од огнот. Тогаш ги извадија и ги убија со меч. Но Господ ги прослави и на земјата и во Своето небесно царство. Чесно пострадаа во Ликија во 308 година.

Светиот свештеномаченик Аполинариј

Ученик на Светиот апостол Петар, родум од градот Антиохија. Свети Петар го зеде со себе од Антиохија во Рим и во Рим го ракоположи за епископ на Равена. Кога дојде во овој град, Аполинариј влезе во домот на некој војник Иринеј, на когошто му го исцели синот од слепило и со тоа целиот тој дом го обрати кон вера во Христа. Исто така ја исцели од некоја мака и жената на равенскиот военоначалник, па го крсти и неговиот дом. Според желбата на овој военоначалник Аполинариј остана да пребива во неговиот дом. Тука направи и една домашна црква. И престојуваше во тој дом дванаесет години, проповедајќи го Евангелието и крштевајќи неверни. Во повеќе наврати беше луто мачен од незнабожечките старешини, но сесилната Божја десница го поддржуваше и го спасуваше. Најпосле беше осуден на прогонство во Илирик (на Блаканот). Коработ со којшто патуваа се разби од буре и потона, а од сите патници се спаси само Аполинариј со двајцата војници и со своите клирици. Бидејќи чудесно спасени, војниците поверуваа во силата на Аполинариевиот Бог и се крстија. Тогаш Аполинариј тргна да го проповеда Евангелието по целиот Балкан, спуштајќи се до Дунав. Потоа се упати во Тракија, каде што под истиот голем притисок го ширеше Господовото Евангелие. После три години работа на Балканот беше протеран назад во Италија. Тој дојде во Равена, каде што верните необично му се израдуваа. Кога слушнаа за ова, незнабожните старешини му пишаа на царот Веспазијан за Аполинариј како за маѓесник, па го прашаа дали да го предадат на смрт непријателот на нивните богови. На тоа царот одговори дека не треба да го убиваат, туку само да му побараат да им принесе жртва на нивните богови или да го протераат од градот, зашто вели: „Не прилега да му се одмаздуваме некому за боговите, бидејќи тие самите можат да им се одмаздат на своите непријатели ако се прогневат.“ Но и покрај оваа царска наредба незнабожците удрија на Аполинариј и го избодија со ножеви. Овој Божји слуга издивна од тешки рани, коишто го прославија во Царството Божјо. Моштите на Свети Аполинариј почиваат во Равена, во црквата што му е посветена.